Членовите Здружението на преведувачи и толкувачи водат преговори со неколку државни институции за да добијат правна регулација, вели Огнена Никуљски
Од исклучително значење е преведувањето на автори што творат на малите јазици како македонскиот, вели Наташа Сарџоска
Преведувачите се оние што ги зближуваат народите, ги олеснуваат дијалогот, разбирањето и соработката. Тие се „пасошот“ за едно книжевно или научно дело да ги напушти домашните граници, тие се и мост меѓу важните политичко-дипломатски договори.
Пред три дена беше и Меѓународниот ден на преведувачите, за кој ОН одлучија да се одбележува на 30 септември. Вообичаено, на овој ден се потсетува колку е важна улогата на оваа фела, но се укажува и на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат преведувачите со години.
Преведувачите се борат за правна регулација
Од Здружението на преведувачи и толкувачи веќе водат преговори со неколку државни институции со цел да влезат во некаква правна рамка за нивниот труд да може да се регулира.
Огнена Никуљски, која е основач и член на ова здружение, а повеќе од 30 години преведува од и на англиски, шпански, македонски и српски јазик, вели дека проблемите со кои се соочуваат се и кратките рокови за да се преведе едно дело.
„Се појавија агенции кои конкурираат на пазарот на преводи и кога ќе добијат одреден конкурс или го добиваат врз основа на ниска цена, или врз основа на краток рок, или двете заедно. Тука оштетена странка се преведувачите кои добиваат страшно краток рок за нешто што е сериозна работа. Преведувањето може во голема мера да го помогне процесот за кој се работи во преводот, но може и да го урниса целосно ако не е добро направено“,
вели Никуљски.
Покрај ова, проблем се и ниските хонорари, особено за книжевните преведувачи.
Според Никуљски, има надеж дека овие прашања може да се решат, особено што во последниве неколку години малку е подигната свеста и се водат разговори со неколку државни институции. Еден од нивните предлози е преведувачите да го решат својот статус како самовработување.
„На тој начин преведувачите ќе може да имаат пензиско и здравствено осигурување, без да мора да бидат вработени во некоја институција. Преговорите ги водевме со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда… Поради изборите, тој процес се одложи, но се надеваме дека наскоро ќе дојде до една официјализација“,
вели Никуљски.
Хиперпродукција со лош квалитет
Поетесата, писателка и преведувачка Наташа Сарџоска вели дека преводот е од огромно значење за малите јазици како македонскиот, а за тоа државата треба да има план и одговорност.
„Особено е важно да се преведуваат авторите од тие мали земји, од малите јазици како македонскиот, албанскиот, каталонскиот и ерменскиот јазик, бидејќи, во спротивно, тие ќе бидат осудени на локална конотација. Тука огромна улога има политиката на државата, потребно е да се крене свеста и да се разбере дека книжевниот превод не може само да зависи од странски фондации и грантови. Државата треба да има една агенција за превод, по примерот на каталонскиот институт, кој финансиски поддржува каталонски автори ширум светот и се грижи за нивна промоција“,
вели Сарџоска.
Таа укажува дека изминатите години се случиле и неколку клучни фактори што довеле до тоа во земјава да излезат од печат лошо преведени дела од светската книжевност, лоши преводи на учебници, а се превеле и дела што веќе биле преведени. За споредба, вели дека пред 20-ина години ситуацијата била поразлична и не се гледало по секоја цена да има квантитет и хиперпродукција.
„Тука се изгуби авторството во преведувањето, се бараше да се преведува за потценувачка цена од 30 денари по страница. Но, тука вината е споделена и на преведувачите, и на издавачките куќи, и на институциите кои ги поттикнаа тие проекти“,
вели Сарџоска.
Преведувачот, вели таа, има слобода да внесе свој личен печат во преводот, но тоа е и ризик бидејќи може да го спаси книжевното дело или да го осакати, на некој начин.
„Често авторството на еден преведувач се состои и во тоа да го разубави книжевното дело… Книжевниот превод е вториот јазик на авторот“,
додава Сарџоска.