Со 20-ина илјади жители на североистокот од државата, Крива Паланка е општина во која нема пријави за бучава и гласна музика од кафеани. Но, затоа граѓаните често се жалат до општинскиот инспекторат за ѓубрето, загадувањето на животната средина и градежништвото.
Ама колку жалби и да има, тие ќе завршат кај вкупно 2 и пол инспектори во Општината. Општина Крива Паланка има еден комунален инспектор, еден кој покрива две области – за домување и за животна средина и еден градежен инспектор кој го делат со Општина Кратово. Според меѓуопштинскиот договор, градежниот инспектор треба еднаш неделно да доаѓа во Крива Паланка. Како функционира ова и дали е доволно, прашавме во Општината?
Градоначалникот Борјанчо Мицевски вели дека состојбата наскоро ќе се подобри откако ангажирале уште еден инспектор преку Агенција за привремени вработувања. Со таа бројка, вели тој, ќе може да се стаса сè, но под услов инспекторите да добијат дополнителни обуки и средства.
„Овој кадар којшто го имаме, со доволно и правилно насочување, обука, но покрај тоа и материјално екипирање, во насока на тоа дека можеби е потребно и возило, и тоа поединечно за секој од нив, но и други ресурси од материјален аспект, се доволно за да ги покријат потребите за Крива Паланка и 33 рурални населени места во надлежност на општината“,
кажа Борјанчо Мицевски, градоначалник на Општина Крива Паланка
Кога општините би ги имале сите потребни инспектори и услови, прашање е колку од граѓаните се подготвени да бидат нивни „очи“ на терен. Според истражувањето на НВО Инфоцентар. Дури 90 отсто од граѓаните никогаш не пријавиле ниту, пак, познаваат некој што пријавил проблем во општината во која живее. 2,5% не одговориле на прашањето, а само 7,5% одговориле дека или пријавиле или знаат некој што пријавил.
Од тие што пријавиле, дури 60% имаат негативно мислење за постапувањето на инспекторите, 21% ниту негативно ниту позитивно, а само 17% позитивно.
Овие перцепции не се само на граѓаните на Крива Паланка, туку се просек за целата држава. Најголема и најбогата единица на локалната самоуправа е Градот Скопје, па логично и градскиот инспекторат е најмногубројниот инспекциски орган на локално ниво во Македонија.
Но, раководителот Мирослав Богдановски вели дека и кај нив недостигаат инспектори.
„Минатата година имавме оглас за вработување на 15 инспектори, меѓутоа немаше заинтересираност за пријавување за местото инспектор. Од 15, мислам дека пополнивме 5 места. Исто така, слаби сме со возила. Почнавме со три оперативни, сега веќе се осум, кои ги користат инспекторите за секојдневни потреби“,
вели Мирослав Богдановски, раководител на секторот Инспекторат на Град Скопје
Со помалку инспектори од потребното, Градот е принуден да избира – каде ќе пополни, а каде ќе остави празни места. На пример, со растот на потребата да се реши загадувањето на воздухот, има и нов кадар и повеќе ресурси за оваа проблематика.
„Почнавме со 3 инспектори. Сега веќе имаме 6. Значи, тоа е зголемување за скоро 100% во однос на инспекторите, но тој број мислам дека сè уште треба да се зголеми. Затоа што Скопје е голем град, со многу правни субјекти, а ги зголемивме и инспекциските надзори. Буџетот кој го имаме за одење на терен заедно со акредитирана лабораторија. Таа лабораторија е една од основните алатки на инспекторите при инспекциски надзор внатре во инсталациите“,
додава Богдановски.
Капацитетот можеби се решава со повеќе пари и кадар, но не и довербата од граѓаните. Инспекторатот на Град Скопје работи и на тој проблем, меѓу другото, преку посебна страница на Фејсбук и алатка за пријавување проблеми преку интернет што автоматски завршува кај надлежен инспектор.
Но, истражувањето на НВО Инфоцентар покажува дека дури 42% од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците. Само 24% го делат ставот дека инспекторите се навистина независни, а дури 27% одбиваат да одговорат. Останатите 7% немаат јасен „про“ или „контра“ став.
„Висок ризик од корупција и ризик за интегритетот на инспекциските служби и инспекторите е тоа што тие директно одговараат на градоначалникот. А и голем дел од луѓето со кои разговаравме и документите и сè што вклучуваше истражувањето, покажа дека е тешко самата општина да треба да врши инспекција на услуги што самата ги обезбедува“,
објаснува Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар
Првиот човек на Крива Паланка не се согласува со перцепцијата дека тој влијае на инспекторите. Смета дека незадоволството е последица на спори процедури кои, пак, се должат на неусогласеност на законите и недоволна соработка меѓу државните и локалните инспекторати.
„Државниот градежен инспекторат постапува по градби од прва категорија, но во исто време врз основа на нивниот план за работа има обврска 1-2 пати годишно да направи редовен инспекциски надзор во Општина Крива Паланка. Тој линк мора да биде многу посилен и комуникацијата мора да биде почеста. Тие како инспекторат одлучуваат по некои жалби на граѓани, но одлучуваат само за жалби од прва категорија, сите од втора категорија ги враќаат назад. И тука има празен од, па кај странките перцепцијата е дека градоначалникот има влијание кај инспекторските служби – не! Тука има многу недоречености во законската регулатива, многу долги постапки кои одземаат време, а перцепцијата на јавноста е дека некој има влијание врз службите“,
додава Мицевски.
И Богдановски негира дека на неговиот инспекторат има обиди за влијание од градоначалникот Петре Шилегов. Сепак, се согласува дека има елементи во законите кои ги ставаат општинските инспектори во проблематични ситуации.
„Тука имаме судир на интереси, кога еден градежен инспектор треба, доколку има некои недоследности, да го побие решението на градоначалникот што го издал за градба. А градоначалникот му е директно претпоставен на инспекторот. И тука имаме еден таков мал судир“,
вели Богдановски.
НВО Инфоцентарот во своето истражување на локалните инспекциски служби има и предлози за надминување на дел од проблемите. Билјана Бејкова смета дека идејата за воведување регионален инспекторат, како посебно независно тело, не е лоша за размислување.
„Да се направат таков тип инспекциски служби коишто ќе може да покриваат одреден регион и општините во тој регион затоа што дел од проблемите се и тоа што се мали средини. Во малите општини луѓето се познаваат, притисокот врз градоначалниците е многу голем, не само од граѓаните туку и од моќниците“,
вели Бејкова.
Додека да се најде решение за целосна самостојност на општинските инспекторати, очекувањата за поголема независност се бараат во новиот Закон за инспекциски надзор што стапи во сила на почетокот на годинава, според кој секој инспектор по едногодишна пракса добива лиценца за работа од државниот Инспекциски совет. Но останува прашањето дали тоа ќе ја промени перцепцијата во јавноста за работата на инспекторите.