Обединетото Кралство очекува Северна Македонија да го продолжи, но и да го интензивира реформскиот пат. Пораката во Скопје ја донесе британскиот министер за Европа, Лео Докерти, кој за 360 степени, вели дека е клучно партиите во земјата да ги надминат меѓусебните разлики за клучното прашање за промена на Уставот. Во интервјуто, Докерти зборува за војната во Украина, ефектот врз Западен Балкан и можните ризици за регионот, соработката меѓу Лондон и Скопје, бранот албански мигранти кој ја преплави Британија
360°: Министре, доаѓате во Северна Македонија во многу специфичен момент – тензична домашна политичка ситуација во која мнозинството и опозицијата имаат целосно различен пристап во однос на прашањето за уставни промени, ситуација во која има потреба од повеќе реформи и помалку политичка калкулација заради иднината на земјата, во која дебатата и пораките од меѓународната заедница за потребата од подинамична борба против корупцијата достигнаа нови нивоа. Какви пораки, вие како претставник на Обединетото Кралство, носите за Владата и за другите политички актери во земјата?
Лео Докерти: „Пораката до вашата влада е да ѝ честитам за реформите што ги спроведува. Често, реформскиот пат е тежок, но ние го сметаме за исклучително значаен и е во интерес на сите, дали во регионот, дали пошироко низ светот. Односот меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија се темели на заеднички интерес во чија суштина се реформите што се во тек. Денеска самиот се уверив во големиот економски интерес во фабриката „Џонсон Мети“ – тој вид странски директни инвестиции и тој вид економски раст, кој е многу важен и е од корист за вработувања и нуди просперитет за Северна Македонија, зависи од имањето добра економска атмосфера, a дел од тоа, пак, е поврзан со домашните институции. Мојата порака до Владата и до граѓаните на Северна Македонија е да им честитам за реформската програма и, секако, се надевам дека ќе има дополнителни реформи во наредниот период и тоа е многу важно.“

360°:Кои се работите на кои мислите дека треба да има фокус?
Лео Докерти: „Продолжување на добра бизнис-клима, а тоа секако зависи од борбата против корупцијата, од постоењето транспарентни институции, независно судство и силни институции. Сметам дека Северна Македонија е на добар пат и тоа го видовме од аспект на нивото на британски директни инвестиции кое е многу значајно… Но, тој пат не секогаш е лесен и јасно е дека земјата е на пат на пристапување кон ЕУ, што бара низа сериозни реформи. Обединетото Кралство, во меѓународни рамки, зазеде друг пат, но тоа не значи дека нема да бидеме многу блиски пријатели и дека нема да соработуваме, особено во делот на реформата и сме многу горди што заедно сме дел од исто НАТО-семејство, при што Алијансата ја сметаме за основа на колективната безбедност. Задоволни сме што Северна Македонија е членка на НАТО и се радуваме на натамошно продлабочување на односите.“
360°:Ја споменавте интеграцијата во ЕУ. Дали гледате потреба од силно единство меѓу политичките партии за остварување на таа цел – членството во ЕУ?
Лео Докерти: „Мојата позиција, моето мислење е дека тој процес ги надминува политичките и партиските поделби од кој корист би имале сите во земјата. Јасно е дека треба серија тешки реформи на Уставот, но се надевам дека тоа би било нешто што би ги надминало поделбите во партиската политика.“
360°:Го споменавте НАТО. Војната во Украина има свои негативни импликации, кои не се само економски, врз земјите од Западен Балкан и покажува дека регионот сè уште е склон кон дестабилизација. Гледаме влошување на ситуацијата на северот на Косово, политички превирања во Босна и Херцеговина, Србија не се усогласува со заедничката надворешна политика на ЕУ кон Русија. Дали предвидувате можност за дополнителна нестабилност или јасна опасност за Балканот?
Лео Докерти:„Тоа е добро прашање и мислам дека независната агресија на Путин врз Украина ја тестираше колективната западна решителност, единството. Токму поради тоа, чувствителни места како Западен Балкан, беа дестабилизирани. Затоа, мислам дека наша работа е да соработуваме со сојузниците за да се осигуриме дека ќе ги задржиме решителноста и чувството за заедништво за да се спротивставиме на агресијата на Путин. Оние земји што му се или му беа сојузници можеби подразмислија за својот избор зашто Путин покажа дека не е доверлив партнер во однос на прашања како енергетика и безбедност. Наспроти дестабилизирачкиот ефект, на долг рок, оние земји што имаа блиски релации со г. Путин можеби ќе сакаат повторно да размислат за своите сојузништва.“
360°:Северна Македонија како нова членка на НАТО го презеде својот дел од помошта за Украина, се разбира, според нејзините можности. Но, критичарите велат, како и во многу европски земји, дека со подарувањето, на пример, тенкови и дополнителна опрема, македонската одбрана станува сè послаба. Имајќи го предвид вашето воено потекло, дали ова беше вистинскиот потег и ако е така како сега сојузниците, вклучувајќи го Обединетото Кралство, можат да помогнат во градењето посилни и помодерни македонски капацитети?
Лео Докерти: „Секако дека обезбедувањето западна воена помош за Украина беше вистинската политика и јасно е дека тоа не беше дел од функциите на НАТО, но мислам дека она што го сфативме, она што оваа година нè научи, е дека добра и силна одбрана лежи во сојузништво, во држави што се заедно за да соработуваат и ја надградуваат сопствената безбедност. Затоа ни е многу мило што С Македонија е дел од НАТО-семејството. Секако, има многу мали земји и исправно е тие да бидат дел од поширока алијанса. Претходно работевме со, на пример, Естонија која е мала, но стратегиски многу важна земја. Таа е како С Македонија – мала, но стратегиски многу важна и има важна улога во нашата колективна безбедност. Затоа, мислам дека лекцијата од оваа година е дека вистинската одбрана се наоѓа во соработката, во сојузништвото и заедничкото работење. Секако, Северна Македонија можеби е една од поновите членки на НАТО, но има уште две значајни членки кои одат по патот на пристапување кон НАТО – Финска и Шведска, што е историски значајна промена во нивната одбранбена поставеност, со што се покажува валидноста и новото проширување на НАТО.“
360°:Оваа година Северна Македонија и Велика Британија слават 29 години од воспоставувањето дипломатски односи. Во последните години Велика Британија е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија. Бројките се добри, соработката е добра, но што друго може да се направи за да се подобрат односите? Во некои кругови во Скопје се зборува дека потегот во вистинска насока би бил безвизен режим за граѓаните на Северна Македонија.
Лео Докерти: „Да, тоа се нешта за кои би можеле да размислиме. Мислам дека основата е во размената во образованието, зашто мислам дека образованието надживува сè, било даночна реформа, даночни олеснувања или економска размена. Мислам дека би сакал да видам повеќе образовни врски меѓу нашите две земји зашто мислам дека тоа би придвижило понатамошно поголемо економско инвестирање што, пак, би довело до просперитет и вработувања. Мислам дека оние што воделе бизнис во вашата земја се импресионирани од високото ниво на обученост. Оттука, вашиот човечки капитал како мала, но стратегиски многу важна земја е вашата главна привлечност и тука би требало да ги удвоиме напорите.“
360°:Мислите ли дека е можно во блиска иднина да има безвизен режим меѓу двете земји?
Лео Докерти: „Сè е возможно и тоа e една од работите што ги разгледуваме, но нема да бидам навлечен на тоа прашање вечерва, но можам да кажам дека сме многу ентузијасти за олеснување на повисоко ниво на поврзаност меѓу нашите две земји. Тоа е во сечиј интерес.“
360°:Има големо прашање во британската јавност за мигрантите кои во голем дел доаѓаат од Албанија. Владата на Обединетото Кралство најави нови мерки за справување со големиот број албански мигранти кои пристигнуваат и бараат азил. Која е причината за ваков мигрантски бран?
Лео Докерти: „Подолг период криминални банди во Албанија и во други земји ги искористуваа нашите закони во сферата на азил со цел да злоупотребуваат луѓе кои се очајни од економски причини. Се надеваме дека, во партнерство со Албанците, конечно ќе се фатиме во костец со ова прашање. Долго време албанската влада бараше од нас да ја одредиме Албанија за безбедна земја, нешто што многу европски земји го направија. Ние го правиме тоа и во соработка со Албанците се обидуваме да ја намалиме страшната експлоатација од страна на овие криминални банди кои тргуваат со луѓе низ Европа, што често има трагични последици како загубени животи, особено во обидите за преминување на Каналот (Ла Манш). Луѓето сакаат да дојдат во Обединетото Кралство зашто сакаат да работат и да бидат дел од нашата многу динамична и разновидна економија, но постојат безбедни и законски начини за да се оствари тоа. Ние секогаш ќе имам висок степен на имиграција зашто тоа е во природата на нашата економија, но тие што го сакаат тоа мора да ги користат безбедните и законски начини.“