Премиерот вчеравечер ги повикал присутните на меѓународниот саем за вино, храна и туризам да дегустираат македонско вино и храна. Опозицијата порачува: „Ковачевски да се вразуми и да дојде дома“
Премиерот Димитар Ковачевски синоќа бил домаќин на македонска вечер во рамки на меѓународниот саем за вино, храна и туризам во Белград, соопшти Владата.
Тој во поздравното обраќање пред присутните кажал дека македонската култура и традиција им се познати на регионот и на светот, меѓу другото, и по македонското вино, храна, музика, што ја промовираат државата и како посебна туристичка дестинација.
„Ве поканувам заедно да ги дегустираме македонското вино и македонската храна автентични за нашата македонска држава. Во Северна Македонија културата и гостопримството се спојуваат и создаваат незаборавни патувања“,
кажал премиерот.
ВМРО-ДПМНЕ со реакција: „Баханалиите и лумпувањата на владината делегација во Белград, на чело со Ковачевски се срам за Македонија.“
„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај поради урнисаниот стандард, тонат економијата и стопанството, хаос во образованието и здравството, а на Ковачевски му дошло до неколкудневно забавување со вино и музика на уво. Се смее и ужива додека народот му осиромашува.
Дека Ковачевски и владата се целосно одлепени од реалноста покажува и фактот што потпишуваат меморандуми за брзи железници, а да биде апсурдот поголем, во Македонија се обраќа само еден воз и тоа на делница од 40 километри.
Не можат локомотива да поправат, не можат праг на пругата да сменат, не можат мост да реновираат, патници малку со воз, малку со автобус, малку пак со воз се тормозат, а се фалат дека ќе градат брза железница. Ако нарача уште едно шише од виното за домаќините, Ковачевски ќе потпише и меморандум за космодром“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ и порачуваат: „Ковачевски и Владата отрезнувањето ќе го имаат скоро на избори.“
Инаку, како што соопшти владината прес-служба, на македонската винска вечер во Белград присуствувале многубројни гости од политиката, дипломатијата, стопанските комори од Србија, Црна Гора, Северна Македонија и медиуми.
Дегустацијата на посебните вкусови на македонските вина и храна била проследена со културно-уметничка програма, настап на македонски џез-оркестар и на естрадни уметници.





Пред два дена претседателот на Србија Александар Вучиќ на својот профил на Инстаграм објави како тој, Ковачевски и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, уживаат во народна музика и вино во ресторан во Белград.