Униформи за холандски медицинари се шијат во кочанско Зрновци. Во тетовско Теарце, пак, се прават јакни за германски електромонтери. Македонски фирми се трудат да фатат чекор со европскиот пазар и покрај ковид-ограничувањата.
Првпат годинава шест компании учествуваа на саем за работна облека во Германија со национален штанд. Се вратија со нови нарачки. Зошто на државата и е важно да помогне во промоција на македонските текстилци? Погледнете го видеото.
Шест компании од Северна Македонија во октомври учествуваа на саем за корпоративна облека во Дизелдорф, Германија. Претставници на „Златекс“, „Еуросолид“, „Евроџинс“, „Ларс“, „Албатрос“, и „Текстил солушнс“, распоредени на националниот штанд, се обидуваa да го привлечат вниманието на клиенти од различни земји. Учеството на саемот е оценeто како успешно, оти фирмите, како на пример штипската конфекција „Ларс“, се вратија со извесни зделки. Во фирмата-ќерка на „Ларс“, „Перун“ во кочанско Зрновци, покрај тековните производи, се изработуваат и урнеци за потенцијалниот клиент од Ирска.
„Се работи за униформи во областа на медицината кои ги продаваат во Ирска, па сега, моментално, изработуваме мостри кои ќе им ги дадеме во предвид, да ги погледнат добро. Клиентот зборува за 300 парчиња по боја и по величина, се работи за 7-8 величини во 3-4 бои, така што сериозни нарачки се тоа за нас“,
вели Кирил Нашков од текстилната компанија „ЛАРС“.
„Ларс“ има традиција во изработка на заштитна облека. Во двата погона околу 140 вработени шијат различна гардероба. Во погонот во Штип моментално се произведуваат фармерки за луѓе што возат мотор.
„Еве, ова е конкретно за колената. Се зашива за колената, ова е како џеб, во него се става протектор од пластичен дел кој штити, исто така.
-А каде ви се протекторите?
Протекторите ќе ги ставаме по перењето, бидејќи ова е фармерка, прво се пере и после се монтираат на готов производ“,
ни покажа Нашков.
Тој објаснува зошто овдешните фирми стануваат интересни за европската клиентела.
„Во рок од три недели може да ги добијат производите од денот на нарачката, тоа е голем плус за нас и друга можност што е битна за нив е дека можеме да изработиме помали налози и да се врши тоа надополнување. Сега треба да се искористи оваа шанса на моменталниот светски пазар и да преземеме поголем број клиенти“,
смета Нашков.




Во погон на „Златекс“ во тетовско Теарце се произведуваат јакни што ќе штитат од струен удар германски електромонтери. Компанијата работи по „лон принцип“, што значи дека добива се од нарачателот, а тука само се шие.
„Нè посетуваа доста германски купци, доста купци од Англија, но и од Скандинавија, и Норвешка и Шведска и Финска, тие беа заинтересирани токму за тој готов продукт. Ние имавме палета на производи од постоечките купци изложено. Неколку противпожарни одела, мултифункционални јакни за различни намени, имавме униформи војнички и имавме јакни кои се во последно време доста актуелни и баш и за нив имавме доста голем интерес“,
вели Маријана Ацески Томовска од текстилна компанија „ЗЛАТЕКС“.
На саемот, сепак, воочиле дека европскиот пазар бара друг систем на производство.
„Сега забележавме дека потребата за готов производ е доста голема. Во тој смисол ние воспоставивме многу контакти со добавувачи, нашата листа на добавувачи за материјали и репроматеријали е навистина сега зголемена и ние имаме можност да го издигнеме нашиот бизнис на едно повисоко ниво со тоа штo би понудиле готов производ на купците. Не само шиењето, туку да понудиме и наш производ“,
додава Ацески Томовска.




Текстилниот сектор е важна гранка во македонската економија. Во 800 компании бројот на вработени се движи околу 30 илјади. Придонесуваат со 2,4 отсто во брутодомашниот производ. Речиси сè што ќе сошијат македонските текстилци или 95 отсто оди за извоз, најмногу за Германија – околу две третини. Во пандемијата многу повеќе трпи модниот сектор отколку производителите на заштитна облека.

„Тие најмалку и страдаа во текот на пандемијата, бидејќи во целиот период заштитна опрема беше потребна, за разлика од модната програма која многу страдаше“,
вели Наташа Сивеска од текстилниот кластер.

Текстилниот кластер, заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Швајцарската програма за поддршка на извозот, СИПО, селектираше кои 6 фирми треба да учествуваат на Саемот за работна облека. Подготовките траеја половина година, фирмите добија експертска поддршка за подобро претставување на саемот, како и обука за поефикасно презентирање на професионалните социјални мрежи. Штандот на саемот го закупи државата, за да им даде ветер во грб на фирмите, вели директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески.
„Нас интенцијата ни е да помогнеме во моментот, додека компаниите не се осамостојат да почнат и самите да учествуваат на тие саеми. Токму и затоа споменав на почетокот дека побаравме минимален дел учество на компаниите меѓутоа со тоа да покажат спремност за некаков влог во самото организирање. Знаете што, друго е кога Агенцијата во име на државата стои позади организација, друго е кога компаниите којшто реално им треба во моментот помош, самите тоа би го правеле. Финансиската конструкција можеби и не е главниот проблем. Главни елементи сè она што значи логистика, контакт со стручни лица итн.“,
смета Павлески.
Тој го споменува Законот за финансиска поддршка, преку кој Агенцијата обезбедува поврат на средства на компании што ќе вложат во оправдани инвестиции.
„Околу 60 компании од тие се токму од текстилниот сектор. Ги користат бенефициите за капитални инвестиции, за изградба на нови хали, објекти. Новина од оваа година е тоа што овозможивме инсталации на фотоволтаици со цел производство на електрична енергија од сопствени извори. Така што, бенефициите се тука, компаниите ги препознаваат и нас ни е навистина драго што е така.“

Долгорочно, смета Павлески, македонските текстилци треба на работењето да му дадат целосно свој „печат“.
„Размислуваме во насока како да креираме еден национален бренд којшто со поголем капацитет ќе може да настапи со сопствена, брендирана облека, не само кај нас, нашиот пазар е мал, туку да пробаме да настапиме на некој од поголемите, пред сè европски пазари. Второ, да искористиме можноста за онлајн продажба што е се повеќе актуелна, особено во текстилниот сектор“,
додава тој.
Додека се изгради национален бренд, текстилните компании продолжуваат со индивидуалните битки за нови клиенти и пазари.