Вчера Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека по информација добиена од МВР, ОЈО Скопје побарало од МВР да направи проверки во три фирми во врска со долг што останал од сметката отворена за финансирање на кампањата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, долг кој според последните измени на Изборниот законик не смеел да остане и сите обврски требало да се затворат од оваа сметка. Со ова тие фирми кон кои не е платено индиректно донирале многу поголеми суми отколку лимитот од 30 илјади евра. Една од фирмите во кои се правеа проверки е „Монт“, која е дел од „Орка холдинг“ на Орце Камчев.
За ова во интервју за „360 Степени“ зборуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Тоа што ОЈО го побара од МВР беше да се влезе во 3 фирми, да се прибави документацијата, да се проверат, односно да се утврдат одредени факти, кои се добиени по сознанија и на МВР и на Државниот завод за ревизија, меѓутоа јас апсолутно не можам и не сакам да изнесувам детали за случај кој сега се наоѓа во предистрага или во истрага, заради тоа што апсолутно е неблагородно да разговараме за сите детали од истрагата пред медиуми“,
рече Спасовски.
Спасовски вели дека сите политички партии мора да ги почитуваат законите во однос на финансирање на изборните кампањи, посебно за пари што доаѓаат од буџетот, односно од даночните обврзници.
Запрашан зошто се проверува и шпанска фирма, Спасовски вели дека се проверуваат сите фирми што имале некаква врска со набавките за предметот.

Во однос на тоа дали е свесно избран вчерашниот ден, непосредно пред сведочењето на Камчев, Спасовски вели дека иако е атракција тоа да се пренесува во медиумите, сепак, не е така.
„Се работи врз основа на сите прибрани документи и наредби кога ќе ги издадат надлежните органи. Ние постапуваме во моментите кога ќе ги добиеме наредбите и известувањата. Може слободно да се каже дека е коинциденција, нема никаква поврзаност меѓу едната и другата работа“,
рече Спасовски.