„Со години СДС не можеше да го направи патот, исто како што не го направи ниту патот Градско – Фариш, ниту автопатот Кичево – Охрид“, стои во соопштението од владејачката партија
На 1 јули мината не беше ставен ниту еден метар асфалт на патот Крива Паланка-Страцин. Додека СДСМ со години тапкаа во место, владата на ВМРО-ДПМНЕ го направи за шест месеци. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за вчерашното пуштање во употреба на патот Страцин – Крива Паланка, од каде што посочија дека фактите се тврдоглава работа, кои не можат да се искриват.
До медиумите испратија видео со кое, како што велат, се докажува дека на 1 јули 2024 година експресниот пат Крива Паланка – Страцин е сè само не финализиран.
„Со години СДС не можеше да го направи патот, исто како што не го направи ниту патот Градско – Фариш ниту, пак, автопатот Кичево – Охрид“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочија дека за шест месеци владата со напорна работа ги завршила работите на патот Крива Паланка – Страцин и го пушти во употреба.
„Нема повеќе застој во инфраструктурните проекти. Се работи забрзано и Македонија се поврзува со брзо темпо“,
стои во соопштението од владејачката партија.
Денеска во употреба е пуштен експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, што значи дека на таа делница ќе се патува 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се стигнува за 40 минути.
Патот е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска банка, а останатите се грант-средства во висина од 13,50 милиони евра.
На свеченоста присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека со иста динамика ќе се работи и на другите делници, а се интензивира и изградбата на другите патишта низ земјава.
На опозицијата ѝ порача капиталните проекти да не ги користат за собирање политички поени.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) вчера обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ се кити со туѓи перја, како и дека над 90 отсто од патот Страцин – Крива Паланка бил завршен за време на нашето владеење.