Може ли да им се стави крај на злоупотребите на етничката припадност при вработување во државни институции без да се нарушат човековите права? Бројни се новинарските извештаи за граѓани што пријавувале различна етничка припадност во зависност од потребите.
Го донесуваме примерот на крушевчанка која е осудена затоа што еднаш се декларирала како Влаинка, а друг пат како Македонка. На прва, преседанот потврден и од Апелација би можел да биде урнек на решавање на сите слични случаи, но осудената е од мешан брак, а земјава веќе има изгубено случај пред судот во Стразбур за ограничување на граѓанин кој сакал да изјави друга етничка припадност од таа што до тогаш ја декларирал.
Каде завршува правото, а каде започнуваат човековите права кога е во прашање изразувањето на етничката припадност?
Декларирање на различна етничка припадност само за да се добие државна работа веќе добива комични димензии.
„Кај нас се случи едно лице да конкурира на пет работни места и да се изјасни на три работни места како Македонец, на едно како Албанец, на едно за Ром“,
рече членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Нури Бајрами пред две недели за „360 Степени“.
Токму ваквите случаи ги натераа институциите да размислуваат како да ги сопрат злоупотребите на системот наречен „балансер“, кој треба да обезбеди правична застапеност во јавниот сектор. Еден предлог е да се воведе механизам уште при креирање профил во Агенцијата за администрација.
„Полето за националност ако го селектираат еднаш Македонец или Албанец или Турчин, тоа да не може да се едитира, односно да се промени“,
рече министерот за администрација, Адмирим Алити во изјава за „360 Степени“.
Но, чувството на етничката припадност е токму тоа – чувство и безбројни се примерите кога тоа се сменило во текот на животот на некој човек. Има ли начин да преживее „балансерот“ без да се прекршат човековите права?
На обвинетата Евгенија Петроска и се одредува казна во траење од 3 месеци, која нема да се изврши ако не стори друго кривично дело. Оваа пресуда ја изрекол Основниот суд во Крушево, а ја потврдил Апелацискиот суд во Битола, затоа што Петроска еднаш се изјаснила како Влаинка, а подоцна како Македонка.
„Во оваа постапка делото за кое беше обвинета беше ‘Фалсификување исправа‚ по член 378 став 1 од Кривичниот законик“
вели адвокатот на Петроска, Ѓоко Ѓажоски.
При изборот за советник во општината во 2017 година Петроска до ДИК поднела изјава во која се изјаснила како припадничка на влашката заедница. Една година подоцна, на оглас за раководител во Центарот за вработување во Крушево, се пријавила како Македонка. Обвинителството покренало истрага, а потоа и обвинение по пријава од конкурент на Петроска кој не ја добил позицијата бидејќи таа конкурирала како Македонка.
„Што е спорно тука? Спорно е дека во конкретниот случај клиентот мој е дете на мешан брак. Мислам дека таткото е Македонец, а мајката е Влаинка по етничка припадност. И сега доаѓаме до суштинското прашање – кој може нејзе лично да ѝ забрани да се чувствува и како Македонка, по определен период да даде изјава дека се чувствува Влаинка или обратно?“,
вели Гажоски.
Токму ова бил и главниот аргумент во одбраната.
„Одбраната бараше да се отфрли ова обвинение бидејќи е недопустливо, вклучително и судот да навлегува во личното чувство на кој било граѓанин, бидејќи со членот 8 од Уставот загарантирано е кој како ќе се чувствува, односно да ја изрази слободно волјата на која етничка припадност припаѓа“,
вели адвокатот.
Но, и судот кога ја носел пресудата се повикува на истиот член од Уставот, како што се повикува и адвокатот Ѓажоски.
„Во Уставот на РСМ чл. 8 загарантирано е слободно изразување на националната припадност кое точно е лично чувство на секој граѓани, но никаде Уставот на РСМ не предвидува дека во исто време може некој да има лично чувство дека припаѓа на две етнички заедници или дека може да припаѓа, па да се изрази слободно дека припаѓа на две националност или повеќе, односно припадноста на националноста да ја користи за личен интерес за да се оствари одредено право пред надлежен државен орган“,
се вели во пресудата на Основниот суд во Крушево.
Ваквото образложение, според адвокатот Ѓажоски, отвора нови правни дилеми.
„Дали има злоупотреба во делот на изјаснувањето. Доколку има злоупотреба кој таа злоупотреба ќе ја санкционира, но и дали е тоа можно – да се навлегува од правен аспект и од аспект на основни човекови права“,
рече Гажоски.
Има ли човек право да го менува чувството на етничка припадност во текот на животот? Секако има, одговара универзитетскиот професор по социологија, Ило Трајковски.
„Се случува. Од Х причини. Некогаш единките може да го направат тоа во битни животни ситуации. За склучување на брак, на пример, за миграција, придвижување. Или во некои коректни ситуации заради социоекономски поттици, интереси, врзани врски со тоа. Сакам да кажам дека етничкиот идентитет е во основа, еден општествен конструкт. Тој не е еднаш за секогаш даден“,
вели професорот Трајковски.
Но, додава Трајковски, слободата на изразување на етничката припадност не треба да значи и загрозување на правата на одредени групи, токму врз основа на етничката припадност. Иако има резерви кон идејата етничката припадност да се искажува еднаш во животот при регистрација во Агенцијата во вработување, според него, мора да има и некои граници.
„Тоа мислам дека ќе биде сериозно прекршување на правото, на слободата на самоидентификација. Треба да има ограничување, но со можност тоа да се промени, бидејќи реално ние во животот се менуваме. Не е исто да си Македонец на 10 години и Македонец на 30 години и Македонец на 60 години. Обично луѓето стануваат повеќе патриоти на постарите возрасти.“
вели Трајковски.
Предметот на крушевчанка Евгенија Петроска завршил годинава во мај пред Апелацискиот суд во Битола. Од разговорот со нејзиниот адвокат не стекнавме впечаток дека знаела оти македонски граѓанин ја добил државата на слични основи пред судот во Стразбур.
Штипскиот судија Славчо Тасев ја тужел и ја добил Република Северна Македонија во 2019 година пред Европскиот суд за човекови права затоа што не му овозможила да ја смени етничката припадност во рок од неколку дена, пред изминување на периодот за кандидирање за членови на Судскиот совет. До тој момент Тасев се декларирал како Бугарин, а пред изборот побарал да биде впишан како Македонец.
„Во случајот на Тасев против Македонија, еден од аргументите на судот е дека државата му дала можност да го смени ама не го испочитувала, во трите дена. Значи, треба да има јасно ограничување на тоа право со други права на луѓето, на човекови, да може да биде легитимно дури и во едно демократско општество. Но, секогаш да е законски решено. Да не биде ад-хок решавањето. И кога единките си ги знаат правата, до каде можат во уживањето на тие слободи, се разбира, дека и тие самите ќе се ограничуваат“,
рече Трајковски.
Во случајот Тасев против Македонија, Стразбур утврдил дека е прекршен членот 8 на Европската конвенција за човекови права, односно правото на приватен и семеен живот.
Како што вели професорот Трајковски, тоа право сепак не е неограничено.
„Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите во едно демократско општество“.
се вели во членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
А домашните закони што го третираат вработувањето и државната служба не забрануваат ниту пак ограничуваат – кога, како и колку често може да се менува етничката припадност.