Топката е на македонска страна, вели за „360 степени“ рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, откако на 18 август Русија ја понудила вакцината „Спутник V“ на Македонија. Домашните власти сериозно ја разгледуваат понудата, но претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, вели дека се потребни уште доста информации за да се донесе одлука
Вака почнува видео презентацијата на рускиот директен инвестициски фонд за вакцината против коронавирусот „Спутник V“, производ на „Гамалеја“ – научно истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија на Русија.

Симболиката е и повеќе од јасна – како што „Спутник 1“ го совлада предизвикот да биде прв вештачки сателит околу Земјата, Русија го промовира „Спутник V“ како прва вакцина која го совладува коронавирусот.
„Таа е ефикасна и произведува одржлив имунитет. Го знам ова, бидејќи една од моите ќерки се вакцинираше, беше дел од тестирањата“,
изјави рускиот претседател Владимир Путин на 11 август 2020 година.
Од тој 11 август, кога претседателот Владимир Путин му ја соопшти веста на светот, Русија ја понуди вакцината на повеќе држави. Меѓу нив и на Македонија.

„Знаете, не се наметнуваме воопшто. Ако македонската страна е заинтересирана за оваа вакцина, ние сме потполно отворени за соработка“,
изјави за „360 степени“ Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија.
Одговорот од македонските здравствени власти е дека вакцината се анализира, а одлука се уште нема.

„За ефикасноста веќе имаме добар дел на информации, меѓутоа она што е, исто така, битно е безбедноста“,
вели проф д-р Александра Грозданова, претседателка на македонскиот Комитет за имунизација.
Кога Скопје ќе и одговори на Москва и какви се шансите „Спутник V“ да дојде и на македонскиот пазар?
Како „работи“ Спутник V
Sputnikvaccine.com е интернет-страницата на која лабораторијата „Гамалеја“ објаснува како делува нивната вакцина „Спутник V“.
Руските научници велат дека прво земале дел од протеинот од „круната“ со кој коронавирусот ги напаѓа човековите клетки. Потоа, го ставиле протеинот во вируси од вообичаени респираторни настинки т.н. аденавируси, со тоа што генетски му ја одзеле можноста да се размножува. Кога ќе се прими таквата вакцина, аденавирусот го „носи“ протеинот од коронавирусот до клетките на човекот. Без својството за размножување, во теорија, примателот на вакцината не се разболува од коронавирусот. Напротив, неговиот имунолошки систем развива антитела кои знаат како да се борат против „непријателот“. За одговорот на имунолошкиот систем да биде посилен, има и ревакцинација по три недели од првата доза.

Баздникин: Топката е кај македонската страна
Оваа вакцина, уште на 18 август, амбасадата на Руската Федерација во Скопје ја понудила на Министерството за здравство, изјави во петокот за „360 степени“ рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

„Го замоливме министерот да не информира дали постои интерес кај македонската страна за добивање на вакцината и доколку постои, да ни достави податоци за контакт лице, со кое би можеле да се воспостават поединечни параметри на соработката. Вчера јас зборував на телефон со министерот Филипче, на негова инцијатива, кој ми кажа дека нивниот сектор за вакцини и имунизација го следи процесот за руската вакцина и имаат некои прашања во врска со тоа. Се договоривме дека тие ќе бидат разгледани во контакт меѓу стручни лица на двете земји“,
вели амбасадор на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин.
-Тоа значи дека веќе добивте прашања од македонската страна или ги очекувате допрва?
„Ха. Вербално, од министерот. Јас се надевам дека ќе добијам и во писмена форма, во кус рок“,
одговора Баздникин.
-Дали сте задоволни од таквиот одговор од македонското Министерство за здравство?
„Ух. Знаете, не се наметнуваме воопшто. Ако македонската страна е заинтересирана за оваа вакцина ние сме потполно отворени за соработка. Ако вие сакате да дознаете повеќе за некои прашања, тука сме и спремни сме да ги понудиме сите одговори што ги имаме. Јас би сакал да бидам сосема отворен тука – значи топката е на македонската страна“,
вели амбасадорот Сергеј Баздникин.
Понудата се разгледува сериозно
Како македонската страна ќе „изигра“ со нафрлената руска топка, ќе зависи од домашниот Комитетот за имунизација. Претседателката на телото, Александра Грозданова, вели дека дописот се разгледува сериозно и поради кредибилитетот на производителот – истражувачкиот центар „Гамалеја“.

„Значи, тој институт, заедно со две болници, клинички болници, воени болници, Министерството за здравство на Русија и Министерството за одбрана стојат зад проектот на развој на оваа вакцина и, недвојбено, секој еден истражувач-научник нема двојба во однос на кредибилитетот, реномето на овие истражувачки центри“,
вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација.
Но, додава Грозданова, не е можен брз одговор за „Спутник V“, бидејќи руските научници не споделувале информации за развојот на вакцината, како што тоа го прават научниците кои развиваа вакцини на Западот. Дури на 4 септември беше објавена студијата за втората фаза од тестирањата направена на 76 доброволци. Нема резултати од третата фаза, кога вакцината се тестира на голем број луѓе, затоа што таа само што започна, иако вакцината е веќе одобрена.
„Она што е многу важно да го видите е временскиот период во којшто таа вакцина е ефикасна. За ефикасноста веќе имаме добар дел на информации, меѓутоа она што е исто така битно е безбедноста. А безбедноста кај вакцините вие не можете да ја следите недела или две, потребни ви се секогаш три месеци, па шест месеци или слично и тоа е тоа што еден сериозен пристап секогаш би имал еден таква задршка во однос на тие податоци. Покрај тоа, секако … би рекла, да видиме и како оваа вакцина ќе се најде на пазарот, дали ќе ги помине сите оние институционални проверки затоа што регистрите на еден лек, на една вакцина, на национално ниво е едно нешто, а регистрите за употреба надвор од таа земја е нешто друго“,
вели Грозданова.
Заев: Ќе го чекаме СЗО
Поедноставено, здравствените власти не ја отфрлаат можноста да ја набават и руската вакцина, но само откако домашната и светската научна јавност ќе ја потврдат нејзината ефикасност и безбедност, што е позиција и на премиерот.

„Ако Светската здравствена организација ја потврди, немаме проблем“,
изјави Зоран Заев на 10 септември, одговарајќи на новинарско прашње.
Амбасадорот Баздникин, вели, го почитува ставот на Заев, но повторува – вакцината е и ефикасна и безбедна.
„Прво, би сакал да кажам дека ние секогаш почитуваме ставови на премиерот Заев и сите премиери од сите земји. Ако вие сакате да добиете зелено светло од Светската здравствена организација, изволте. Во Русија оваа вакцина ќе се користи веќе од следната недела за вакцинирањето на луѓето. Затоа и јас нагласив дека потполно сме убедени дека вакцината е безбедна и ефикасна“,
вели во интервјуто за „360 степени“, амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин.
-Дали како амбасадор имате информација, бидејќи еве и ја нудите вакцината на нашата земја, зошто се скокна тој трет стадиум од тестирањето пред вакцината да биде регистрира од страна на официјална Москва?
Колку што знам јас, јас би бил малку попрецизен. Не ја скокнавме третата фаза, туку третата фаза отпочнува сега со 40 000 луѓе кои ќе бидат опфатени…
вели Баздникин.
-Да, но поентата ми е дека и во Русија и секаде праксата била после третата фаза да настапува регистрацијата?
„Колку што знам јас, ние имаме протоколи кои потполно се почитуваат. Сегашната ситуација со пандемијата со коронавирусот бара изнаоѓање на нови решенија. И, не е битно колку фази има, туку колку брзо ќе се изработи ефикасна и безбедна вакцина. Во тоа сме потполно убедeни“,
одговори амбасадорот Баздникин.
-Добро и без третата фаза чија цел е да докаже дека се е во ред со вакцината на поголем број на испитаници?
„Тоа ќе се докаже. Ние веќе сме убедени, но секогаш може да биде уште побезбедно за луѓето кога ќе ги видиме резултатите на оваа трета фаза во Русија“,
вели Баздникин.
Подетално објаснување за причината – зошто Русија побрза да ја регистрира „Спутник V“ има директорот на Рускиот директен инвестициски фонд, Кирил Дмитриев. Шефот на институцијата која е задолжена за финансиски зделки поврзани со руската вакцина, за американски Си Ен Би Си, изјави дека ризикот е оправдан, а впрочем го прават и сите други.

„Предноста која ја имаше Русија е што веќе има регистрирано вакцина за ебола која помина низ сите клинички тестови, фаза 1, 2 и 3. Ние само благо ја модифициравме оваа вакцина за ебола во вакцина за коронавирус, базирана на човечки аденавирус. Овој пристап наречен човечки аденавирус е истражуван многу. Од 1971 г. сите регрути во војската на САД добиваат вакцина со човечки аденавирус. Значи, употребивме стар, докажан пристап и добивме резултат. И сега други земји ги следат нашите чекори. Видовме дека Велика Британија, минатиот петок, рече дека можеби ќе пристапат кон итна авторизација. И ФДА (Агенција за храна и лекови на САД) го кажа истото, што е всушност следење на руските чекори откако првично рекоа дека ниту една вакцина не може да биде одобрена пред фазата 3“,
изјави за Си Ен Би Си Кирил Дмитирев, директор на Рускиот директен инвестициски фонд.
Сепак, додека руската вакцина да го добие зеленото светло од СЗО кое го бара и Заев, најверојатно ќе поминат месеци. Паралелно, здравствените власти во земјава работат и на другите опции – вакцините помогнати од ЕУ и КОВАКС механизмот, каде на иста маса се повеќе реномирани лаборатории и земји- потенцијални купувачи.
„Имаше неколку состаноци за преговарање. Точно се запознаени земјите-членки за фазата на развој на секоја од вакцините. Во моментот, овие четири коишто најмногу напредуваат, вклучително и оксфордската односно вакцината на „Астра-зенeка“, ги добиваме тековно информациите и јавноста е запознаена со тоа. Што не значи дека таа ќе биде онаа вакцина која најбрзо ќе оди, меѓутоа информациите се проследуваат на тековна основа и врз основа на информациите која од вакцините ќе биде првиот или вториот кандидат, што не значи дека ќе биде само една, понудена е опција да секоја држава може да избере и два-три кандидати, да бидат избрани повеќе вакцини, тогаш ќе може да се учествува. Најавите се, оптимистичките – кон крајот на годината, а реалистичките – на почетокот на следната, некаде на пролет, дека веќе би имале кандидати што ќе ги поминат сите овие фази, вклучително и регулаторните во однос на регистрацијата на тие вакцини и потоа да бидат достапни за земјите коишто ќе бидат заинтересирани“,
вели проф. д-р Александра Грозданова.
Важноста, вакцината да ја помине третата фаза на тестирање пред да биде регистрирана за општа употреба, најдобро се покажа со еден од главните конкуренти на „Спутник V“ – т.н. „оксфордска вакцина“. Минатата недела, еден од 30 илјади учесници во тестирањето се пожалил на сериозна болест, по што вакцинирањето запре. По разгледувањето на случајот, вакцинирањето продолжи вчера, но само во Велика Британија, а не и во другите „тест“ земји – САД, Бразил и Јужна Африка.
Фактот што немаше образложение – зошто тестот некаде продолжи а некаде не, ја покажува и другата димензија во потрага по вакцина – престижот и бизнис потенцијалот. Во моментов, СЗО препознава 180 кандидати за вакцина, од кои 35 се во фаза на клиничка, а 145 во фаза на претклиничка евалуација.