Четирите политички групации што преговараат за формирање нова влада во Бугарија изминатиот викенд ги усогласуваа ставовите на тема „надворешна политика“, вклучувајќи ги и релациите со Северна Македонија. Во дебатата што траеше повеќе од шест часа и во значаен дел беше посветена на односот кон земјава, се чини, дека новиот пристап што се најавуваше од потенцијалниот премиер Кирил Петков, како да беше потиснат од тврдите ставови на Бугарската социјалистичка партија, па и на партијата „Има таков народ“. На крајот, беше договорено дека ќе се зачува досегашниот државен став и дека тој ќе биде конструктивно надграден. За тоа што значи ваквиот развој на настаните, „360 степени“ разговараше со новинарот Николај Крастев, дописник на МИА од Софија
360°: Дали е точен впечатокот дека по петте дена јавни консултации четирите политички групации се на добар пат да формираат влада?
„Можам да кажам дека по пет дена, 81 час преговори за создавање на новата бугарска влада, која најверојатно наскоро ќе биде формирана, а допрва ќе видиме дали е така, Бугарија е на пат да добие влада за една, една и пол до две седмици“,
смета дописникот на МИА од Софија, Николај Крастев.
360°: За Република Северна Македонија најинтересни беа консултациите од саботата посветени на темата „надворешна политика“. Како вие го доживеавте сегментот посветен на Северна Македонија и што би значело најавеното „конструктивно надградување“ на досегашната позиција и пристап на Бугарија кон Северна Македонија?

„Видете, Бугарија ја запазува својата единствена позиција кон соседна Република Северна Македонија. Тоа го запишаа учесниците во подготовката на коалицискиот договор за формирање на новата владина коалиција во Бугарија. Уште на самиот почеток претставниците на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и раководителот на нејзиниот тим, Кристијан Вигенин, изрично побара да се потенцира дека Бугарија ја запазува досегашната политика и дека ќе се придржува до рамковната позиција усвоена од парламентот во ноември 2019 година. ‘Продолжуваме со промените’, која е водечка политичка сила во Бугарија по парламентарните избори, се обиде изрично во текстот да не се вклучува рааковната позиција на Парламентот, но на крајот, во финалниот текст за надворешната политика беше вметната формулација дека Бугарија ја зачувува досегашната позиција во односите со Република Северна Македонија. Тука Даниел Лорер од страна на ‘Продолжуваме со промените’ објасни дека ќе се придржуваат до формулациите од Декларацијата на Собранието на што реплицираше Кристијан Вигенин, кој рече дека Декларацијата е многу посакувана и дека во одредена смисла треба да биде запазена Рамковната позиција во која нештата биле подетално опишани и дека тоа одговара на бугарските национални интереси. Според Вигенин, треба да се бара траајно, одржливо решение на спорните прашања како предуслов за напредок во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ. Горе-долу така се развиваа нештата. Имаше динамични моменти, Северна Македонија беше многу важен сегмент во преговорите за надворешната политика“,
вели Крастев.
360°: Во Скопје, министерот за надворешни работи Бујар Османи се уште вели дека е можен пробив и со службената влада на Стефан Јанев, врз основа на досегашната размена на документи и коментари за 5-те точки, за да се стигне до деблокада на пристапниот процес на Северна Македонија веќе на 14 декември кога заседава Советот за општи работи на ЕУ. Возможно ли е такво нешто, според вас?
„Искрено речено, јас сум песимист дека до крајот на годинава ќе биде постигнато какво и да е раздвижување на темата за почеток на преговори, за одржување на првата Меѓувладина конференција меѓу Република Северна Македонија и ЕУ. Искрено велам дека не гледам дали бугарската техничка влада, која нема мандат да преговара за основните меѓународни прашања, може да го придвижи таа тема и да почне преговори. Пред една седмица бугарскиот постојан претставник во ЕУ изјави дека не се создадени услови за старт на преговори. И оттука може да се изведе заклучок дека нема како до крајот на 2021 година да има почеток на преговорите меѓу Скопје и Брисел“,
е проценката на Крастев.