Без интернет и без соработка од одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство на РСМ – така функционира канцеларијата за врски со Европравда во земјава, пишува во првиот објавен извештај за работата на телото кое ги спојува домашните со европските истражни органи
Откако е поставен јавен обвинител за контакт со Европравда во 2018 година, расте и бројот на случаи преку канцеларијата. Но обвинителката која ја врши функцијата, Ленче Ристоска, се уште не е формално избрана согласно новиот закон донесе лани
Лани, македонската полиција уапси 48 државјани на Тајван. Некои од нив под присила, некои на своја добра волја, преку земјава вршеле електронски измами и изнуда на пари.
Сите 48 лица, на барање на Тајван, беа вратени во нивната матична земја.
Целата акција беше можна само поради соработката преку Европравда – тело за координација на истраги за меѓународен криминал меѓу земјите членки на ЕУ, но и трети држави.
Без многу помпа, за првпат, неодамна е објавен извештај за работата на домашната канцеларија за контакт со Европравда кој открива каде напредува, но и каде потфрла Северна Македонија во борбата со меѓународниот криминал?
Кога еден обвинител не ферма друг обвинител
Во средината на септември на интернет-страницата на Јавното обвинителство се појави полугодишен извештај за функционирањето на Канцеларијата за врски на земјава со Европравда. Документите од ваков тип, вообичаено, се претерано формални и исплакнати од содржина. Но, не и овој извештај. Освен пофалба за се што е направено, има и јасна критика – што не чини.

Уште на почетокот на извештајот јавниот обвинител за врска со Европравда, Ленче Ристоска, пишува дека целата нејзина комуникација со странство се одвивала по електронски пат, а таа немала интернет во нејзината канцеларија. Затоа, работела од дома.
Делот од извештајот што загрижува уште повеќе е констатацијата дека делови од самата структура на Јавното обвинителство не ја фермаат Канцеларијата за односи со Европравда.

„Во првата половина на 2022 година продолжи отежнатата соработка со Одделението за меѓународна правна помош при ЈОРСМ и во речиси сите предмети за кои е побарана информација, јавниот обвинител за врски нема добиено повратен одговор. Воедно, до јавниот обвинител за врски, од страна на ЈОРСМ, иако се побарани, сепак, не се доставени податоци за броевите под кои предметите се заведени во Јавното обвинителство на РСМ, како и податоци на кои надлежни национални органи предметите се проследени на натамошно постапување“,
пишува во дел од извештајот, обвинителката за контакт со Европравда, Ленче Ристоска.
Посоченото одделение за меѓународна помош во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија го води јавната обвинителката Анита Тополова-Исајловска. Таа беше избрана во републичкото јавно обвинителство во времето на Марко Зврлевски, само една недела откако нејзиниот сопруг Илија Исајловски стана заменик-министер за надворешни работи во владата на Емил Димитриев.

На прашањето – зошто одделението не одговара на барања на канцеларијата за контакт со Европравда, од обвинителството одговорија:
„Целта на овие извештаи е токму да се детектираат потенцијалните проблеми во функционирањето и да се изнајдат начини за нивно надминување во иднина. Со таа цел, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе даде насоки за подобрување на каналите за комуникација меѓу Канцеларијата за врски на РСМ во Европравда и Одделението за меѓународна соработка при Јавното обвинителство. Исто така, се бараат решенија и за подобрување на материјалните и просторните услови на Канцеларијата за чие функционирање редовно се обезбедуваат средства од Буџетот на Јавното обвинителство“,
одговорија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на прашањата на „360 степени“.
За разлика од комуникацијата со Исајловска, во извештајот позитивно е оцената соработката со Одделението за меѓународна соработка на Министерството за правда. Но, не е се розово кај исполнувањето на другите обврски на Владата.
Се донесе закон, заглавија подзаконските акти
Земјава лани донесе Закон за меѓународна соработка кој го регулира статусот на канцеларијата за контакт со Европравда и јавниот обвинител што ја води канцеларијата. Иако требаше, ниту се донесени потребните подзаконски акти за статусот на канцеларијата, ниту обвинителката Ленче Ристоска е формално избрана на функцијата која, патем, би требало да се извршува од седиштето на Европравда во Хаг.

За тоа колку е важна правдата, првиот човек на ресорот правда и универзитетски професор токму по кривично право, Никола Тупанчевски, говореше на првиот академски час на Правниот факултет. Имаше задача да ги инспирира студентите да учат право, стоејќи во друштво на колега професор кој е под кривичен прогон.
По протоколарниот дел, разговаравме со министерот Тупанчевски за извештајот за соработката со Европравда. Прво го прашавме зошто не се донесени подзаконските акти од Законот за меѓународна соработка?
„Во право сте дека една година се доцни. Не се почитуваат рокови, меѓутоа ова го сфаќаме како една конструктивна забелешка, сугестија. Уште еднаш, еве јас како министер за правда ќе утврдам, зошто и овој период, во кој треба да биде според закон, не беше донесен подзаконскиот акт којшто ни е нужен за покомплексна, поконкретна реализација на одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја... Значи, подзаконскиот акт треба да биде донесен од страна на Јавното обвинителство на РСМ во соработка со Министерството за правда. Моите последни информации говорат дека е во завршна фаза“,
изјави министерот за правда, Никола Тупанчевски.
За изборот на претставник за комуникација со Европравда, согласно Законот, Тупанчевски одговори дека и тоа прашање наскоро ќе се реши.

„Факт е дека имаме одлична соработка со Јавното обвинителство и верувам дека штом заврши мандатот, ќе има нов човек со…
– за во Хаг зборуваме?
Да, за во Хаг зборуваме. Така што, зборот ми е, и досегашната работа, на досегашниот претставник мора да ја пофалиме којшто навистина високо, професионално ја обавуваше. Така што, верувам дека ќе има континуитет во таа насока“,
изјави за „360 степени“ Никола Тупанчевски, министер за правда.
Иако изјавата на Тупанчевски како да сугерира дека обвинителката Ленче Ристоска нема да биде формално избрана за претставник во Европравда и дека ќе дојде „нов човек“, министерот дообјасни дека не најавува нејзина смена и дека е задоволен од нејзината работа.
Голем чекор е самиот факт што земјава има обвинител за контакт со Европравда, бидејќи обврската преземена во 2009 година, почна да се почитува дури во 2018 година, токму со поставувањето на Ристоска.
Од тогаш расте и бројот на отворени предмети за меѓународен криминал, во кои соработуваат домашното и обвинителствата на други земји. Ако во 2018 г. имало вкупно 21 предмет, во 2021 тие пораснале на 77. Во првите шест месеци од годинава, пак, веќе има 61 предмет на кој работела Канцеларијата.

И министерот за правда Тупанчевски и кабинетот на јавниот обвинител Љубомир Јовески велат дека токму овие бројки се доказ дека Канцеларијата работи добро. Но, како што се забележува во извештајот, најголем дел од тие предмети се поттикнати од странство, а се поретко и обратно.
„Се покажа недостатокот на проактивен однос на домашните надлежни органи за користење на механизмите кои ги нуди Европравда, што е искажано и со намалениот број на предмети во кои од надлежните органи на Република Северна Македонија е побарана асистенција од Европравда во однос на претходната година“,
се вели во дел од објавениот полугодишен извештај на Канцеларијата за контакт со Европравда.
Според оваа оценка во извештајот, треба да се очекува и во иднина да има по некоја акција, како со Тајванците, во која македонската полиција апси криминалци под истрага на странски држави. Многу помали се шансите за обратното – органите на други држави да апсат лица кои се под истрага во Северна Македонија.