Поминаа Нова година и Божик, а со помош на ветрот кој го оддува смогот, како да помина и тензијата што се создаде пред крајот на минатата година која кулминираше со иницијатива да се дислоцира „Усје“ и целата тешка индустрија од Скопје
Остана дилемата – како локалната и централната власт застанаа зад барањата за дислокација, а во исто време податоците на државниот инспекторат не покажуваат дека тешката индустрија, вклучувајќи го и УСЈЕ, ги надминуваат гранични вредности. Прашавме – до каде е реализацијата на иницијативата изгласана во Советот на Градот Скопје
Што точно се презеде во овие дваесет дена по иницијативата на Советот на Град Скопје за дислокација на цементарница „Усје“ и другите големи загадувачи? Премиерот Христијан Мицкоски прво тргна одлучно:
„Што се однесува до дислокација и тоа не е никаков проблем што се однесува до Владата.“
А, неколку дена подоцна:
„Но, дека ние можеме да влеземе кај некого дома и да му речеме сега ти куќава преселија на друго место, тоа не знам како ќе успее Град Скопје. Но, еве ако успеат, сосема напред, нека тераат. Јас мислам дека тоа така нема да оди.“
Во периодот меѓу двете изјави на премиерот се одржа прес-конференција на Инспекторатот и Управата за животна средина. На неа двете државни институции презентираа дека надзорите над УСЈЕ не укажуваат на неправилности. Дополнително, објаснија и дека индустријата како извор е дури трет по ред причинител на загадувањето во Скопје.
„Кај сите надзори не се утврдени неправилности во работењето на овој правен субјект“,
кажа директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на 2 јануари годинава.
Дали одлуката на Градот е воопшто пратена во Владата и што е преземено по неа „360 степени“ праша во Советот на Град Скопје, кабинетот на градоначалникот, како и во Владата. Конкретен одговор не добивме од никого.
Претседателот на Советот, Даме Димитровски, во писмена изјава соопшти дека му е драго што отвориле дебата, иако заклучокот што го усвои Советот јасно упатуваше на нешто повеќе.
„Ние, како Совет на Град Скопје, сме свесни и за нашите надлежности и за правните аспекти поврзани со овој заклучок, но сметаме дека е од исклучително значење да се развие аргументирана дебата и добредојдени се сите дискусии, расправи, објави кои укажуваат на различни аспекти на решавање на овој проблем, почнувајќи од здравствените и еколошки погледи, до правните и економски анализи, па и техничките и урбанистички прашања кои се презентираат во јавноста. На сите им е јасно дека оваа борба не е лесна, ниту кратка. Никој не смееме да ги лаже граѓаните дека постои волшебно стапче (една одлука, една мерка, еден заклучок, филтер или што и да е) кој веднаш ќе го реши загадувањето“,
ни одговори Димитровски.
На прашањето – како ја коментира контрадикторноста на нивната одлука за дислокација, со наводите изнесени од Инспекторатот и Управата за животна средина дека УСЈЕ работи во рамки на законите, Димитровски одговара:
„Советот на Град Скопје има за право да дискутира на различни теми кои ги засегаат скопјани. Советниците ги претставуваат ставовите на скопјани и зборуваат за Скопје какво што го сакаме и како да стигнеме до него. Препознаваме дека довербата во некои процеси кои се одвивале триесетина години не е на највисоко ниво, и побаравме од нашите соседи, индустриските капацитети, да применат европски практики во работата, но и во мерењата и во јавноста на резултатите. Довербата е добра, но контролата е подобра. Ги охрабруваме и државните тела, уште поревносно да вршат контрола врз работата на индустријата и сите загадувачи и при издавањето на дозволи за работа да ги постават највисоките европски норми и практики како услов за добивање дозвола за работа на постројките. Од друга страна, очекуваме дека индустријата ќе покаже социјална одговорност и, како што самата кажува дека нема што да крие, ќе воспостави континуирани мерења на сите емисии и јавно објавување на резултатите од нив“,
посочи тој.

И градоначалникот на Град Скопје го понесе еуфорија во Советот која се совпадна со протестите против УСЈЕ. Тој е првата инстанца, по Советот, каде прашавме – до каде е реализацијата на заклучокот на Советот за дислокација на УСЈЕ.
„Град Скопје е целосно свесен за сопствените надлежности, како и за комплексноста на правната рамка што ја следи оваа тема. Токму затоа, сметаме дека е неопходно да се води сериозна, аргументирана и инклузивна јавна дебата, во која ќе бидат разгледани сите релевантни аспекти. Важно е да се нагласи дека станува збор за долгорочен и сложен процес“,
ни одговорија оттаму.
И следната инстанца, Владата, се чини се уште не го разгледала заклучокот. На прашањето како ќе постапат велат – треба да се почитувааат законите.
„Секоја одлука или препорака донесена на локално ниво, доколку биде доставена до Владата, се разгледува исклучиво во рамки на законските надлежности на централната власт. Доколку овие прашања бидат разгледувани на владина седница, јавноста ќе биде навремено информирана. Важно е да се нагласи дека Владата постапува во рамки на своите законски ингеренции и не може да презема дејствија што се надвор од нив.“

Но, демонстрантите не се откажуваат. Повторно се планираат протести против аерозагадувањето, особено од УСЈЕ. Нема доверба во државните укажувања дека загадувањето се контролира.
„Иницијативата за дислокација не дојде од ‘Стоп за Усје’, туку дојде од ‘Зелен хуман град’, иако ние не сме против тоа. Она што сакаме да видиме е сепак она што се случува во Усје да можеме јасно да го гледаме. Сега не може јасно да се види, затоа што мерните станици околу не работат. Она што доаѓа од самиот двор, односно од самиот оџак, треба човек со УСБ да дојде да ги земе податоците. Ние бараме едноставно да се функционира како што треба да се функционира, да се има јасно колку се загадува, колку не се загадува. Транспарентност апсолутно“,
вели за „360 Степени“, Петар К. активист од иницијативата „Стоп за УСЈЕ“.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, вели дека изминатата година направиле два редовни и четири вонредни надзори во „Усје“, што е многу повеќе од она што законот им го налага. Вонредно, влегувале и ноќе, оти сомнежите во јавноста се дека тогаш повеќе се загадува, а биле поканети и инспектори од Град Скопје и Општина Кисела Вода.
Ниту една контрола не покажала дека УСЈЕ ги надминува референтните вредностите кои им ги задала Управата за животна средина.
Гиновска: Инспекторите не прават мерење, но може во присуство на инспектор на барање на инспекторот да се повика акредитирана лабораторија за да ги измери емисиите од оџаците од производниот погон на цементарница Титан Усје иако тие имаат 24/7 континуиран мониторинг. Таков случај беше кога дојдов на функција директор на Инспекторатот за животна средина затоа што имаше исто така, беше зимски период, беше период на аерозагадување, за да се увериме во веродостојноста на информациите кои ги дава цементарница, ние заедно со Управата за животна средина, со пишувачите на дозволата, затоа што пишувачите на дозволата се од Управата за животна средина и наш инспектор направивме мерења, кои покажаа исто дека резултатите кои излегуваат, емисиите кои излегуваат од печките 3 и 4 се совпаѓаат со листингот кој го доставува цементарница Усје.
„360 Степени“: Можно ли е таа вонредна акција со вонредно мерење да била пробиена?
Гиновска: Не е можно да биде пробиена. Еве последната која беше на 18.11 во вечерните часови во 22 часот никој не знаеше каде треба да одат и двата инспектори и државниот инспектор и инспекторот од Град Скопје немаа сознанија каде ќе одат. Добија наредба во 22 часот кога тргнаа.

Надзорот значи контрола на мониторингот што самата фирма го воспоставила со акредитирана лабораторија, оти така им е пропишано во А-интегрираната еколошка дозвола за работа. Сепак, Гиновска не е против да има и дополнителенa проверка.
„Јас ги следам барањата на активистите кои се упатени нели до Владата и до Министерството и до нас Инспекторатот. Јас од моја страна се согласувам со тоа значи да биде јавен мониторингот кој го има УСЈЕ, да можат да го гледаат и граѓаните. Со тоа би се намалил притисокот и недовербата врз нас како Инспекторат и врз инспекторите кои одат на терен“,
посочи таа.
Амбиенталниот воздух се следи преку државните мерни станици, а компанијата „Усје“ на веб-страницата прикачува неделни и месечни извештаи од мерењата. Последниот е од првата недела од јануари годинава кој не покажува надминувања на дневните вредности. Во последниот извештај пишува и дека поради технолошки причини, печките или работат деноноќно или се исклучени. Едната печка, наведено е дека не работи уште од 21 декември. Поради поголемата сезонска побарувачка на цемент, производството им е поголемо во летните месеци отколку зиме.
Принципот на работа, не е познат за секој граѓанин, а видлив е само чадот. Па, затоа прашавме, што во моментов се гори во „Усје“.
„ТИТАН Усје во изминатите шест години има инвестирано 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра за подобрување на животната средина. Фабриката има инсталирано високоефикасен, комплексен систем на современи филтри и секогаш кога работат производните линии, задолжително работат и филтрите. Во насока на поголема декарбонизација, покрај обновливи извори, компанијата користи и алтернативни горива од домашно потекло како оризови лушпи, лушпи од кафе, текстил, хартија, картон и композитни материјали. Алтернативни горива добиени од фракции од отпад од увоз не се користат во компанијата бидејќи увозот е забранет“,
велат од компанијата.
Иако прашавме, компанијата не ги прокоментира можностите за дислокација. Пролетва им истекува А-интегрираната дозвола.
Гиновска: Се што се гори во Усје е законски дозволено согласно дозволата што им е дадена 2020 година. Сега Усје треба да добие нова дозвола и треба барање да поднесат до март за да им се издаде нова А-интегрирана еколошка дозвола и тука сметам дека колегите од Управата и Министерството треба да бидат поригорозни и малку да се обрне поголемо внимание. Не дека досега не се обрнало, но еве сега под притисок на јавноста да бидат поотворени и повнимателни во пишувањето на дозволата.
„360 Степени“: Во која смисла?
Гиновска: Па во смисла каде што имаме – дека не треба да се користат алтернативни горења иако е тоа добра светска пракса, но еве на демонстрантите кои беа на протестот се вели Усје гори отпад, на 1400 степени, веќе тој отпад не е отпад, веќе ништо од тоа нема… треба да се обрне внимание во енергенсот кој ќе го користи цементарница Усје кој ќе им биде дозволен да го користат за производниот погон.
Иако релевантните институции уверуваат, недовербата во системот останува.
„Имаме огромен сомнеж кога се повикуваат на студии, кога се повикуваат на одредени инспекциски надзори што ги прават во самата фабрика, затоа што врз база на минатото што сме го виделе се работи за нешто што е потплатено или како да се изразам, се работи за нешто што не е релевантно, односно не е нешто што можеме да веруваме. Она што можеме да веруваме е ако навистина има сензори околу самата фабрика, ако има сензори во самиот оџак каде што може 24/7 да се следат тие работи, или некој што е однадвор што може да ги направи истите тие инспекции“,
велат од Иницијативата „Стоп за Усје“.
„Јас ги повикувам сите кои имаат такви сознанија за корумпираност да ги пријават до надлежните органи, еве и до мене како директор ако имаат сознанија за инспекторите кои работат тука. Инаку во спротивно не би дозволила да се нарушува угледот на Инспекторатот кој наредната година ќе има 30-годишен јубилеј и во него навистина работат професионални и чесни луѓе“,
одговара директорката на ДИЖС, Гиновска.
Значи, како што ни одговорија повеќето институции, дебатата е отворена. Но, ништо конкретно не е направено, ако воопшто има основа, па и законска, да се дислоцира тешката индустрија надвор од Скопје.
