„Македонскиот Вухан“ го нарече јавноста Охрид, како аларм дека градот може да стане жариште на ковид-19. Но, додека за време на летните одмори едни пееја на журки, други се бореа за здив во болница.
Делумно поради новите кластери, делумно поради есента, здравствените власти се подготвуваат и за најлошо сценарио.
Колку ќе биде силен есенскиот бран и можно ли е враќање на старите рестрикции?
Проценките на Центарот за јавно здравје во Охрид и останатите центри во земјава се дека дури една третина од новите случаи на ковид-19 во Македонија, во последниов месец се поврзуваат со посета на места како Охрид и Струга. Според нивните анализи, сите се последица од масовни собири и јавни настани на кои не се почитуваат мерките за заштита.
Но, на одмор се чини ретко кого го засега овој факт.
„Тука во Охрид не ни зборуваат за корона. И многу сум среќен и тоа е причината зошто јас не се враќам во Скопје“,
вели еден од домашните туристи.
Затворените граници го направија Охридското езеро главен центар за домашните туристи. Па плажите и на крајот на август и почетокот на септември беа преполни.
„Се разликува од претходните години, повеќе луѓе има годинава, хаос. И не се почитуваат ни правила ни ништо“,
велат други граѓаните.
Маските најчесто се носат како моден детаљ или се обврска само за угостителите.
„Има ризик, секако дека има ризик, но економскиот ризик мислам дека повеќе ќе не чинеше“.
„Многу малку има што носат маски. Меѓутоа, вака сме релаксирани, добро е“.
„Тоа е нашата култура, нашата совест. А што ќе биде зависи од нас“,
коментираат граѓаните.
Дел од локалното население стравува од нов раст на епидемијата. Други, пак, остануваат генерално сомничави.
„Од каде знаат тие да ги прашам, од каде? Кој им кажа? Сигурно по телефон им се јавија- ало, кој е на телефон? – Корона. Е сега, да знаете чувајте се. Ова е нешто филмовано, ова е сомнително нешто“,
вели еден од локалните жители.
Но, оние што го почувствувале вирусот, не се сомневаат во неговата подмолност.
Во нормални околности, Дејан Лескароски ќе беше на фудбалскиот терен. Но, коронавирусот го донесе на друго место – Инфективното одделение во Охрид.
„Нема граници во годините. Еве јас 34 години, па имав тешки симптоми. Не бира години болеста, вирусот“,
вели Лексароски.
Се тестирал преку скринингот на Фудбалската федерација, во чии рамки се открија повеќе позитивни случаи.
„Јас се штитев најмногу што можев, но пак ете, го почувствував тој вирус. И голема грешка се прави тоа што одат на журки, затоа што на школо не сакаат да одат, а на журки одат истите луѓе, истите деца. Тоа е голема грешка“,
потенцира Лескароски.
Во охридската болница полни се и машкиот и женскиот оддел за болни од ковид-19.
„Бевме три дена во Албанија и од таму почна се. Не бев арна од таму и се вратив. Не го сфаќавме сериозно, навистина не внимававме на мерките“,
вели охриѓанката Јетмира Асипи.
Во еден ден тука се трошат и по дваесетина боци кислород. Поради пандемијата, болницата е речиси целосно реорганизирана.
„Вакво лето сме немале во Охрид досега. Оптовареност со ковид, со туристи, оптовареност на болницата на сите можни начини. Ние имаме една константа моментално, ако ги следите бројките ќе видите дека нема ден во Охрид да нема по некој позитивен“,
вели директорот на охридската болница, Горан Балевски.
За да може да се обезбеди повеќе простор за лекување на пациенти со коронавирус, на местото на зеленилото во болничкиот двор ќе се гради ново инфективно одделение, по примерот на монтажната болница во Скопје.
„Не верувам дека ова така лесно ќе заврши. И подобро да бидеме спремни, отколку нешто да не изненади“,
вели Балевски.
Новата монтажна болница во Охрид е една од планираните 16 такви објекти низ земјава.
Досега болни од коронавирусот се лекуваа во болниците во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Гостивар, Велес и на инфективните одделенија во Охрид, Струга, Битола, Прилеп и Кавадарци.
Новите 16 привремени ковид-19 центри ќе се финансираат со пари од Светската Банка. Освен во градовите каде веќе се лекуваат потешки случаи од болеста, монтажни болници за ковид-19 ќе се градат и во Гевгелија, Струмица, Кичево, Дебар, Кочани и Ресен.
Целта на здравствените власти е пред очекуваниот есенско-зимски бран, да има доволно место и за ковид-19 пациенти и за оние со други здравствени проблеми.
„Имаме зголемен број на новозаболени во повеќе градови во Македонија, Прилеп, Велес, Куманово, Скопје, коишто новозаразени потекнуваат од Илинденските празници поминати овде во Охрид. Тоа се претежно млади луѓе од 25 до 35, 40 години, коишто се однесувале неодговорно или нивните блиски се однесувале неодговорно и ја добиле заразата. Згора на тоа, не ги сметаме оние што се асимптоматски, коишто не можеме ни да ги откриеме, а кои биле овде“,
вели директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид, Сашко Точков.
Освен од забавите во туристичките центри, нови заболени доаѓаат од разни собири, тајни семејни веселби и концерти без маски и дистанца. Сепак, генералната слика што ја гледа јавноста е дека интензитетот на епидемијата има опаѓачка тенденција.
Денешните податоци од Министерството за здравство покажуваат дека во земјава има 2018 активно болни од ковид-19, што е двојно помалку од крајот на јули кога имаше речиси 4 200.
Но, генералната слика може и да „лаже“. Според последната анализа на Институтот за јавно здравје, во моментов има широко распространета трансмисија на вирусот во Скопје, Гостивар, Прилеп и Куманово. Дел од општините на истокот на државата, пак, се во т.н. фаза 3, што значи локализирана трансмисија.
Првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, епидемиолошката состојба во земјава ја оценува како стабилна и под контрола. Но, и самиот вели дека го плашат новите „туризам и забава“- кластери.
„Следливоста на кластерите е дојдена до таму да ние ги познаваме оние што биле на иста свеченост или журка. Меѓутоа, бидејќи сега имаме локална трансмисија меѓу населението, дел од овие не можеме да ги пофатиме. Зашто? Не е како порано да ги кријат податоците туку велат сум бил на повеќе места, со повеќе групи, сум бил со повеќе луѓе. На клучното прашање – дали вие и групата имавте заштитна маска? Не. Тоа е нашиот најголем проблем во моментот, што луѓето се олабавени“,
вели Караџовски.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, ризикот за ширење на болеста секаде е ист, бидејќи луѓето се раздвижени. Смета дека бројките, сами по себе, не значат ништо туку дека е важно колку од заболените ќе завршат во болница и дали навреме ќе се откријат потенцијалните кластери.
„Нашата проценка е, но повторно ова со една резерва, затоа што не можеме апсолутно никогаш да бидеме сигурни, можно е да има одреден притисок кон болниците на крајот на декември и во текот на јануари. Тогаш е најголемиот притисок и од сезонскиот грип и од настинките. Се спремаме за тие месеци да имаме целосно спремни болнички капацитети“,
вели Филипче.
Иако монтажните болници како во Охрид се уште стојат само на хартија, Филипче уверува дека државата е подготвена. Вели, Министерството е на готовс да ги постави штом добие зелено светло од Светската банка.
Обезбедени се и тестови и медицински кадар. Ако состојбата ескалира, не исклучува рестрикции, пред се, во угостителството и движењето.
„Планираме рестриктивни мерки најпрво за одредени реони, општини, делови од градови, населби итн каде што епидемиолозите ќе оценат дека навистина има голема трансмисија на вирусот. Сметам дека нема да има потреба, ама повторно ќе кажам дека ова го кажувам со резерва, за некоја голема рестрикција на движењето по примерот којшто го имавме на почетокот, затоа што сметаме дека со овие таргетирани мерки, согласно искуствата коишто ги имаме, ќе го постигнеме саканиот ефект“,
вели Филипче.
Ригорозни мерки во моментов не посакува и шефот на Комисијата за заразни болести. Но, и Караџовски вели – ако мора, ќе се воведат.
„Па, ваљда нема да дојдеме до таму, да покрај кристално јасна ситуација која треба да ја спроведе населението, ние да даваме нови мерки, полициски, вонредни состојби, карантини, полициски час и тие работи. Не е во ред тоа, затоа што свеста на населението е до таму дојдена, да ние очекуваме секој поединец да се грижи за своето здравје и секој поединец да даде придонес кон колективното здравје“,
вели Караџовски.
Додека здравствените власти се одговорни за дијагностика и лекување на болеста, се додека нема вакцина, превенцијата зависи од поведението на секој граѓанин.
Оние кои имаат свој близок што се бори за здив, не ги интересира кој како ја сфаќа заканата. Единствено им е важно нивните најмили што поскоро да им се вратат дома.