Победничка атмосфера владее во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош. Со зурли и тапани се свират и се пеат македонски патриотски песни
Лукровски им се заблагодари за поддршката на сите пријатели, роднини и приврзаници, но и на коалициските партнери во изминатите месеци

Нивниот кандидат за градоначалник, Сотир Лукровски, пред малку прогласи победа, по што на местото веднаш започна славје.
Со зурли и тапани, но и со факели приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ слават за победата.
„Уште утре одиме во општина“,
се пошегуваа присутните.
Лукровски им се заблагодари за поддршката на сите пријатели, роднини и приврзаници, но и на коалициските партнери во изминатите месеци.
„Не победи Сотир, победивме сите ние“,
кажа тој пред присутните и дополни дека од утре во Карпош ќе има нова светлина.
Поддржувачите на Лукровски со аплаузи го проследија неговиот краток говор и довикуваа:
„Слободен Карпош”, „Стоп за бетонизација и мафија”.
Кратко беше и славјето со зурли и тапани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош.
Лукровски кажа дека ќе се повлече во партиската централа, а на присутните им кажа дека ќе продолжат да слават во текот на ноќта.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во Општина Карпош од обработени 86,49% од гласовите води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски со 11 845 гласа, наспроти Стевчо Јакимовски од ГРОМ („Искуство за успех“) со 10 592 гласа.
