На социјалните мрежи секојдневно „врие“ од говор на омраза. Но, во изминатата деценија има само една правосилна пресуда за говор на омраза и тоа од 2016 година.
„Најчесто се сведува на тоа дека, едноставно, не е најден основ за покренување таква постапка“,
вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
А кога системот не може да го види говорот на омраза, проблемот не се решава туку само оди „под тепих“.
„Не сум поднела претставка, бидејќи едноставно решавам дека и да поднесам, сето тоа пак нема да има некаква разрешница“,
раскажува Лила Милиќ.
За разлика од домашната, праксата на Европскиот суд за човекови права има јасно дефинирани норми за тестирање дали одреден случај е кривично дело.
„Советот на Европа има развиено алатка, врз основа на праксата на ЕСЧП, која им помага да практичарите како да идентификуваат случај на говор на омраза наспроти слободата на изразување“,
изјави Наташа Бошкова од Коалицијата „Маргини“.
Кои се најчестите причини поради кои обвинителството не ги турка до крај случаите со говор на омраза насочени кон маргинализираните групи?
Во 2014 година група насилници го демолираа кафулето „Дамар“ во Скопје и ги нападнаа гостите кои славеа роденден на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Седум години подоцна ЛГБТИ активистите излегоа на протест пред обвинителството. Причината е тоа што истражните органи никогаш не ги гонеа виновниците, под изговор дека немаат форензика и техники услови да спроведат истрага за настанот.

„Со ова непостапување, тие не само што го покриваат ова злосторство од омраза, туку ги обесхрабруваат сите други кои доживуваат насилство за кои ние знаеме, да не пријавуваат“,
изјави на протестот активистот Кочо Андоновски.
Како обвинителството се справува со нападите кон припадниците на ЛГБТИ заедницата, но и со говорот на омраза, на своја кожа осетила Лила Милиќ. Ова трансродово лице поднело пријава до МВР во 2016 година, поради исмејување од припадници на полицијата за нејзиниот род. Пет години подоцна случајот нема епилог.
„Внатрешна контрола одговори експресно на сето тоа во полза на МВР, каде тие без мене да ме викнат да дадам исказ, само на писмената претставка одговорија дека нема никакво прекршување на говор на омраза, на човекови права и нема основа за дискриминација и стигма“,
се сеќава Милиќ.

Според Милиќ, членови на заедницата документираат случаи за говор на омраза, но се плашат да одат чекор понатаму. Ги проследуваат до невладините организации, но не пријавуваат и во институциите.
„Само го губиш времето, енергијата, ја губиш надежта дека нешто ќе се смени“,
смета Милиќ.
Хелсиншкиот комитет веќе неколку години, на посебна платформа, го регистрира говорот на омраза. Постапката е следна: откако се заведува делото, организацијата го информира одделението за компјутерски криминал до МВР или пак предметите директно ги праќа до обвинителството.

„Од нашата комуникација со МВР дознаваме дека тие случаи ги доставуваат до Обвинителството, меѓутоа после не добиваат никаква информација. Истото се случува и кога ние самите лично, кога станува збор за стратешки случаи, поднесуваме самите кривична пријава директно до Обвинителство. Долго време не добиваме никаков одговор и до сега сите наши кривични пријави за говор на омраза од страна на Обвинителството се одбиени“,
вели Пировска.
Статистиката на Хелсиншкиот комитет покажува дека во 2020 година биле регистрирани вкупно 1 233 случаи за говор на омраза по сите основи, што претставува зголемување од 130 отсто во споредба со 2019 година. Анализата покажува дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет се во топ три најзастапени причини за пријави за говор на омраза, покрај етничката и политичката припадност. Генерално, праксата со високи бројки се пресликува и во тековната 2021 година.

Но, обвинителството едноставно не наоѓа основа за покренување кривична постапка, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.
„Она што главно произлегува од тие состаноци е дека Обвинителството нема доволно капацитети, особено кога се работи и станува збор за вештачење на тие случаи, бидејќи најголемиот дел од говорот на омраза е на социјалните мрежи односно Фејсбук. Да се најде односно да се доведе во врска одреден фејсбук статус со ИП адреса на личноста која го напишала статусот кој содржи елементи на говор на омраза“,
смета Пировска.
Од Скопското јавно обвинителство велат дека пречка е и тоа што говорот на омраза не е санкциониран како посебно кривично дело во Кривичниот законик. Па, посочуваат дека она што во јавноста се перципира како говор на омраза, најчесто е изразено преку кривичните дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, загрозување на сигурноста и други кривични дела.
„Против овој вид кривични дела Јавното обвинителство постапува во континуитет и кривично ги гони сите сторители за кои се обезбедени релевантни докази. Делата „клевета“ и „навреда“, пак, кои исто така во дел од јавноста се перципираат како говор на омраза, се целосно декриминализирани во македонското законодавство и за нив може да биде поведена само граѓанска постапка. Сепак, динамичниот развој на интернет платформите преку кои се почесто се комуницира, но и се информира јавноста, укажуваат на потребата за определени законски измени кои би овозможиле попрецизно санкционирање на говорот на омраза на интернет, но и би го олесниле кривичниот прогон и обезбедувањето на доказите за овој тип постапки“,
ни одговорија од скопското Обвинителство.

Правната застапничка на коалицијата „Маргини“, Наташа Бошкова, досегашните одлуки на Обвинителството ги класифицира во три категории – каде Обвинителството воопшто не постапува, каде обвинителството смета дека пријавеното не е дело кое се гони по службена должност и каде говорот на омраза не е санкциониран со Кривичниот законик, како што веќе и одговорија од институцијата.
„Во одредени случаи каде велат дека Кривичниот законик не го регулира или не го забранува говорот на омраза, се укажува на тоа дека таму нема познавање на примената на праксата на ЕСЧП и меѓународните стандарди. И постоечкиот Кривичен законик има кривични дела кои може да се подведат под одредени дејствија на говор на омраза иако експлицитно како говор на омраза не се спомнува во Кривичниот законик“,
вели Бошкова.
Меѓу другото, Бошкова напоменува дека Советот на Европа има развиено алатка врз основа на праксата на Европскиот суд за човекови права, која помага како да се идентификува случај на говор на омраза наспроти слободата на изразување.
„Битно е од кого доаѓа говорот на омраза, дали јавноста му верува, дали станува збор за една маргинализирана група која историски е изложена на стереотипизирање има помалку пристап до услуги, воопшто нема политички глас. Бројот на публиката, начинот на кој се десиминира говорот на омраза, континуитетот, траењето, повторувањето, потоа намерата“,
појаснува Бошкова.

Толеранцијата на говорот на омраза води кон дела од омраза. Од почетокот на 2018 година, МВР започна со месечно евидентирање на кривичните дела од омраза. „360 степени“ побара, но не доби ажурирани информации за бројките до крајот на 2021 година. Според јавно достапните информации за периодот 2018 – 2020 година, институцијата евидентирала само четири кривични дела од омраза сторени врз основа на сексуална ориентација, во кои се опфатени 22 сторители.
„Сепак, санкција е санкција. Луѓето никогаш нема да научат дека нешто не е дозволено, ако не сфатат дека тоа нешто се санкционира. Дека за тоа нешто за тој акт или дело постои казна“,
децидна е Пировска.
Но, тоа што МВР почна да ги евидентира делата од омраза е само прв чекор. Без правосилни судски пресуди, практично нема и осуда во вистинска смисла на зборот. Единствената таква пресуда од 2016 година, која ја донел Основниот суд во Струга, е далеку од доволна.