Дополнително, Кузеска рече, повторно во прашална форма, дали во овие документи има сериозни индиции за повторно нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и индиции за организиран криминал и корупција
Случајот „Делчевски ниви“ се однесуваше на препродажбата на ниви во источниот дел од земјава, каде што физички лица прво купиле или добиле на подарок ниви, за само по неколку дена да ги продадат и за 40 пати над пазарната вредност на компанијата „ЕВН електрани“. Случајот „пропадна“ во октомври 2023 година откако Јавното обвинителството донесе наредба за запирање на истражната постапка.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го праша премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дали случајот „Делчевски ниви“ е причината поради која „се плаши“ да побара декласификацијата на документите со кои би се докажале неговите и наводите на актуелниот директор на Агенцијата национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, дека бил следен и прислушуван додека бил во опозиција.

На почетокот на прес-конференцијата, која претходно денеска ја најавија од СДСМ, а на која како што рекоа ќе почнат со објавување на вистината за случајот со АНБ, портпаролката Богданка Кузеска ги постави прашањата што партијата ги наведе и претходните денови, а се однесуваат на нивното барање за декласификација на документите во врска со наводите за незаконско постапување на АНБ во периодот од 2019 до 2024 година.
„Зошто после речиси една недела од објавувањето на наводите за следење на Христијан Мицкоски ниту директорот на АНБ, Бојан Христовски, ниту премиерот Христијан Мицкоски не ја отпочнаа процедурата за декласификација на документите кои би ги докажале наводите на власта? Зошто самиот тој не побара декласификација на документацијата од Агенцијата за национална безбедност во која наводно бил следен? Од што се плаши Христијан Мицкоски?“,
рече Кузеска.
По овие, таа праша „дали можеби Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи затоа што ќе ги потврдат индициите за милионски криминал во случајот ‘Делчевски ниви’“.
„Да ја потсетиме јавноста дека во случајот ’Делчевски ниви’ беа инволвирани најблиските соработници на Мицкоски меѓу кои член на неговото лично обезбедување, како и тогашниот директор на белата палата, односно централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Дали овие документи кои Мицкоски одбива да ги декласифицира покажуваат дека шефот на организираната криминална група која се стекнала со корист во илјадници евра е токму Христијан Мицкоски?“,
праша портпаролката на СДСМ.
Дополнително, Кузеска рече, повторно во прашална форма, дали во овие документи има сериозни индиции за повторно нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и индиции за организиран криминал и корупција.
Како што наведе таа, декласификацијата на овие документи е едноставна и би ги разрешила сите дилеми што ги има во јавноста.
Одбивањето за декласификација, како што порача Кузеска на крајот, ќе биде доказ дека премиерот Христијан „како тогаш така и денес не може да излезе од криминалната матрица и негова единствена цел е лично богатење“.
Додека од опозициската партија инсистираат на декласификација на материјалите за случајот АНБ, од власта бараат Обвинителството да го расчисти случајот и правна разрешница и казни за, како што велат, оние што ги злоупотребувале ресурсите на Агенцијата за следење на лидерот на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а сега премиер, новинари и бизнисмени.
Инаку, случајот „Делчевски ниви“ се однесуваше на препродажбата на ниви во источниот дел од земјава, каде што физички лица прво купиле или добиле на подарок ниви, за само по неколку дена да ги продадат и за 40 пати над пазарната вредност на компанијата „ЕВН електрани“.
Случајот „пропадна“ во октомври 2023 година откако Јавното обвинителството донесе наредба за запирање на истражната постапка. Причината за тоа беше што одредени сведоци кои првично дале исказ дека осомничените ѝ направиле штета на компанијата го сменија исказот.
Во овој случај беа осомничени седум лица. Меѓу нив и двајца поранешни управители на „ЕВН електрани“: поранешниот претседател на младината на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и партиски функционер, Игор Гиевски, како и Мирослав Митровски, син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сокол Митровски. Уште еден од осомничените имаше директна врска со партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Од Основното јавно обвинителство Скопје за „360 степени“ тогаш рекоа дека менувањето на исказот поради кој „пропадна“ случајот е направен од членовите на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, или конкретно од страна на државниот претставник во компанијата.
Инаку, „360 степени“ во серија стории на темата „Делчевски ниви“ покажа како се одвивала шемата за купопродажба на земјиштето. Прво, одредени лица добивале ниви на подарок или ги купувале за ниска (пазарна) цена. Само неколку дена подоцна ги продале нивите и за 40 пати повисока цена од пазарната на „ЕВН електрани“.
Најдовме иста таква шема и во Берово, но со една разлика – финалната трансакција никогаш не се случила, односно „ЕВН електрани“ склучиле договор, но не ги исплатиле парите.
Од седумте лица, како што објави ОЈО Скопје при отворање на истрагата во 2022 година, двајца беа осомничени како соизвршители на кривично дело – измама во службата, а другите петмина беа осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.