„Северна Македонија, заедничко и еднакво општество на сите граѓани е концепт во кој силно веруваме“,
Оливер Спасовски, технички премиер на РСМ.
„Општеството кое е фер и правично за сите“,
Едмонд Адеми, министер без ресор.
„Ромската заедница, ЛГБТ, не знам, маргинализирани, инвалиди итн…“,
Рубин Земон, пратеник.
„Ги унапредуваме правата на лицата со попреченост“,
Мила Царовска, доскорешна министерка за труд и социјална политика.
„Едно општество за сите“,
Зоран Заев, доскорешен премиер на РСМ.
Власта се фали со концептот „Едно општество за сите“, мнозинството секојдневно ита, а секој петти наш сограѓанин има проблем ако излезе од дома.
„Лицата со хендикеп се во домашен притвор, доброволен нормално“, вели Елена Кочовска од здружението „Полио плус“.
– Вашиот концепт е едно општество за сите, има ли место во тој концепт и за овие луѓе?
– Апсолутно дека има –
ни одговори министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
******
Ертан и Абаз немаат друга опција освен да се снаоѓаат во сообраќајниот хаос. Автоматизираните колички, по цена од осумстотини евра, ги набавиле од странство со помош на нивното здружение. Така полесно сами ги напуштаат домовите, но:
„Секој ден е мизерија за нас, секој ден мислиме некој да ни помага…“,
вели Ертан Шакири од здружението „СОС вита“.

„Може рампава? Може да ни помогне некој? Оваа работа е катастрофа кај нас. Ниту една рампа не работи“,
реагираше Ертан на влегување во автобус.

Возачот, на крај, се смилува и им помогна на патниците, но битката со ЈСП ја водат откако се набавени автобусите. Јавното претпријатие би обезбедило еднаков превоз за сите само доколку ги сервисира постоечките рампи на автобусите. Се работи за ваков тип вградена рампа, на која луѓето во количка, без да молат за помош, би можеле да се качуваат во автобус. ЈСП годишно троши 21 милион евра, но рампите не ги сервисира редовно. На онлајн-пазарот, нова рампа се наоѓа и за 350 долари.
„Петнаесет отсто од возилата во кои не функционира системот на пристапните рампи, дефектите се од различна природа, но, генерално, тие се лесно расипливи, односно сензорите кои се дел од тие пристапни рампи постојано се изложени на надворешните влијанија. Сето она што го има на улиците, камчиња, прашина, кал, вода и слично“,
вели портпаролката на ЈСП, Деспина Трајковска.
– Претпоставувам не е голем трошок за ЈСП бидејќи располагате со големи средства, еден сервис на рампа не би требало да ве чини многу пари и време?
„Пари и време, релативна појава многу или малку, меѓутоа, сепак немам конкретна информација“,
ни одговори Трајковска.
Обезбедувањето непречен пристап на луѓето со попреченост е прецизно уреден во Правилник на Министерството за транспорт и врски. Сите јавни и приватни објекти се должни на влезовите да стават рампи.

Државниот завод за статистика има поставено две рампи, иако не е толку фреквентна институција.

Во Управата за водење на матичните книги, каде што секојдневно е врволица од луѓе, ставиле рампа со косина која тешко се совладува и со каква било количка.

Правилникот ги опфаќа институциите, училиштата, угостителските места, поштите, банките, автобуските станици, културните и спортските објекти и секој станбен и деловен субјект.
Секој јавен или приватен субјект уште во фаза на проектирање мора да ги земе предвид условите за пристапност за сите граѓани. Така налага и Законот за градење од 2010 година. За постарите објекти, приспособувањето е предвидено при евентуална реконструкција. За непочитување на стандардите би требало да следуваат казни.
Од 6 500 до 10 500 евра е казната ако проектантот не предвиди непречен пристап во и до градбата.
21 000 евра е казна за проектантската куќа која ќе нацрта непристапен објект.
6 000 евра за одговорното службено лице кое ќе даде одобрение за незаконска градба.
17 000 евра е за изведувачите на незаконитиот објект. Евентуалниот пропустот може да го чини до 8 500 евра и инженерот за изведба.
Од 3 до 6 000 евра глоба им следува на одговорните лица во општината ако при изградба или реконструкција на постоечките јавни површини, пешачки патеки и слично не постапат по закон.
-Нема санкции, нема казни. И самите луѓе дури и да сакаат да тужат веројатно прашање е дали имаат пристап до органите.
-Зборуваме за објекти од 2010 година, при самата реконструкција на старите објекти, обврска е тие институции да го запазат ова што е предвидено Законот и Правилникот и мора, ако сакаме сите да бидеме еднакви во ова општество, да им се овозможи на тие лица да го искористат ова право што го имаат и согласно Законот и согласно Правилникот.
-Но, знаете како функционираат институциите, со притисок од повисоко ниво. Никој доброволно нема да смени ништо.
-Да, но, пак ќе кажам, од локално значење е обврска на општините да го регулираат овој процес.
-Зошто не се стави високо на агендата, еве денеска имате владина седница, кој е тој, можете ли вие да им предложите на владините членови, ете, да се издигне ова прашање на повисоко ниво и да си земат обврска во својот домен да придонесат?
-Јас тоа можам да го поставам, но, се разбира, дека е битно да се почитува закон – вели за „360 степени“ министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Досега во јавноста одекна само еден пример на пресуда, и тоа против Општина Делчево, за дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост. Тужителот долго време не можел да го напушти домот бидејќи излегувал директно на фрквентна улица, што му предизвикувало страв и несигурност. Судот во 2015 година ја задолжил Општината да изгради тротоар и рамник, согласно техничките стандарди за лица со попреченост.
Ова е изолиран пример зашто тужбите се реткост. Но, ако има пари да се реагира по правосилна пресуда, зошто пречките не се отстрануваат пред работата да дојде до суд?
Годинава државата каса тежи 3,9 милијарди евра. Единствената ставка која директно ги опфаќа и лицата со попреченост се пари за социјална заштита. Од Движењето против хендикеп „Полио плус“ проценуваат дека 20 до 25 отсто од граѓаните имаат некаков вид попреченост, а буџетските пари се проектирани да ги опфатат само луѓето со стопроцентна попреченост, и тоа како социјални случаи. Тие се повикуваат на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, според која, земјите потписнички, како Македонија, мора за секој сегмент од животот на граѓаните да обезбедат „непречен пат“ за интегрирање на луѓето со попреченост.
„Прашање е дали воопшто знаат за обврските што произлегуваат од Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. Еве, сега популарно е загадувањето, за да го намалиме загадување, и викате ќе пристапите кон намалување или забрана за движење на автомобилите, мора тогаш да го поставите прашањето како тоа ќе се одрази врз заедницата со хендикеп на кои единствено превозно средство им е автомобилот, а притоа вие не сте изградиле никаква друга инфраструктура. Има многу прашања, меѓутоа, за жал, ниту една буџетска ставка, ниту една буџетска линија ниту една мерка во државата во основа не се разгледува од аспект на интересите на заедницата со хендикеп што, повторно кажувам, е голем, голем сериозен хендикеп, за самата наша држава“,
вели Елена Кочовска од здружението „Полио плус“.

Покрај социјалните трансфери, пари од буџетот се слеваат и во Агенцијата за вработување во посебен фонд за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица. Без да обезбеди услови за да стигнат до работа, државата помислила да ги стимулира фирмите да вработуваат луѓе со попреченост. „360 степени“ веќе објави дека оваа мерка се злоупотребува и дека лицата, иако пријавени, не одат на работа.
„Дваесет проценти од заедницата, ако ти е целосно исклучена и не ти е вклучена како потрошувач, како работник којшто може да придонесе во државата со својата работливост, својата економска моќ, можеби со својата креативност, ти целосно ги тргаш од пазарот и тоа влијае врз економијата, исклучиво тие луѓе ти се ставени на трошок“,
додава Кочовска.
И додека државата каска со интеграција на лицата со попреченост, група млади програмери сакаат да станат херои. Тие изработиле софтвер за т.н. паметна инвалидска количка. Придружната опрема може да се вгради на каква било количка, а рутата на движење и моменталната состојба на корисникот да се следат преку сензори кои испраќаат пораки до мобилна или веб-апликација. Мотив на групата е нивната другарка Вероника, но и други блиски кои се стопроцентно парализирани, да ги извлечат од дома.
„Со оваа иновација и со помош овие очила, ќе им овозможиме на самите лица со помош на камерата да гледаат на различни страни. Во зависност насоката на која гледаат камерата да гледаат на различни страни и во зависност од насоката на која гледаат камерата да детектира на која страна е погледот на лицето и количката соодветно да се движи. На пример, ако лицето гледа право, камерата сигнализира дека ирисот од окото е право и количката се движи во насока право“,
вели Давид Лазарески, член на тимот „Фром зироу то хироу“.

Целосната опрема што треба да се постави на една количка би чинела од 50 до 60 долари. Со движење на окото, количката би се движела без физички напор, но бариерите околу нив сепак ќе останат.
„Ние развиваме концепт којшто е на доста напредно, високо ниво со кое им овозможуваме на лицата да се движат во општеството, ама треба државата да е свесна дека условите треба да бидат приспособливи за таквите лица“,
додава Лазаревски.

На младите иноватори им треба уште еден месец за да го развијат прототипот на паметната инвалидска количка. На државата и општеството ќе им треба многу повеќе време за да овозможат уставно загарантираната еднаквост да не биде привилегија, сепак, само за дел од нас.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.
