Премиерот Ковачевски на средбата со Вархеји, како што информираат од Владата, нагласил дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на почит и достоинство, за што се согласиле и со бугарскиот премиер Петков
Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, во рамките на неговата посета во Скопје, информираат од Владата.
Според овие информации, на состанокот се разговарало за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина, но и за европерспективите на регионот.
„Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија. Исто така, постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“,
се вели во владиното соопштение.
Вархеји и во текот на вчерашната посета на Скопје порача дека очекува дијалогот меѓу Скопје и Софија да продолжи, за Северна Македонија и Албанија што побргу да ја одржат првата меѓувладина конференција.
Премиерот Ковачевски на средбата со Вархеји, како што информираат од Владата, нагласил дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на почит и достоинство, за што се согласиле и со бугарскиот премиер Петков.
„Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“,
рекол Ковачевски на средбата.