Новинарот на БИРН, Васко Маглешов, кој го објави истражувањето за ангажманот на 58 хонорарци во Владата, во дебатата на „360 степени“ вели дека е добро што, сепак, Владата ја промени првичната одлука и реши од понеделник да ги даде на увид на јавноста имињата и делата на ангажираните хонорарци. Но, за него останува впечатокот дека тоа можело да се случи и порано, пред големиот притисок од јавноста.
„Ме радува што Владата е респонзивна и што одговори по неколку дена консултации, но останува, сепак, впечатокот дека тоа можела да го направи и претходно. Ние се обративме до Владата уште на самиот почеток, при што децидно Владата во одговор до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер вели дека станува збор за личен податок, не само за имињата и презимињата, туку и за делата. Ова е тоа што Владата ѝ го одговорила на Агенцијата. Зошто сега доаѓа оваа промена? Веројатно поради јавниот притисок и ми е особено драго што БИРН успеала, условно кажано, да ја вразуми Владата и да сфатат дека тоа се податоци од висок јавен интерес“,
вели Маглешов.
Тој додаде дека во одговорот на Владата до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации било речено дека и видот на делата за кои се ангажирани хонорарците се личен податок, бидејќи индиректно преку делата било возможно тие да се идентификуваат.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во вечерашната дебата, на самиот почеток, рече дека ја промениле одлуката и од понеделник имињата на хонорарците ангажирани од Владата ќе бидат достапни за јавноста преку Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Маглешов на ова вели дека тие како истражувачки новинари ќе го побараат списокот и ќе продолжат со информирање на јавноста.
Целото истражување на БИРН може да се прочита ТУКА.