Пред Белградскиот саем и денеска се формираа огромни редици од повеќе илјади граѓани за да се вакцинираат со вакцината против ковид-19 на кинескиот производител Синофарм.
Меѓу нив има граѓани кои беа дојдени без покана за вакцинација и кои чекаат неколку часа. Граѓаните чекаат во два реда, во едниот се оние што по доброволното пријавување добиле покана за вакцинација, а во другиот се оние што дошле без закажан термин.
Пунктовите за вакцинација на Белградски саем се отворени до 16 часот, а масовната вакцинација се спроведува и ширум другите градови во Србија.
Според последните податоци што ги објави РТС, повеќе од 200 илјади граѓани во Србија досега примиле вакцина против ковид-19.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека Србија е четврта земја во Европа според бројот на вакцинирани граѓани и дека пред нив се само Велика Британија, Малта и Данска.
Тој дури направи споредба и на глобално ниво, па така порача дека Србија е деветта во светот по бројот на вакцинирани на 100 000 жители, а за 72 часа би била петта.
Вучиќ најавил и дека од „Фајзер“ ќе стигнат помалку од предвидените вакцини, како и дека ќе доцни испораката на руската „Спутник Ви“ поради застој во нивните фабрики. Но, за српскиот претседател тоа не е проблем, бидејќи вели дека е важно оти ќе стигнат.