ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 34% од гласовите на оние кои вчера излегоа да гласаат. На ланските парламентарни избори имаа далеку повисок удел од 43,4%. СДСМ вчера освои 14,2% од гласовите, што е само малку пониско од 15,4%, колку што освоија на парламентарните избори
Континуиран раст и во апсолутен број и како процент бележат само неважечките ливчиња. Во 2021 година тие изнесувале 2,1% (19 127 неважечки ливчиња) од вкупните гласови, за вчера да достигнат до 5,7% (50 007 неважечки ливчиња)
Ако се преслушаат синоќешните обраќања на најголемите партии и коалиции, сите се прогласија за победници или рекоа дека се задоволни од резултатот. Чесен исклучок, меѓу големите, е Бујар Османи – кој призна пораз во Чаир, му честиташе на победникот и најави дека деновиве ќе реши за својата политичка кариера.
Како е можно сите да бидат победници, кога има ограничен број места за градоначалници и советници? Можно е затоа што различни партии и коалиции, се бореа за различни цели. Иако еден глас вреди исто за секоја партија.

Ако за репер се земе апсолутниот број на гласови за листите за советници, според пресметките на „360 степени“ од објавените резултатите за над 99% од избирачите на интернет-страницата на Државната изборна комисија, најмногу добија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – 301 720. Втора е коалицијата предводена од СДСМ, со освоени 125 758 гласа, трета – коалицијата предводена од ДУИ, НАИ, со 114 246 гласа. Следуваат ВЛЕН со 91 974 гласа, Левица со 57 041, ЗНАМ со 38 392 и коалицијата „Искуство за успех“ предводена од ЛДП со 13 096 гласа.

Споредено со претходните два изборни циклуса, иако победник, ВМРО-ДПМНЕ вчера освоила околу 135 000 помалку од гласовите за пратеници во мај минатата година. Споредено со гласовите за советничките листи во 2021 година, резултатот е подобар за околу 10 000 гласа.
За СДСМ, пак, вчерашниот резултат е полош за околу 30 000 гласа споредено со пред година и половина и околу 110 000 гласа споредено со 2021-та.
ДУИ, кои на овие избори беа засилени со крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, се во минус од околу 23 000 гласа споредено со ланските парламентарни, а во плус од околу 11 000 гласа споредено со локалните во 2021-ва година.
ВЛЕН е во минус од 15 000 гласа споредено со ланските парламентарни избори, а не е можна споредба со 2021-ва бидејќи не постоеја.
Левица изгубиле околу 11 500 гласа споредено со парламентарните, но имаат подобар резултат за 7 000 гласа од локалните во 2021-ва. ЗНАМ изгубил 18 000 гласа, споредено со лани.
Апсолутните бројки, сепак, само делумно ја доловуваат сликата – кој што добил или изгубил во поширока смисла.

Во проценти, ВМРО-ДПМНЕ вчера добиле 34% од гласовите од вкупниот број избирачи кои излегле да гласаат. Споредено со 2024, тоа е пад за околу 9,4 процентни поени. Сепак, споредено со локалните избори во 2021-та, вчерашниот резултат е подобар за околу 2,8 процентни поени.
СДСМ вчера освои 14,2 отсто од вкупните гласови. Тоа е за еден процентен поен помалку од парламентарните избори во 2024 година. Со каков надолен тренд е соочена партијата говорат резултатите од 2021, кога СДСМ освои 25,52 отсто од гласовите на листите за советници.
ДУИ, односно НАИ, вчера освоија 12,9% од гласовите во земјава што е полошо за неполн процентен поен споредено со лани и подобро за 1,8 процентни поени споредено со 2021-тата.
Кога е во прашање ВЛЕН, пак, тие добија 10,4% од гласовите што е 0,2 процентни поени помалку споредено со лани.
Левица загубила 0,3 процентни поени од лани, а е подобра за околу 1,1 процентен поен споредено со 21-та.
ЗНАМ загубиле околу 1,1 процентен поен во споредба со ланските парламентарни избори.
Коалицијата „Искуство за успех“ вчера освои 1,5 отсто од гласовите.

Единствената „партија“, поточно категорија, што има повеќе гласови и во апсолутни бројки и во проценти, се неважечките ливчиња. Во 2021-ва такви биле 19 127 ливчиња, што претставувало 2,1% од вкупните гласови. Лани, на парламентарните избори, гласачите уфрлиле 27 451 неважечко ливче, или во проценти 2,7%. Вчера што намерно што случајно имало неважечко ливче во 50 007 случаи. Тоа е 5,7% од вкупниот број гласачи. Кога би биле партија, неважечките би биле шеста политичка сила во земјата, веднаш зад Левица, а пред ЗНАМ на Максим Димитриевски.