Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи веќе му ја честитаа победата на новиот американски претседател на социјалните мрежи. Но, не само нему, туку и неколку блиски соработници на Доналд Трамп со кои претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во владата имаа средби за време на американското предизборие
Кои се луѓето на Трамп со кои македонската влада имаше контакти во последниве месеци и какво беше објаснувањето за мотивите на тие средби
„Дали Владата на Христијан Мицкоски се проширува со Доналд Трамп“? Така гласеше насловот на текст кој го објавивме на 24 јули годинава. Поводот? Поводот беше неколкудневната посета на неколку бизнисмени од САД кои во земјава ги дочекаа речиси сите министри од ВМРО-ДПМНЕ во владата, плус претседателката на државата.
Гостите, релативно непознати за домашната јавност, беа:
Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, сега извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија.
Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски коорпорации во САД – Кантор Фицџералд (Cantor Fitzgerald). Во последните месеци пред изборите стана еден од најблиските советници на Трамп и се очекува да има водечка улога во тимот за транзиција на администрацијата на претседателот на САД, од Бајден на Трамп.
Крис Павловски, бизнисмен со македонско потекло, основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“ (Rumble). „Рамбл“ вклучува и видео-сервис каде се префрли и Доналд Трамп и неговата корпорација откако добија забрана на „Јутјуб“;
Според тогашните соопштенија и изјави во медиумите, гостите беа во земјава поради неколку причини. Со „Рамбл“ се зборуваше за изградба на национални центри за податоци. Втората конкретна најавена можност беше создавање „дигитален денар“.
– Дали на Трамп фирмата ќе инвестира во Македонија?
„Па, сега за сега не би откривал таков тип на детали. Но, јас сум многу горд и задоволен што овие луѓе ги имав тука и што ќе останат тука во текот на денот и во текот на утрешниот ден. Со тимови на Владата ќе разговараат поделени во два дела. Првиот е економски дел и тука пред се мислам на новите блокчејн-технологии, на криптовалутите и можностите, за ова што претходно го зборував, а тоа е ‘дигиталниот денар’. И второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација, определен „клауд“ во којшто ќе можеме сите овие процедури кои ние ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. И, ако успееме да најдеме заеднички интерес, зошто да не.
– Да. Но, за оваа компанија има дека имала оперативна загуба во првиот квартал од 12,1 милиони американски долари. Половина од тие пари, 6,3 милиони се еднократни плаќања поврзани со затворање и спојување на тие „ти-џи“. Но сепак тие велат дека имаа доволно средства за финансирање на операција во иднината и затоа ве прашав – дали и колку би вложиле во Македонија ако им е ваква финансиската состојба?
Апсолутно станува збор за компании со приходи од десетици милијарди. Мислам, нивното финансиско портфолио и потентност е огромна. Сега, тука не би можел да кажам дали може да обезбедат три милијарди, пет милијарди или 25. Тоа е прашањето, не е прашањето дали може оваа сума која вие ја споменавте. Инаку, господинот Хауард Лутник е практично човек којшто во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние денеска го имавме во Македонија“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски при гостувањето на ТВ Телма на 22 јули 2024 година.
Дочекот на Нунес, Лутник и Павловски не беше единствената комуникација меѓу највисоките претставници на извршната власт во земјава со блиски луѓе на Доналд Трамп во американското предизборие.
Во период од околу еден месец, премиерот Христијан Мицкоски на два пати се сретна со Ричард Гренел. Во првиот претседателски мандат на Трамп тој беше в.д. директор на Националното разузнавање на САД (координатор на 17 разузнавачки агенции), амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на Трамп за Балканот. Се очекува да добие висока позиција и во новата администрација.
Првата средба меѓу Мицкоски и Гренел се случи во Вашингтон на 8 јули, за време на НАТО Самитот во САД.
„Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката“,
напиша на својот Фејсбук-профил премиерот Христијан Мицкоски на 8 јули 2024 година.
Следната средба се случи во Скопје, во Владата. По средбата, стигна соопштение со нешто поконкретни пораки од оние по вечерата во Вашингтон.
„Во текот на средбата се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата“,
соопштија од Владата на РСМ (14 август 2024 година)
Соработката на Владата со луѓе на Трамп, засега се чини ограничена на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Па, кога пред три недели гостин ни беше министерот за здравство кој е од редовите на „Вреди“, го прашавме дали евентуалната победа на Трамп, на пример ќе ја подобри меѓународната позиција на Владата на Мицкоски?
„Од тоа што знам и од тоа што зборувам со одредени, посебно експерти од САД, нема нешто битно да се менува во однос на политиките во однос на Западниот Балкан. Повторно ќе бидат, во однос на Западниот Балкан зборувам, не зборувам генерално за политиките на САД, мислам дека нема да има некакво битно поместување од тие политики коишто ги водеше сегашниот претседател Бајден.
Смеам да Ве прашам, имате Вие личен фаворит на изборите во САД? Харис или Трамп?
Видете, немам, да речам пак, американскиот граѓанин одлучува. Интересно е жена првпат да биде претседател на САД. Меѓутоа, повторно, американскиот граѓанин одлучува на крајот на денот“,
изјави министерот за здравство и член на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ на 21 октомври 2024 година.