Иако е сместена речиси во срцето на Битола, битолската населба Баир со години како да е отсечена од градот. Тука државата како да е целосно отсутна, а заедницата функционира по свои интерни закони. Идејата дека Баир треба да се урбанизира обично заживува пред избори. Но, досега, не ја спроведе никој.

Заокружена 12ка на речиси секој агол од битолската населба Баир, потсетува на неодамнешната изборна битка.
Но, освен графитите, нема речиси ништо ново.
Пред една година, во врвот на епидемијата со ковид-19, „360 степени“ го посети едно од најсиромашните места во земјава – ромското маало Баир во Битола.

„Ова на вода ли личи? Не е живот ова. Владата нека преземе малце мерки. Како сите што живеат така и ние сакаме да живееме Ромите“,
порачаа Реџеп Вејсел од Баир во изјава за „360 степени“ во ноември 2020 година.
Денеска сме на истото место.
„Не не ни сменето ни ништо, самите гледате, јавноста нека види. Ова не е живот. Ова нека се реши еднаш засекогаш, барем нека ни дадат некои станови барем, да можеме да си живееме луѓето како што треба“,
вели Вејсел.
Населбата и натаму е без вода, струја и канализација, а импровизираните живеалишта остануваат можен извор на зараза.

„Поминаа изборите и толку, готово. Пак ние остануваме во кал. И цел живот вака ќе бидеме овде“,
вели Вејсел.
Иако е сместена речиси во срцето на Битола, битолската населба Баир со години како да е отсечена од градот. Тука државата како да е речиси целосно отсутна, а заедницата функционира по свои интерни закони.
„Сиромаштијата секаде ја има, и дрогата и проституцијата ја има сегде во светот и не можам да кажам дека тоа го нема во нашето ромско маало баирско. Овде е, дефинитивно, хаос“,
вели жител на Баир.

„25 години сум јас тука. Секогаш вака било. Гласовите ги даваме, не лажат ваму-таму, а ништо не прават“,
вели жителка на Баир.
Меѓу ретките новости на Баир е свежо поставениот песок на еден од тесните калливи сокаци.

„Дојдоа од една партија, не знам која партија беше, турија малце тампонче, онде дупки, кал, вода, па потаму малце тампонче, она е срамота што си играат со нас и гнасота. Верувајте, ние не сме некој отпадок, како што не замислуваат, како една стока“,
критикуваат жителите.
Првиот проблем што треба да се реши на Баир е урбанизацијата. На пример, едно од најсиромашните места во Баир познато како „Картон-сити“ веќе напразно го носи својот „епитет“ – низ годините, картонските куќички станаа цврста градба. Без план и контрола.
Идејата дека Баир треба да се урбанизира обично заживува пред избори. Но, досега, не ја спроведе никој.

„Претходната градоначалничка што направи за Баир? Ништо, таа само празни ветувања ни даде. Е сега, не знам овој. Сега е дојден, ќе видиме понатака; Нема да ги критикувам ни едната ни другата партија, да ти кажам право, никој – само да фатат подобри фотелји. И поубаво нив да им биде“,
велат жителите.
Бидејќи Баир не им е приоритет на актуелните „големи“ партии, Ремзи Медик, кој доаѓа од невладиниот сектор, решил да настапи на локалните избори како носител на независна советничка листа.
„Мораме на некој начин ние проблемите и решенијата да ги наоѓаме, бидејќи ние се соочуваме со тие проблеми. Тоа ви е исто како мене да ме боли забот и вие да одите на стоматолог. Значи, ние мораме на некој начин да придонесеме“,
вели Медик.
Иако е задоволен од одѕивот, Медик не доби доволно гласови за да влезе во општинскиот совет. Причината, смета, е долгогодишен проблем – притисоци врз гласачите Роми.

„Ако не гласате за нас, нема да ви ги исполниме барањата од типот вода, асфалт…Имаше и други средства кои се користеа за да ги придобијат тие гласачи, некаде околу 30 отсто од тие гласачи што ги дадоа гласовите за политичките партии“,
вели Медик.
Така, засега судбината на Баир е во рацете на политичарите кои доаѓаат од двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и ние „тропнавме“ на нивна врата по одговор – зошто нема напредок на планот на урбанизација.
Доскорешната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, ја одби нашата покана.
За време на нејзиниот мандат, највидливиот проект беше изградбата на заштитен ѕид на делот од регионалниот пат кон Ресен кој минува покрај Баир. Претходно, баирчани го блокираа со ѓубре во знак на протест за условите за живот. Зад него, се си остана исто.

Најголемата надеж за урбанизација на Баир сега се невладиниот сектор и меѓународната помош.
Со пари од ЕУ и логистичка поддршка од Општината, до следната година треба да се изработат урбанистички планови, кои ќе послужат како основа за да се реши статусот на дивоградбите на Баир и потоа да се донесе комунална инфраструктура.
„Ние не очекуваме дека ќе има никаков прекин, бидејќи независно од тоа која гарнитура е на власт, станува збор за Општина Битола и за институција која е од јавен интерес за сите граѓани. Со оглед дека ГУП-от, како што следев, беше во изборните програми на сите кандидати за градоначалници на Битола, дури и на новоизбраниот, така што не се сомневам дека би наишле повторно на соработка и на зајакнување на сите активности кои го вклучуваат делот на урбана надградба“,
вели Климентина Ѓорѓиевска, проект менаџер на проектот „БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“.

Паралелно со носењето на урбанистичките планови, невладините со низа активности се обидуваат да ги доближат институциите до локалните жители и да им излезат во пресрет за секојдневните потреби. Интересот, засега е мал.
„Проблемот е децениски, не е решен и луѓето имаат изгубено доверба во самите институции и мислам дека тоа е причината што не доаѓаат“,
вели Фализ Алиу, член на тимот за поддршка во рамки на проектот.

„Доаѓаме тука колку што можат овие што се тука надзорници помагаат, но сепак и над нив има поголеми луѓе што треба да ги решат овие работи. Да ти кажам право, не очекувам многу, бидејќи многу ветија, а ништо не направија, така што немаме надеж, а одиме и гласаме“,
вели жителка на Баир.
На изборите, Битола, а со тоа и Баир, добија нов градоначалник. Тони Коњановски од ВМРО ДПМНЕ тврди дека ќе продолжи со работа на проектот за урбанизација на Баир и зајакнување на заедницата, иако тоа не беше дел од неговата предизборна програма.
-После 4 години ќе го видиме Баир урбанизиран?
вели Коњановски.
-Дај Боже. Тоа е дел од градот кој не успеал никој досега да го среди и се надевам дека дел по дел, барем дел ќе помогнеме. Дека тоа комплет ќе се реши мислам дека е несериозно да се каже сега од оваа стартна позиција. Треба да се влези во општината и да се види што е можно да се направи

Коњановски не доби поддршка во голем дел од местата каде живеат Роми, но вели дека тоа му е дополнителен мотив за да се заложи за промени. Но, не се дамнешни времињата кога токму партијата на Коњановски ја имаше и централната и локалната власт во Битола, што не направи разлика за Баир.
Зошто овој пат граѓаните би верувале дека ќе биде поинаку?
вели Коњановски.
Можеби верба, волја да се реши тоа и како лекар знам што значи тој дел на таа популација – здравственото воспитување нивно, здравствената едукација и структурата која ја имаат и во делот на вакцинација која порано сме ја спроведувале, и во делот на водоснабдувањето.. Како лекар можеби ќе се заинтересирам за решавање на тој проблем.

Но, освен волја, за решенија ќе требаат и инвестиции, како изградба на социјални станови и конкретни мерки за интеграција на заедницата – процес за кој допрва ќе притиска и Европската Унија.
Во меѓувреме, надеж за баирчани останува позитивниот дух, па кој и да е на власт.