Издавањето на лекови на рецепт, употребата на лекови по болниците, боледувањата се само дел од областите за кои директорот на ФЗО, Сашо Клековски, смета дека има злоупотреби, а се многу поскапи споредено со потенцијалните злоупотреби при извршувањето на кардиохируршки интервенции – тема која ја отвори доктор Сашко Кедев. Фондот врши редовни контроли, тврди директорот на институцијата, но капацитетите се растегнати
Не стигнуваат толку поплаки за извршени интервенции кои не требало да бидат извршени, вели Клековски, туку пред се за начинот кој кого и каде упатува. Моето очекување е доктор од Струмица да го прати пациентот во Клиничката болница во Штип, вели тој, а не директно во јавните или приватните болници во Скопје
Во не толку далечната 2015-та година, Фондот за здравствено осигурување платил 2 429 кардиохируршки интервенции за осигурениците. Минатата, 2024-та година, таа бројка се искачила на 3 558 интервенции.
Како е можен тој раст и дали во него може да се препознае легитимација на тезата на докторот Сашко Кедев дека во земјава се прават и непотребни операции на срце, само за профит – беа првите прашања кои му ги поставивме на директорот на Фондот, Сашо Клековски.

Тој, на старт, појасни дека Фондот финансира три типа на интервенции – класична кардиохирургија, интервентна кардиологија и васкуларна хирургија.
Најголемо зголемување на интервенции има во васкуларната хирургија заради зголемениот број на болни пациенти, најчесто пушачи и болни со дијабет, со запушување на крвни садови на ногата. Втора работа што влијае на зголемување е воведување на нови методи, воглавно во интервентната кардиологија бидејќи класичната кардиохирургија постоеше и претходно.
вели Клековски.
На прашањето, дали во трендот може да се гледа доказ на тезата – операции за профит, тој одговара.

За да тврдиме дека зголемувањето е засновано на лажно оперирање треба сериозно да ги поткрепиме сите тие работи и стручната комисија работи на тоа. Јас инсистирав да покрај пријавените претставки се направат слепи проверки за стручноста бидејќи она што Фондот го контролира е документирање на постапката. Ние имаме медицинска контрола составени од општи лекари кои ги контролираат сите извршени интервенции, секоја година. Значи, правиме слепи контроли и во „Жан Митрев“ и во „Систина“ и во сите поголеми здравствени установи каде што утврдуваме дали се што е наведено во досието е поткрепено со рендген, со ехо, со наод, со сета пропратна документација. Така да сите случаи се одлично документирани и не би претставувало проблем на комисијата да утврди дали се операциите оправдано изведени.
изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОРСМ.
Но, додава Клековски него во моментот му се поголема грижа „интервенции што требало да се направат, а не се направени“, отколку „дали имаме гранични случаи на интервенции“.
Бидејќи во првиот случај губиме животи и нашиот фокус е да обезбедиме секој еден пациент да ја добие потребната нега.
вели Клековски.
Хирурзите на државно со помалку операции од тие на приватно
Анализата која „360 степени“ ја направи на годишните извештаи на ФЗО пред интервјуто со Клековски покажа дека јавните здравствени установи кои прават кардиохируршки операции не успеаваат да потрошат ниту половина од парите кои за вакви зафати им ги одвојува фондот. За разлика од нив, приватните болници со кои Фондот има договор, „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“, трошат 100%.

Така, само лани, „Систина“ добила 8,4 милиони евра, а „Жан Митрев“ 8,3 милиони евра од ФЗО за извршени кардиохируршки операции. За споредба, Државната кардиохирургија „сработела“ само 2,7 милиони евра (44,7% од парите одвоени за институцијата), а Клиниката за торакална и васкуларна хиругија 1,2 милиони евра (23,5% од парите одвоени за институцијата).
Цените се исти и за приватните и за јавните установи. Важат за сите обезбедувачи на услуги… Буџетите се утврдуваат на преговори, со јавните и со приватните обезбедувачи на услуги кои се засноваат на нивото на исполнување на планот за тековната година до 9-ти месец, веќе преговараме во ноември и декември за следната година… Зборуваме за елективната програма, која може да се планира.
Во јавните здравствени установи, не сите работи се под „ДОЏ“ и не сите работи се соодветни вреднувани, па можеби затоа има неисцрпување на буџетот… Во основа има и објективни ограничувања, веројатно и субјективни ограничувања. Вистината е дека имаме мал број на интервенции по хирург во јавното здравство, за разлика на голем број на интервенции во приватното здравство. Меѓутоа, повторно, медицината не е фабричко производство и не може да стандардизирате. На пример, последната интервенција на крвни садови на нога на торакална хирургија, траеше девет часа.
вели Клековски.
Ако се знае дека цената по интервенција која ја плаќа ФЗО е иста за сите установи, се наметна прашањето – зошто тогаш кај некои обезбедувачи на услуги просечната цена по интервенција расте и во години кога тоа не се случува кај другите.

Станува збор за промена на комплексноста на зафатите што се прават. Во цената за еден пациент влегуваат интервенциите направени од првиот до денот на отпуст. Значи не влегуваат претходни дијагностики и слично, туку само од денот на прием во болницата. Ние тоа го контролираме. Една од причините може да биде зголемување на комплексноста на зафатите, „Систина“ воведе многу подоцна (неколку нови методи н.з.) во своето портфолио и пред сè не е зголемување на цената, туку зголемување на комплексноста на зафатите и тоа може да зависи од случај до случај.
„360 степени“: Дали двете болници нудат еднакво комплексни зафати?
Во моментот сите, зборувам за скопските болници, нудат исто комплексни зафати.
„360 степени“: Дали имате објаснување зошто тогаш се прават повеќе комплексни зафати во една болница, а помалку во друга?
Зависи од… значи, пациентите на крај одлучуваат во која болница ќе одат бидејќи имаме право на избор на лекар во нашето здравство.
Фондот „крвари“
Во однос на контролите, Клековски објасни дека задача на Фондот е пред се да провери дали е се во ред административно со услугите кои ги платиле, во смисла – дали ја има целата документација за интервенциите и прегледите кои се направени врз еден пациент, за кои се бара наплата. Стручниот дел, како на пример дали тие интервенции биле потребни или соодветни, проверува Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Така, на пример, Фондот работел на осум претставки за работата на „Жан Митрев“ и „Систина“. Станувало збор за случаи во кои на пациентите им било понудено да го прескокнат редот на чекање за интервенција, со тоа што ќе се согласат да бидат оперирани на приватен, а не на државен трошок.

Значи, ние правиме годишни контроли. Секоја година, сите поголеми обезбедувачи на услуги, без разлика дали се јавни или приватни, ги контролираме услугите што се платени од нас. И тоа го правиме редовно.
кажа Клековски.
Но, првиот човек на Фондот тука направи поголема дигресија. Прво, дека човечките капацитети за контрола се истенчени.
Во моментот, нашиот оддел за контрола е целосно растегнат бидејќи имаме масовни барања за контрола на боледувања од повеќе јавни институции. Имаме зголемен број на претставки од граѓани за различни проблеми…
А, потоа, и дека има злоупотреби кои се потенцијално далеку поскапи од кардиохирургијата.
Фондот за здравствено осигурување крвари на многу места, ако можам така да се изразам. Ние имаме загуба на позитивна листа со лажни рецепти. Имаме загуба… позитивната листа е 50 милиони евра. Имаме загуба со лажни боледувања. За боледувања плаќаме 80 милиони евра годишно. Само како Фонд, без работодавачите. Имаме загуба во лекови, во неконтрола на болничка употреба на лекови. И, морам да кажам дека нашиот приоритет е да се посветиме на најмногу контрола таму каде што имаме најголем ризик. За споредба, сите кардиологии заедно имаат помал буџет од една клиника – Клиниката за онкологија.
Јас постојано ги охрабрувам граѓаните, и од таму кадешто требало да биде нешто направено, а не било направено, да поднесат претставка и ако смеаат дека се прекумерно наплатено, односно дека нешто не требало да биде направено, да поднесуваат претставки кон нас бидејќи надвор од редовните контроли ние немаме механизми за постапување.
вели Клековски.
Шема со упати
Разговорот потоа продолжи со директно прашање – дали Клековски ја исклучува можноста дека Фондот „крвари“ и од кардиохирургијата, односно преку исплата на пари за операции кои не требало да се случат. Остави простор дека таа можност постои, но кажа дека граѓаните најчесто се жалат на друг тренд.
Значи, не дали е оправдана или не е оправдана интервенцијата, туку кој кого каде упатува. И не е тајна дека одредени кардиолози упатуваат пациенти во одредени болници.
360 степени: Против тоа може да се борите некако?
Со патокази. Меѓутоа имаме многу расправа со стручната фела, дали правото на избор на лекар е над протоколите за упатување на пациентите. Бидејќи често се случува да се прескокнуваат нивоа. Моето очекување е кардиологот од Струмица да го упати пациентот во Клиничката болница во Штип, а не директно во некоја од скопските болници, јавни или приватни. И тука има голема расправа. Се надевам дека со уредување на патоказите, кој пациент каде треба да биде упатен, спреме најблиската локација каде се врши таа интервенција. Бидејќи во неелективната кардиологија, таа што може да се планира, во итната кардиологија времето е и те како важно.
изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОРСМ, во интервју за „360 степени“.