Градоначалникот на Врапчиште и в.д. градоначалникот на Гостивар, кои се од редовите на НАИ, сметаат дека Владата нема право да именува повереници во нивните општини откако пропадна првиот круг за избор на градоначалници во локалните самоуправи кои ги водат. Се повикуваат на одредби во Изборниот законик и Законот за локалната самоуправа
Од Државната изборна комисија, која по закон го почнува процесот за именување повереници, не добивме дециден одговор – како ќе постапат во случајот. Универзитетскиот професор, Марко Кртолица, вели законите се доволно јасни дека во случајот треба да се именуваат повереници
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјава дека и тој очекува Владата да именува повереници, но повика да се почека до конечното и официјално завршување на изборниот процес
За грото општини во Македонија изборите завршија но, четири локални самоуправи од северозападниот дел на земјава останаа без градоначалници. Во првиот круг таму немаше цензус, што значи дека не гласаа барем 33,33 отсто од запишаните избирачи. Тоа се Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Гостивар и Врапчиште со излезеност од 21,49 отсто, 30,31 отсто, 33,31 отсто и 25,18 отсто.
Откако гласачите не излегоа во доволен број во првиот круг, Државната изборна комисија веднаш се повика на Изборниот законик.
„Изборите за избор на градоначалник ќе се повторат во целост, односно ќе се повтори целиот прв изборен круг, ќе има нови избори и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од страна на Државната изборна комисија“,
кажа на една од седниците претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Нови избори значат повторување на целата постапка – од распишување на изборите, преку кандидатури и кампања, до ново гласање. Прогнозите се дека гласањето во прв круг ќе се оддржи кон средината на јануари, но прашање е кој ќе раководи со општините дотогаш?
Премиерот, во друг контекст, најави алтернативно сценарио уште во август.
„Сè е можно, можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници“,
изјави Христијан Мицкоски уште во август годинава.
Но, по првиот круг, во општините каде изборите пропаднаа поради недоволен одѕив, а каде е видливо мнозинско опозициско расположение, се наметна дилемата – кој треба да ракодоводи со општините до избор на нов градоначалник. Кандидатот на НАИ за градоначалник на Општина Врапчиште, Исен Шабани, кој бара трет мандат, имаше убедлива предност пред Мехмед Сефери од коалицијата ВЛЕН, но не стана градоначалник затоа што не излегоа да гласаат доволен број избирачи. Тој во изјава за „360 степени“ обвини дека власта намерно ги бојкотирала изборите оти тој бил фаворит и дека сега Владата не треба да именува повереник, туку откако ќе се конституира Советот, советниците да изгласаат вршител на должност.
„Случај кога премиерот може да именува повереник на Владата е дури и ако во вториот круг, од која било причина, не се избере градоначалник на општината…Но, во конкретниов случај во Општина Врапчиште, немаме втор круг. Останавме во првиот круг и изборите се повторуваат од почеток. Не преминуваме во втор круг. Ги повторуваме изборите од почеток и тука треба да се конституира Советот. Советниците важат“,
изјави Шабани за „360 степени“.

В.д градоначалник веќе има во Гостивар. Откако по претходните локални избори тогашниот градоначалник Арбен Таравари стана министер за здравство, поради неспоивоста на функциите, се направија интервенции во Законот за локална самоуправа и Советот избра в.д. градоначалник. Сега, вршителот на должност градоначалник на Гостивар, Ваљбон Лимани, вели дека има мандат додека не се избере негов наследник на избори.
„Јас сум избран на 8 јули 2024 година од Советот на Општина Гостивар и согласно Законот за локална самоуправа, член 4, треба истата функција да ја извршувам до изборот на нов градоначалник. Тоа е со последните измените на Законот за локална самоуправа што беа направени од оваа Влада“,
вели Лимани.

Интересно е што за разлика до кандидатите на НАИ во Гостивар и Врапчиште кои бараат в.д. градоначалници, нивните противкандидати од ВЛЕН сметаат дека до повторените избори, со општините треба да раководат владини повереници.
Логично е да се заклучи дека политичката определба влијае за разногласие за тоа кој треба да ги раководи четирите општини каде изборите на 19 октомрви пропаднаа. Но, основа за различни толкувања како да остава и Изборниот законик. Во членот 134, каде се уредува прашањето за владин повереник, предвидено е дека:
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата. По добивањето на известувањето, Владата во рок од 15 ќе именува повереник… Владата во рок од 15 дена по денот на именување на повереник го известува претседателот на Собранието заради распишување на изборите за градоначалник.
Бидејќи изборите за градоначалник во четирите општини пропаднаа во првиот, а не во вториот круг, прашавме во Државна изборна комисија – кој ќе раководите со нив додека се спроведат нови избори? Не добивме конкретен одговор.
„Повторените избори се одржуваат најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати и притоа за овие избори не важи условот за излезеност од една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Откако ќе завршат роковите за поднесување на приговори за сумирање и утврдување на резултати и за постапката на гласање, како и по завршување на постапките по тужби доставени до Управниот суд, ДИК на седница ќе ги објави конечните резултатите од Локалните избори и за тоа веднаш ќе го извести Собранието“,
велат од ДИК.
Во нивниот одговор, не се споменува ниту Владата, ниту владини повереници. Па, прашавме и во Владата. И оттаму се повикаа на Изборниот законик, но повторно, не добивме директен одговор – дали од „Илинденска“ ќе се именуваат повереници во Маврово-Ростуше, Врапчише, Гостивар и Центар Жупа. Иако, одлуката се навестува.
„Ценам дека е доволно јасна, би кажала, формулацијата во Изборниот законик, но да почекаме да завршат изборите и веднаш по завршување на истите, и како Влада, но и Собранието, се разбира, кога ќе треба да ги распише новите избори за оние општини за коишто ме прашувате, веднаш како Влада ќе излеземе со транспарентно информирање на јавноста за процедурите и постапките коишто ќе ги преземеме.
360֯ : Може да очекуваме владини повереници за овие општини?
Јас во овој момент не можам да соопштам дали има преговори или не во однос на определени имиња, затоа велам да почекаме да завршат изборите и како Влада навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста.
360֯ : Ако се погледне Изборниот законик, процедурата вели дека Државната изборна комисија треба да ја извести Владата за да продолжи постапката за владини повереници, но она што досега го добивме како договор од ДИК, не се споменува ниту Влада, ниту владини повереници засега. Како го коментирате ова?
Затоа велам, сѐ уште чекаме официјално завршување на изборите, да поминат оние рокови за евентуални приговори доколку ги има или не. Јасно е предвидено во Изборниот законик каква е процедурата. Да, Државната изборна комисија е таа којашто треба да ја информира Владата.“
вели за „360 степени“, портпаролката на Владата Марија Митева.

За професорот Марко Кртолица од Правниот факултет при УКИМ законот е јасен. Без разлика во чија полза е одредбата – вакуум просторот на позицијата градоначалник до избор на нов се пополнува со повереник именуван од Владата.
360֯: Но, професоре, во Изборниот законик, се споменува ‘и по вториот круг за избор на градоначалник’, првиот круг воопшто не е споменат.
Точно е тоа, меѓутоа ако погледнеме, одредбата говори „ако и по вториот круг“, имајќи предвид дека се подразбира и состојба доколку не избере, не биде избран градоначалник во првиот круг. И доколку ја погледнеме целокупната идеја на законодавецот, тогаш ќе видиме дека овие одредби се однесуваат што ако немаме избор на градоначалник за време на локални избори. Мора некако ова прашање да биде регулирано. Во таа насока немам дилема дека треба да биде следена онаа постапка која ви ја кажав, односно дека ДИК треба да ја извести Владата, Владата треба да именува владин повереник кој понатаму ќе ја врши функцијата наместо градоначалникот, сѐ додека не биде избран нов градоначалник.
вели професорот Кртолица.

На професорот му ја предочивме и дилемата која ја отвора в.д. градоначалникот на Гостивар, дека членот 4, став 2, од Преодните и завршни одредби од измените на Законот за локална самоуправа од 2024 година пропишува:
Во општината во која… Советот… има избрано член, кој ќе ја врши должноста градоначалник на општината…останува да ја врши должноста градоначалник на општината до изборот на нов градоначалник, избран на првите редовни избори… кои ќе се одржат по влегувањето на сила на овој закон.
КРТОЛИЦА: Во тие конкретни ситуации, доколку немаше направени измени, тогаш ќе требаше да се спроведат дополнителни избори. Меѓутоа, во тој период беше одлучено да се донесат законски измени кои ќе бидат наменети за овие состојби, до првите редовни избори коишто се сега, практично дека нема да има избори и дека ќе може да се избере член од советот којшто би ја вршел функцијата ВД градоначалник на општината. Конкретно тие се однесуваа за овие три општини во тој период, Аеродром, Сарај и Гостивар. Секое поинакво толкување мислам дека би претставувало некој вид на правна гимнастика и е навистина опасно.
360֯: Сакате да кажете дека овие измени веќе не важат?
КРТОЛИЦА: Имајќи предвид дека важат до првите редовни, а овие ни се првите редовни локални избори, да, на тој став сум и немам никаква дилема дека во конкретните ситуации треба да има владин повереник.

Дали на излезеноста влијаела политиката е прашање кое не го менува фактот дека четирите општини каде што не се постигна цензус се и меѓу најиспразнетите во земјава. А, во услови кога за градоначалник се бара да гласаат најмалку една третина од запишаните гласачи, секогаш ќе има опасност да пропадне изборот, вели професорот Кртолица.
„И претежно опасноста се врзува за оние општини каде што имаме големо иселување, бидејќи луѓето веќе не живеат таму, иселени се, но се уште се на избирачкиот список и во таа ситуација навистина е тешко вие во определени ситуации, дури и невозможно, една третина да обезбедите излезност. Тоа што загрижува е дека ако погледнеме, на овие избори имаме тренд на намалување на излезноста на локалните избори, што…
360֯: Но сепак, професоре, потребен е некаков легитимитет, нели?
Доколку веќе сакаме некаков легитимитет, тогаш многу пологично решение би било да бараме излезност 50%, плус еден, затоа што тогаш во таа ситуација ќе можеме да кажеме дека навистина мнозинството учествувало на изборите и од мнозинството половина одлучиле кој ќе биде избраниот кандидат. Ваквата ситуација каде што само една третина бараме, од една страна не ни го дава легитимитетот, а од друга страна ни создава главоболки во вакви ситуации. Дополнително, една третина како решение отвара можност да една поголема политичка опција одлучи да направи тивок бојкот на изборите и практично изборите нема да бидат успешни.“
додава професорот.

Нов изборен циклус значи и нов трошок. Без разлика од која причина пропаднаа изборите, цехот ќе го платат граѓаните. А централната власт, иако можеби накратко, под свои закрила ќе земе уште четири општини.
