Поранешниот прв човек на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски, најави кривична пријава против министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и ги демантира неговите обвинувања дека прво вршел изнуда, а потоа барал и 250 000 евра поткуп од фирма која законски добила тендер за ископ на јаловина.

Ковачевски, кој сега е генерален директор на АД ЕСМ, му порачува на Чулев да се позанимава со времето кога неговиот партиски лидер, Христијан Мицкоски, бил на чело на поранешно ЕЛЕМ, а сега ЕСМ.
„Неоснованите обвинувања од страна на министерот Наќе Чулев се уште еден доказ за злоупотреба на полицијата за партиско-политички цели на ВМРО-ДПМНЕ. Ги отфрлам неговите денешни обвинувања. Не се точни. Помина времето на МВР-ВМРО кога се правеше хајка и се оцрнуваа неподобните за нив. Кога веќе Наќе Чулев сака да бара криминал му препорачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицкоски како директор на АД ЕЛЕМ, сега ЕСМ, и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по енормно високи цени и ангажманот на неговите пријатели адвокати за консултанти. Воедно за ваквите неосновани обвинувања во денешната изјава нека очекува поднесување на кривична пријава од моја страна против него лично“,
вели Ковачевски.
Тој беше назначен за директор на РЕК „Битола“ во 2018 година. На позицијата остана до 23 јули 2019 кога надзорниот одбор на АД ЕСМ го назначи за претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ.
Министерот Наќе Чулев денеска додека беше во Битола во изјава за медиумите рече дека има пријава против Ковачевски бидејќи во времето кога тој бил на чело на РЕК „Битола“ заедно со останатото потесно раководство, направил злоупотреба на положбата и изнуда.
Според изјавата на Чулев, кој се повикуваше на пријава, изнудата била правена врз фирма која добила тендер за ископ на јаловина и од неа се барало да отстапи дел од договорот за фирма-подизведувач блиска на СДСМ.

„Се работи за реномирана фирма која дала најповолна понуда и го добила тендерот, но од страна на директорот и раководството била вршена изнуда дел од договорот да биде отстапен на друга фирма – подизведувач која ниту има капацитет ниту механизација, а е блиска со СДСМ. Со оглед дека одговорните лица во фирмата која го добила тендерот одбиле да отстапат дел од договорот притисокот продолжил во насока што од страна на директорот на РЕК ‘Битола’, согласно пријавата, бил побаран поткуп во износ од 250 000 евра. Притоа било укажано доколку не биде даден поткупот или не се дозволи да се отстапи дел од договорот, фирмата ќе се соочи со притисок со цел да не биде во можност да го реализира склучениот договор“,
рече Чулев.
Бидејќи фирмата не прифатила, според изјавата на министерот, Ковачевски и раководството ѝ правеле опструкции за потоа да го раскинат договорот со неа. За тоа раководството на ЕЛЕМ (сега ЕСМ) не постапило, а фирмата денеска во граѓанска постапка бара отштета од 1 милион евра.
Чулев рече дека сите материјали и докази ги предале до обвинителството, но оти оттаму засега не добиле никакви инструкции за постапување, па побара обвинителството да реагира.