Државната комисија за спречување на корупцијата деновиве прави 20 години од своето основање. „360 степени“ разговараше со луѓето кои се во институцијата уште од првиот ден но и со актуелното раководство
Антикорупциската комисија е институција која почна со мали простории во Министерството за правда и со 5 вработени за поддршка, за денеска да прерасне во институција со 48 вработени и соодветни просторни услови

Симболите на комедијата и на трагедијата се нем потсетник дека оваа зграда требаше да биде Факултет за драмски уметности. За плачење или за смеење, политичките наречници и одредија поинаква судбина, па, наместо студенти, во зградата се сместија борците против корупцијата.
А, деновиве тие прават 20 години. Не студентите, туку Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Повелете, ова ни е новата куќа.
–Колку време сте тука? И во старата и во новата куќа?
„20 години. Можеби и некој ден повеќе“,
вели Софка Пејовска – Дојчиновска, членка на актуелниот состав на ДКСК.
Софка Пејовска – Дојчиновска во моментов е член на Државната комисијата за спречување на корупцијата. Претходно била дел од Секретаријатот на оваа институција, а уште порано, пак, дел од тимот во Министерството за правда кој практично ја создал Антикорупциска.
„Тогаш, во тој момент, бев во некоја фаза своја на професионална ангажман, бев спремна да прифатам предизвик, сама се понудив да бидам дел од групата на луѓе коишто ќе бидат поддршка на комисијата… “,
вели Пејовска – Дојчиновска.

– Според вас, кој состав или во кое време имаше најголем ентузијазам за работа во Комисијата?
„Да ви кажам искрено, мислам дека ентузијазмот е врзан со почетоците секогаш. Нема да згрешам ако кажам дека првиот состав, кога беше избран, дека донесе ентузијазам многу“,
– Во овие 20 години, кога мислите дека како институција најмногу сте ја потресле и јавноста, но можеби и политичкиот естаблишмент во тој момент: Кога можеби сте почуствувале најголем притисок од надвор?
„Не би било многу фер да кажам дека претходните состави не направиле некакво постапување кое не се одразило во јавноста, но сметам дека од нашето работење, од почетокот на нашето работење (на актуелниот состав н.з.), влегувањето во костец со актуелната политика, со актуелните политичари, кога вие ги прозивате од премиер, вицепремиер, министри, директори…“,
– Значи, сметате дека актуелниот состав е најкритичен настроен кон актуелната власт?
„Па сега, малце нескромно може ќе звучи тоа, сепак, но мислам дека двете алатки – тоа што нас не избраа на начин на кој не избраа, којшто стана препознатлив и пофален и од Европската Kомисија и од другите меѓународни субјекти, фактот дека сме ние исклучиво пред јавноста отворени, тоа не прави и храбри и ни ја гради довербата кај граѓаните“,
Кога ќе погледнете 20 години наназад, дали сметате дека професионално се реализиравте или дека беше тоа потрошено време?
„Со задоволство ќе ја завршам својата професионална кариера со многу позитивни чувства кон оваа институција. Знаете како, како новороденче кое сте го израснале до 20 години“,
вели Софка Пејовска – Дојчиновска, актуелна членка на ДКСК и поранешна вработена во Секретаријатот на институцијата.
Јубилеј од 20 години, заедно со ДКСК, слави и Владимир Георгиев. И тој сега е член на Комисијата.


– Најдовте ли фотографии како што разговаравме, од постарите состави?
Да
– И вие сте практично од почетокот на институцијата?
Да, во секретаријатот. Да најдов фотографии, повелете, може да ги погледнеме.
– Ова е?
Ова е фотографија од првиот состав на ДКСК којшто беше именуван во 2002 година. Како што гледате, еве ги на седница, одржуваат седница. На фотографијата е Драган Малиновски, до него седи Михајло Маневски, Слаѓана Тасева, од оваа страна се другите членови на комисијата – Сами Асани, Јован Трпеновски, Вања Лазарова и Нервет. И на крајот се гледа генералниот секретар тогашна, сега членка на Комисијата, Софка Пејовска Дојчиновска.
изјави Владимир Георгиев, актуелен член на ДКСК.
Меѓу фотографиите имаше и такви од вториот … и од третиот состав на Комисијата. И толку. Се чини дека ниту во комисијата немаат спомени од подоцнежните состави, од втората половина на минатата деценија.
– Добро, Владимир, од сите состави, кој состав би рекле дека беше со најмногу ентузијазам за работата?

„Би рекол првиот состав што беше именуван од Собранието се соочи со оние породилни, односно маки на новороденче или предизвици за да си го заземе своето место во системот за борба против корупција во државата. Веднаш се зафати Комисијата може да кажам со сериозните предизвици што стоеја пред нејзе … и, меѓу другото, се зафати со отворање на предмети за сомнежи за корупција на тогашните функционери. Меѓутоа, она што најмногу ја одбележа оваа, првиот состав на комисијата и во јавноста, беше еден предмет наречен Бачило, бидејќи тој предмет беше отворен врз основа на ревизорски извештај, меѓутоа вклучуваше високи претставници, тогашни актуелни, и од власта но и други службени лица..
Како завршија тие предмети. Знаете или веќе имате изгубено трага?
„Значи, тие предмети, повеќето што беа за приватизација, не го добија својот конечен завршеток, ниту во јавното обвинителство. Од сите тие предмети, колку што јас се сеќавам, само овој доби јавнообвинителска проследеност и судска завршница – овој предмет Бачило. Сето ова ги следи сите, вклучувајќи го и овој состав на Комисијата, значи ние продуцираме инцијативи за кривично гонење но, за жал, некако од обвинителството не се соодветно проследени“,
Во тој контекст, морам да Ве прашам, еве после дводецениско работење, дали се чувствувате реализирано во оваа смисла? Бидејќи, ефектите од вашата работа не добиле реализација во јавнообвинителски процедури?
„Да, јас се осеќам реализирано и сето она што ние го вложивме како последен состав од 2019 година навака, сметам дека повторно на одреден начин го возобновиме ова тело. Морам да кажам уште нешто, дека некаде во периодот меѓу 2016 до 2018 година, знаете, ова тело навистина беше доведено на работ на постоењето бидејќи дел од членовите си поднесоа оставки, па беа разрешени од Собранието, меѓутоа меѓународните извештаи, европските извештаи за прогресот, напредокот на државата, констатираа дека телото не ги исполнува своите надлежности утврдени во законот, не е доволно проактивно, сосема е затворено кон јавноста, едноставно не се знаеше што работат членовите во тогашните состави. Овој состав откога дојдовме ние, мислам дека успеавме да го возобновиме телото, да си го најде местото во системот каде што го заслужува“
изјави Владимир Георгиев, член на ДКСК.
ДКСК има почнато со пет вработени, сега има 48. Во 20 години работи институцијата отворила 25 630 предмети. Од нов, 8 645 предмети биле за корупција. Поднеле и 184 кривични пријави.

– Претседателке, поминаа две децении од основањето на Антикорупциската комисија. Барем во времето додека Вие ја водите оваа институција, дали сметате дека вашата работа и работата на луѓето од оваа институција, наидуваат на вистински одговор од институциите или наидува на глуви ушти?
@За жал, не можам да бидам задоволна од степенот на прифаќање, односно спроведување на нашите препораки. Тие проценти се многу ниски. Околу една третина од препреките се прифатени а активностите од националната стратегија се исто така во многу мал процент спроведени, некаде околу 20-тина проценти. Меѓутоа, сметам дека направивме успешна промена во општеството и дека придонесовме за зајакнување на свеста на граѓаните но и на однесување и свеста и на избраните и именувани лица“,
-Во таа смисла, не можам а да не ве прашам – дали мислите дека извршната навистина посакува една независна и силна Антикорупциска комисија. Кој е вашиот впечаток?
„Видете, впечаток… они колку и да кажуваат дека посакуваат никој не сака да му дише во врат и да му кажува каде греши. Мислам тоа е природно, човечки. Само, доколку власта е со висока свест и ослободена од сите политички товари и слично, може да посакува таква институција којашто ќе укажува за добро на целата држава. Значи ние сите треба да сфатиме дека сме сите еден тим којшто треба да придонесе за подобар живот на граѓаните и поекономично трошење на буџетските средства“,
Од лична перспектива и имајќи ги во предвид личниот вложен труд и вложениот труд на целата екипа тука и вложените финансиски средства од Буџетот и имајќи ги во предвид ефекктите од вашата работа, дали вредеше што се кандидиравте и што се нафативте на оваа позиција во изминативе години?
„Да, јас сум задоволна, иако мислам дека да не беа некакви потешките наидувавме, а вие барем не следите од самиот почеток, ќе бевме и многу поефикасни. Меѓутоа и ова што го постигнавме е добро и сум задоволна и сметам дека секој треба да се вложи и да направи, секој да направи барем по мал чекор во општеството, општеството ќе почне забрзано да се движи напред. Ние се потрудивме да оставиме наш печат со нашето работење во комисијата којшто ќе биде одраз на нашето професионално, непристрасно и независно работење и мислам дека сме успешни во таа наша да речам заложба“,
изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.