На излезот на Скопје, од Ѓорче Петров кон автопатот за Тетово, во попладневните часови може да се забележи метеж во сообраќајот и колона возила кои го напуштаат главниот град.
Ваквата слика кон излезот од главниот град е вообичаена за време на празници и продолжени викенди.
Метежот е во пресрет на карантинот во главниот град кој ќе започне вечерва во 21 часот, а ќе заврши во понеделникот наутро во 5 часот.
Покрај во скопските општини, истиот полициски час ќе важи и во Штип, Тетово, Куманово, Липково, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино, Јагуновце и Карбинци.
Во сите останати градови, пак, тој ќе биде полабав, односно ќе почне вечерва во 21 часот, а ќе заврши утре во 5 часот наутро. Утре, в саботата и в неделата забраната за движење ќе почнува во 16 часот и ќе трае до наредниот ден до 5 часот наутро.
Од вечерва во сила стапува и забраната за посета на гробишта на цела територија. Таа ќе трае до понеделник до 5 часот.
Ваквите рестрикции беа донесена синоќа на владина седница, а следуваат откако имаше зголемување на бројот на заразени со ковид-19.