Под посебни протоколи за заштита од ковид-19, илјадници жени во време на епидемијата на свет ги донесоа своите ќерки и синови.
„Нема потреба никоја од жените да има страв да оди во болница да се породи“,
вели родилка во во Гинеколошко-акушерска болница – Чаир.

„Благодарение на љубезниот персонал добив слика. Бебето е во изолација сосема е безбедно“,
вели родилка инфицирана со ковид-19.
Но, не сите ја дочекаа таа радост.

„На ваков начин ние како што поминавме и душман да не помини“. „Со пукнат воденик ојде, ја вратија. Ние на телевизија слушнавме дека жената е почината“,
велат роднини на почина родилка од Охрид.
Додека надлежните тврдат дека ги испитуваат причините за смртните исходи, докторите ќе истражуваат и какви се промените што ковид-19 ги прави кај трудниците.

„Морфолошки отстапуваат дебелината на постелката, изгледот на папочната врвца…“,
вели Викторија Јовановска, директорка на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.
Како епидемијата влијае на родилките и колку системот успева да ги штити?
По тринаесет години од првото дете, Хамдије Адеми Тафа на свет го донесе Ануар.
„Не можам да ви опишам какво е чувството. Многу е убаво“,
вели таа.

За неа, ковид-19 не бил голема грижа. Во болницата во Чаир си доплатила приватно,за во собата да престојуваат само таа и нејзиниот син.
„Нормално е дека сите се плашат, бидејќи во цел свет е оваа пандемија, но нема потреба. Ако сите носиме заштитни маски и ги почитуваме одредбите од Владата, нема потреба од ништо“,
вели Адеми-Тафа.
Проценка на пациентките се прави на прием преку анкета и мерење температура. Ако имаат симптоми на вирусот, се праќаат на универзитетската Клиника за гинекологија, која е единствениот ковид-центар за родилки. Но, само ако има време за транспорт.

„Ако мајка пројави било каков симптом, a веќе е породена, мајката веднаш се изолира во посебна соба, а новороденото се изолира од другите новороденчиња. Меѓутоа, ако мајката е во добра општа состојба, новороденото се носи и се враќа кај мајката, бидејќи нема никаква контраиндикација, ако мајката е способна со почитување на мерките, со носење на маски, со дезинфекција на раце, дури доењето и се препорачува“,
вели Љуљиета Беќири, педијатар во Гинеколошко-акушерска болница – Чаир.
Најголем ризик се асимптоматските пациентки и оние што кријат податоци. Според дел од докторите, тоа е причина и за инфицираниот медицински персонал, што дополнително ја отежнува работата на болницата.

„Точно не можеме да знаеме каде е кадарот инфициран, можно да е и од надвор, можно е и од нашите пациентки, бидејќи имавме и пациентки кои даваа лажна епидемиолошка анкета, а после породувањето дознававме дека пациентката имала болни во домот, значи имала контакти со инфицирани лица. Многу е важно да ја кажат вистината за да добијат соодветен третман“,
вели Шќипе Сарачини, гинеколог-акушер во Гинеколошко-акушерска болница – Чаир.
Со слични протоколи за заштита и недостиг на кадар работат и болниците во внатрешноста. Поради епидемијата, се оперираат само итните случаи.

„Ако на пример, не можело интервенцијата денеска да се изврши поради недостатог на анестезиолог или бил зафатен во хирушките сали, се извршила наредниот ден. Немало никаков проблем со тоа, засега, функционираме добро“,
вели Катерина Попоска, гинеколог-акушер во ЈЗУ Општа болница Охрид.
Гинеколошкиот-акушерскиот оддел во охридската болница е полн, па пациентки негативни на вирусот се сместени и во собите наменети за изолација. Ако дојде жена сомнителна на ковид-19, се прави пренамена на одделите или ако има време, се носи во Скопје. Персоналот тврди дека ниту просторот, ниту недостигот на кадар не го загрозил квалитетот на здравствената грижа.

„Никогаш не сме вратиле пациентка. Независно дали е со упат или без упат. Штом каже дека има гинеколошки проблем, жената била прегледана“,
вели Попоска.
Но, има сведоштва различни од тврдењата на докторите.
И по повеќе од девет месеци, Фикрие и Аријана се уште веруваат дека мајка им ќе се врати еден ден.

„Ќе играат со кукли и само се надеваат – „ќе дојде мама, ќе го донесе бато“. Мене душата ми плаче, не можам да ги слушам“,
вели Фикрие Рустем, свекрва на починатата родилка од Охрид.
37-годишната Фатима Бајрами почина на крајот на март заедно со машкиот плод. Семејството го впери прстот во охридската болница.

„Цела недела ја маткаа, дојди денеска – дојди утре. Женава дури, пукна од мака. Со воденик пукнат ојде, ја вратија. Облече спавача таму, сестрите и дадоа, и си мислеше ќе се породи. Излегува надвор вика „Ајде ќе си одиме, докторот рече не сум готова уште“, а таа со пукнат воденик“,
вели Фикрие Рустем.

„Како може, реков, докторе вака. Што е ова? Срамота. Абре човек, доктор со заклетва е, како ние во војска што дававме заклетва, така и докторите. Ако не, подобро нека не работат“,
вели Неат Рустем, сопруг на починатата родилка.
По некое време поминато дома, сфатиле дека Фатима го загубила плодот.
„Два дена седеше со болки. Дури третиот ден почна не да крвари црвено, таа крвареше зелено нешто, матно, мирисаше, грдо многу тешко“,
вели Фикрие Рустем.
Од болницата во Охрид, како ризичен случај и сомнителна на ковид-19 поради висока температура, е пратена на Клиниката за гинекологија во Скопје. Таму и е направен царски рез, но состојбата продолжила да се влошува, па по неколку неуспешни обиди за реанимација, таа умира од сепса. Потоа се покажало дека не била инфицирана со ковид-19.
Но, зошто се дозволило нејзината состојба толку да се влоши? Директорот на охридската болница Горан Балески вина гледа во другата страна.

„Одговорно тврдам дека со пукнат воденик сигурно нема да ја врати никој. Можно е да имало други течности кои на фамилијата и изгледало како пукнат воденик, но со таква дијагноза сигурно нема да ја вратат. Пациентите треба да ги слушаат препораките на лекарите, а не самите да одлучуваат. Можете да му речете да остани, пациентката одбивала – рекла дури не дојде до пораѓање не доаѓам, кога дошла со мртов плод – дојде со една висока температура, екстремна дебелина, неконтролирана бременост и нашата екипа одлучи дека не сме спремни таа постапка да ја обавиме во Охрид и со екипа е испратена на Гинеколошко-акушерска клиника“,
вели Горан Балески, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Семејството, пак, вели дека не е така. Признаваат дека родилката не одела редовно кај матичен гинеколог, но тврдат дека при прегледите во болница, никој не ги предупредил за можни компликации и не препорачал хоспитализација.
„Тоа е се лага. Да беше така – нека ја држеа, само нека се спасеше, еве и бебето не мора да беше живо, таа да беше жива. Нека беа хумани со време. Скопје треба? – Скопје нека ја носеа. Немаше да се противиме“,
вели Фикрие Рустем.
Писмен доказ дека Фатима Бајрами одбила да лежи во болница, Балески не може да покаже, бидејќи вели дека документите биле на увид кај инспекторатот.
Дали ако порано се интервенирало двата живота можело да се спасат, од Клиниката за гинекологија во Скопје не можат да кажат, но потенцираат дека во такви случаи, времето може да биде пресудно.

„Кога е во таква тешка состојба, најдобро е да се прати малку порано кога се уште не е комплицирана здравствената состојба, иако постојат коморбидитети, таквите пациентки да се пратат навремено. Но, тука не знам каде се изгуби време и зошто пациентката беше испратена во таква тешка состојба, дали имаше и проблеми со семејството – тоа може од државниот инспекторат да ви кажат, мислам дека тие таму одеа на увид“,
вели Викторија Јовановска, директорка на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.
Државниот здравствен инспекторат не нашол причина случајот да се испитува дополнително преку стручен надзор. Зошто, не добивме одговор. На прашањата се огласија само од Министерството за здравство.
Цитирајќи преписка со Инспекторатот, посочуваат дека пациентката имала хронично заболување, не ја контролирала бременоста и одбивала лабораториски испитувања. Во одговорот не е посочено дали одбила и хоспитализација. За целосна истрага, чекаат жалба од семејството.
„Во Информацијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, доставена до Министерството за здравство, е наведено дека не се констатирани недостатоци што се во надлежност на Инспекторатот и од страна на ДСЗИ не е побарано да се изврши стручен инспекциски надзор. Министерството за здравство нема добиено претставка за стручен надзор од семејството на починатата“,
се вели во одговорот на Министерството за здравство.
Ова не е единствениот случај на почината родилка за која семејството обвинува за лекарски пропусти. Изминатиот период во јавноста излегоа и други случаи за кои се бараше одговорност за смрт или компликации по породување.
Од Министерството за здравство велат дека се во тек неколку надзори, но не откриваат дали досега се констатирани пропусти.

Нема ни официјален податок колку родилки починале во 2020 година. Според податоците од Клиниката за гинекологија, лани имало седум смртни случаи. Четири од нив имале тешки компликации и коморбидитети, а три од родилките имале и ковид-19 и починале на инфективните одделенија во Скопје.
Според дел од докторите, причина за влошување на состојбата на родилка со ковид-19, најверојатно, се придружни заболувања и нередовни контроли.
„Дел е на други коморбидитети, дел и од самиот вирус. Самиот вирус продрел многу длабоко во дишните патишка, го зафатил целото белодробие, и затоа пациентите хипосатурираат и настапува влошување на општата состојба“,
вели Сашо Спасовски, анестезиолог во Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.

Сепак, анестезиологот Спасовски потенцира дека жените не треба да стравуваат, бидејќи, како што вели, најголем дел од нив вирусот го минуваат со лесни симптоми.
„Ако пациентката дојде со развиена симптоматологија, породувањето веднаш се завршува, најчесто со царски рез. Aко нема подобрување тој ден, пациентката се префрла на Инфективна клиника за понатамошен третман. Но, важно е да знаат и потенцијалните трудници и македонската јавност дека процентот на позитивните исходи е повеќе од 85 отсто, значи не сме имале со потешка развиена клиничка слика, тој процент бил многу мал“,
вели Спасовски.
По стивнувањето на последниот пик, во ковид-центарот на ГАК се „дише“ полесно. Олеснување за персоналот беа и брзите тестови со кои се проверуваат сите пациентки, па веќе нема сомнителни случаи.
Црвената зона која е одделена од другиот дел на болницата е речиси празна. Сретнавме само една родилка, која по позитивниот тест, одбиле да ја примат во приватната болница во која планирала да се породи. Вирусот го минува без симптоми, изолирана од нејзиното бебе.

„Една жена која очекува дете, мора да мисли на најдоброто. Немаше страв, тоа е нормално, се случува на сите, се случува за жал и на бремени жени, некои полесно некои потешко, но главно тука сите пациентки со кои разговаравме беа во ред“,
вели Ивана Лазаревски, родилка од Куманово.
Како неа, тука се породиле уште 243 жени инфицирани со коронавирусот. Позитивно на ковид-19 било само едно бебе, кое се смета дека се заразило преку надворешен контакт со неговата мајка, а не во нејзината утроба или преку доење.
Но, не секогаш тука било толку мирно. На почетокот од епидемијата, црвениот аларм го вклучил бран предвремени породувања, кога е забележан и раст на смртноста на бебињата. Директорката уверува дека на годишно ниво нема зголемување на стапката на смрност кај новороденчиња, а овие случаи вели дека се последица на стрес и инфекции од неконтролирана бременост.
„Тоа беа бебиња добиени од 22 до 27 недела, значи екстремна незрелост, во една сива зона, кога и во свет овие деца тешко преживуваат. Голем дел од тие мајки ги викнавме повторно и ги тестиравме со серолошки тестови и се покажа дека не биле позитивни. Значи, не била причината ковид. Ние тогаш алармиравме и до Комисијата за заразни болести, но во суштина тоа беа пациентки кои доаѓаа во краен момент, без претходно да се јават и да се консултираат со гинеколог“,
вели Јовановска.
И Јовановска посочува дека вирусот не претставува голема закана за трудниците, ако редовно одат на гинеколог. Сепак, вели дека забележале одредени промени во ткивата на постелките на родилките, кои допрва ќе ги испитуваат.

„Кај пациентките кои во било кое време од бременоста прележале ковид или во моментот се позитивни, имаме отстапување во морфологијата на постелката и папочната врвца. Допрва тоа ќе го работиме како студија заедно со Институтот за хистопатологија на Медицинскиот факултет во Скопје, ќе ги испраќаме за да можеме да добиеме некој податок којшто ќе можеме да го вреднуваме понатаму, за какво пореметување станува збор“,
вели Јовановска.
И додека докторите ќе ги истражуваат последиците од ковид-19, дел од граѓаните се надеваат дека некој поажурно ќе ги испита и причините за загубените животи.
Семејството на Фатима Бајрами нема да води правна битка, бидејќи не веруваат во институциите. Сакаат само нивната болка да биде порака до надлежните – да проверат дали и каде се потфрла.
„Денеска се случи нашето, утре други мајки ќе ги остават нивните деца“,
вели семејството на починатата Фатима Бајрами.