Оваа акутна кризна фаза во односите на владините коалициски партнери беше предизвикана од 5-те илјади амандмани што ДУИ ги поднесе за предлогот за воведување една изборна единица, кој го туркаат помалите партии, а ја има поддршката на СДСМ. Премиерот Зоран Заев првпат јавно ја доведе во прашање одржливоста на партнерството.

„Кога гледаме дека има 9.000 амндмани од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ поднела 5.000 амандмани. Ако ДУИ знае дека ВМРО поднело 9.000 амандмани, а ДУИ поднела 5.000 – а е партнер во владата… Јас можам да разберам по нашите презентации колку добива ДУИ, колку добиваат Албанците сепак да го поднесат тоа, кажете ми вие што да мислам, што да мисли народот, коалицијата колку е таа одржлива или не. Навистина, ова е сериозна причина за сериозни размислувања кои СДСМ ќе ги отвори“,
рече премиерот Заев.
„Оваа реакција на ДУИ не се однесува на СДСМ или на некакви меѓукоалициски односи, туку се однесува на фактот дека ние нема да дозволиме бројот на пратеници-Албанци да падне заради изборниот модел“,
рече вицепремиерот Бујар Османи.
Амандманите на предлог-измените на Изборниот законик се последниот во серијата настани во кои ДУИ како да поставува дистанца кон СДСМ, а се доближува кон ВМРО-ДПМНЕ. На ова му претходеше изгласувањето на Селим Адеми, со помош на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет, но не и на Павлина Црвенковска, предлог на СДСМ. Јавноста ги памети и играриите на пратениците на ДУИ и на спикерот Талата Џафери со давањето или поточно недавањето согласност за притворање на Трајко Велјановски и Љупчо Димовски. ДУИ, од позадина, долго се противеше и на разрешувањет на Јово Вангеловски од челната позиција во Врховниот суд.
Оттука, прашањето е дали коалицијата навистина е сериозно разнишана или станува збор за предизборно позиционирање на партиите?
„Апсолутно не е предизборна реторика да покажеме дека односите не ни се сјајни. Како потпретседател на партијата и како пратеник, јавноста ме знае дека долго време алармирам дека нешто не е во ред во нашата коалиција. Знаеме дека во тој дел на односите, најголем губитник во јавноста, за жал, испаѓа дека е СДСМ поради начинот на кој во минатото беа навиканти да валдеат кадрите на ДУИ. Сега гледаат дека на тој начин не им се дава можност да ја практикуваат власта и имаме изјави од вицепремиерот Османи кој вели дека со СДСМ имаме тешкотии, а со ВМРО-ДПМНЕ беше полесно, тие се попрактични. Што тоа значи, дека беа попрактични во пљачкањето на државата и во монтирање судски процеси. Во што беше попрактична таа нивна коалиција. Значи, тие не ни кријат дека повеќе би биле со ВМРО-ДПМНЕ отколку со СДСМ“,
вели Мухамед Зеќири, пратеник и потпретседател на СДСМ.
Дали ова значи дека има сериозна можност да се распадне коалицијата СДСМ – ДУИ во овој период?
„Јас ако се прашував лично, требаше да се распадне многу порано, но тоа се проценки на раководството на партијата кое треба сериозно да седне и да ги разгледа односите“,
одговара Зеќири.
„Штом воопшто не дошло ситуацијата Ахмети и Заев да се слушнат за последните разговори, тоа значи дека функционира нормално. Зашто ако има нешто што би го фатило „радарот“ на двајцата лидери, тогаш тие би се слушнале и разговарале, така што функционира нормално“,
вели Османи.
Откако во аргументацијата за и против една изборна единица, симулациите покажаа дека Албанците не само што не губат туку и добиваат еден мандат плус ако за основа се земат изборите од 2016-та, вицепремиерот Бујар Османи денеска смисли нов елемент во одбрана на петте илјади амадмани. Зборува за изборен праг, иако тоа воопшто не е дел од предлог-решението доставено во Собранието.
„Јас прочитав некои наслови „Бујар Османи изгубен во бројките“… Сега дали сум изгубен во бројките, или сме изгубени во прагот – нема една изборна единица без изборен праг 3 или 5 проценти. Правете математика со 3 или 5 проценти ќе видите дека Албанците ќе добијат 16 пратеници со овие резултати, така што математиките се правени нестручно. Јасно е дека Албанците губат од една изборна единица“,
вели Османи.
„Апсолутно не е точно. Единствени што би изгубиле би биле ДУИ, а би добиле граѓаните-Албанци. Они очигледно се плашат од една изборна единица и затоа повторно координирано со ВМРО-ДПМНЕ го блокираат овој закон. Бројки се во прашање, а тие очигедно го немаат прочитано законот во кој нема праг. Според предложениот модел албанските партии можат само да добијат пратеници, а во никој случај да изгубат. Тоа е ноторна лага. Би било ОК тоа да го збори некој аматер, но ако тоа го вели Бујар Османи кој со години е во политиката, тогаш тоа е нејасно“,
вели Зеќири.
За позадината на тензиите меѓу СДСМ и ДУИ ги прашавме аналитичарите Петар Арсовски и Џелал Незири.
Хроника на еден најавен развод. Вака политичкиот аналитичар Петар Арсовски гледа на актуелните односи меѓу владините коалициски партнери СДСМ и ДУИ. Тој смета дека има стратешки несогласувања меѓу нив кои овој период ескалираат.
„Се сеќавате на разрешувањето на Јово Вангеловски од Судски совет, одземањето на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски, потоа законот за јазици, сега законот за една изборна единица итн. Повеќе суштински инциденти се кои водат во правецот за кој зборувате. Мислам дека тоа се симптоми на еден посериозна дискрапанца помеѓу владините партнери. Во основа на ДУИ не му одговара македонски партнер кој зема албански гласови. На ДУИ му одговара македонски партнер кој е, условно речено, поалбанофобичен бидејќи таквата позиција на македонскиот партнер бутка гласови во етничкото конто и ја засилува позицијата на ДУИ како најсилен заштитник на албанските интереси“,
вели Арсовски.
Новинарот и политички аналитичар Џелал Незири смета дека оваа коалиција уште на почетокот била неприродна, но се формирала поради заедничката евроатланска агенда. Вели и дека дополнително СДСМ и направи голема штета на ДУИ со објавувањето на дел од „бомбите“ за нејзини фукционери.
„Сметам дека ДУИ нема да и прости на СДСМ за штетата или деградирањето на рејтингот во албанската јавност со објавувањето на бомбите. Оваа цел на ДУИ за реванш кон СДСМ беше секогаш присутна. За време на оваа коалиција овие односи меѓу двете партии мислам дека се односи што ги обединуваше само еден интерес, а тоа беше решавање на името и интеграција на земјата во евроапланските структури. И сега со формализирањето на членството во НАТО, а и доколку се случи одлука за отворање на преговори со ЕУ, мислам дека овие две партии ќе тргнат по различен пат“,
вели Незири.
Но, не само поради малкуте точки што ги поврзуваат. Според аналитичарот Арсовски на ДУИ и стратешки повеќе му одговара ВМРО-ДПМНЕ како коалициски партнер.
„Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не претендира на албански гласови тој простор му го остава на ДУИ бидејќи за Албанците ВМРО-ДПМНЕ е, условно речено, анатемисана македонска партија, во таква ситуација ги прави албанските гласачи поавторитарни, да бираат посилен еден партнер кој би можел да се спротистави на македонскиот. Во таа стратешка смисла на ДУИ повеќе му одговара ВМРО-ДПМНЕ како коалиционен партнер“,
вели Арсовски.
На исто гледиште е и аналитичарот Незири, но тој смета дека повторна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ е возможна само под еден услов:
„По изборите знаеме дека ќе надвладеат интересите, а не идеологиите, програмите итн. По изборите може да имаме и непринципиелни коалиции со цел партиите да бидат дел од Владата. Во овој правец не исклучувам, ако СДСМ победи во македонскиот блок и од друга страна има потреба од гласовите на ДУИ, не се исклучува оваа коалиција во оваа турбулентна форма да продолжи и во иднина“,
вели Незири.
Премиерот Заев не беше до крај јасен на кое ниво би го отворил прашањето за одржливоста на коалицијата со ДУИ, но ако смета дека таа е сериозно поткопана, логично е за тоа да разговара со Али Ахмети. Засега нема најава за таква средба, барем не во јавноста.