Досега имаме одбиено само две барања за продолжување на ПИ-мерки, но тие се одбиени од формално-процесен аспект, односно биле поднесени после рокот, вели судијката Крстиќ
Судијката на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје, Сандра Крстиќ во вечерашната дебата на „360 степени“ зборувајќи за судското одобрување на посебните истражни мерки познати како ПИМ или ПИ-мерки, рече дека во досегашната пракса не се случило да одбијат вакво барање од Обвинителството.
„Во досегашната судска пракса и од целосните анализи кои сме ги направиле, увидовме дека нема одбиено барање за определување на посебна истражна мерка. Претпоставувам дека тоа е така, бидејќи сите постапки кои биле поведени резултирале со успешно завршена истрага со подигање на обвинение и добивање на судска разрешница во полза на правдата. Суштината на правната држава не е само спроведување на законите, туку непристрасно спроведување на добри закони кои ќе го запазат природното право, односно ќе ги запазат човековите права и слободи. Во нашата пракса имаме досега одбиено само две барања за продолжување на ПИ-мерки, но тие се одбиени од формално-процесен аспект, односно биле поднесени после рокот“,
рече Крстиќ.
Таа е еден од учесниците во изработката на прирачникот за спроведување на мерките за следење на телекомуникациите како сегмент од пошироката програма за реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор кој во изминативе години ја спроведуваше Женевскиот сектор за управување на безбедносниот сектор (ДКАФ).
Преку прирачникот, додаде Крстиќ, даваат насоки за тоа како би требало да се постапува при барање за ПИ-мерки и како би требало да се постапи отколку треба да се одбие.
„Дадовме насоки да се постапува по принципот на став 1 од член 294 од Законот за кривична постапка, каде е предвидено дека наредба за претрес може да се одбие односно судија на претходна постапка доколку не се согласи со истата, да се даде согласност од Кривичен совет. Законот не може се да реши, па заради тоа рековме да одиме на принципот на една аналогија, но за разлика од ова, кога се поднесува барање за продолжување на ПИ-мерка, законодавецот донел решение и дал законска рамка во која може да се движиме“,
вели Крстиќ.