Во наредните 18 месеци естонската тројка – Реин Ланг, Кадри Маасик и Лаури Табур ќе бидат дел од проектот чија крајна цел е дигитализација на општеството. Станува збор за луѓе со големо искуство, експерти, познавачи на проблематиката на е-владеење, а меѓу нив е и поранешен министер за надворешни работи и правда на Естонија
Ланг, Маасик и Табур ќе и помагаат на Северна Македонија да спроведе соодветна дигитализација што треба да резултира не само со полесно достапни јавни услуги за граѓаните, туку и со враќање на довербата во институциите и намалување на корупцијата. Проектот, финансиран од Соединетите Американски Држави и Естонија, во земјава ќе се спроведува преку владиниот Секретаријат за европски прашања, и ќе трае најмалку 18 месеци. Естонија, која е членка на ЕУ и НАТО, е избрана за ментор не само затоа што предничи во дигитализацијата во светски рамки, туку зашто се смета дека во деведесеттите поминала низ предизвици слични на оние со кои се соочува Северна Македонија: одлив на мозоци, корупција и внатрешни етнички делби. Естонија успешно се справи со овие проблеми и денес се смета за успешна приказна во ЕУ – една од најдигитализираните земји во светот, стабилен сојузник во НАТО, со високо ниво на јавна доверба во институциите и значително подобрена меѓуетничка кохезија.
Ви благодарам на сите тројца за учеството во „360 степени“. Ќе почнам со прашањето – што може да се очекува како исход од проектот во кој вие учествувате овде во Северна Македонија?

„Ви благодарам за поканата. Јас веќе трет пат сум во вашата убава земја и забележав многу промени. Како поранешен политичар во Естонија, ме фасцинира колку брзо ова општество се развива. Нашата мисија тука е да ја промовираме идејата за е-владеење и е-општество, кои беа успешно спроведени во Естонија. Рано е да се каже кој ќе биде исходот, но ние го направиме најдоброто што го можеме за да ви ја кажеме нашата експертиза и искуство во Естонија во овој сектор“,
вели за 360 степени, Реин Ланг, поранешен министер за правда и за надворешни работи на Естонија.

Кои се вашите впечатоци од првичните средби што ги имавте со надлежните во земјата?
„Искрено, јас сум импресиониран од потенцијалот што земјата го има зашто вашиот иницијален почеток во дигитализацијата на општеството е различен од оној на Естонија. Кога ние почнавме во 1997 година, немаше компјутери, дигитални, паметни телефони… Во Македонија, како што кажа мојот колега, имаше голем развој. Предизвикот е тоа што овој развој треба да биде подобро таргетиран отколку што е сега, зашто има многу интересни елементи – многу луѓе, особено млади кои сакаат да имаат добри услуги, тие елементи да бидат споени и затоа размислуваме, заедно со нашите партнери во Северна Македонија, како подобро да ги таргетираме овие елементи, да се носат подобри одлуки за сите да добијат, особено граѓаните“,
вели Лаури Табур, експерт за дигитализација и е-владеење.

Врз основа на естонското искуство, кој треба да биде првиот чекор во процесот на потенцијална дигитализација и е-управување?
„Ви благодарам и од моја страна – од Естонскиот центар за меѓународен развој, мило ни е што сме овде за да ве поддржиме на вашиот пат. Какви ќе бидат првите фактички решенија, ќе разговараме и допрва ќе утврдиме какви активности ќе се преземат“,
изјави Кадри Маасик, директорка на Меѓународниот центар за развој и соработка на Естонија.

Кои се столбовите, предуслови за да успее овој процес и колку време ќе биде потребно за да се видат првите резултати?
„Ова е прашање од милион долари зашто не може да се покажат резултати за 3-4 години. Тоа е долгорочна политика со долгорочни резултати. Дигитализацијата за која сега дебатира ЕУ не е прашање само за владата, туку за целото општество, особено за приватниот сектор. Прашањето е како на една маса да се седнат приватните бизниси, граѓанскиот сектор и владата и заеднички да носат одлуки и заеднички да го туркаат процесот. Ова е клучното. Првите резултати може да бидат видливи многу брзо, но за општествените резултати, кои вистински ја покажуваат трансформацијата на општеството, според естонското искуство, ќе требаат од 5 до 7 години. Дефинитивно, процесите може да се забрзаат, но никогаш не се знае“,
образложува Реин Ланг.
Зборуваме за долгорочни процеси и претпоставувам дека за нивна имплементација треба неопходна политичка волја?
„Политичката волја е еден од темелите – дигитализацијата не е техничко прашање, туку повеќе е законодавно прашање, а законите може да се носат само со помош на политичка волја. Тоа е духот на демократијата“,
смета Реин Ланг, поранешниот министер за правда и за надворешни работи на Естонија.
Според вашето искуство, кое е најтешкото парче од сложувалката?
„Пред се, тоа е прашањето како на иста маса да се седнат приватниот сектор, владата и администрацијата и, истовремено, подеднакво да го споделуваат товарот, не само преку ПР-настапи, туку и преку споделување на финансискиот товар. Тешко е се да се прави со користење само на парите на даночните обврзници и затоа приватните бизниси треба да бидат вклучени“,
смета Ланг.
Едно практично прашање – според Индексот за перцепција за корупција на „Транспаренси интернешнл“, Естонија е рангирана како 17. земја, наспроти 111. место на Северна Македонија? Колку процесот на дигитализација помогна за подобрување на ситуацијата во Естонија?

„Многу помогна. Иако дигитализацијата не беше имплементирана за директно да се справи со корупцијата зашто дигитализацијата се однесува на услугите, а ако услугите се корумпирани, тогаш не може да се обезбедат добри услуги. Тоа е јасно и секој треба тоа да го разбере. Имаме поговорка која доаѓа од нашиот поранешен претседател кој рече: „Не може да подмитите компјутер“. И, во суштина, тоа кажува се“,
вели Лаури Табур, експерт за дигитализација и е-владеење.
Естонија е првак во дигитализација и е-владеење, а Северна Македонија на претстојните локални избори, за прв пат, ќе користи биометриска идентификација со отпечатоци. Претпоставувам дека ова, од ваша перспектива, изгледа прилично рудиментирано – можете ли да ни објасните како изгледаат избори во Естонија?
„Една од основите на естонската дигитална економија е нашата дигитална лична карта. Врз неа се темелат повеќето е-решенија и услуги. Точно е дека на последните парламентарни избори во 2019 г. речиси 50% од Естонците гласаа онлајн. Тоа подразбира дека ви треба лична карта и компјутер и да се произнесете за кого гласате. За ова да го направите не треба да излезете од дома. Ова решение им овозможи и на Естонците што привремено или подолго време живеат во странство да гласаат и со тоа се зголеми излезноста на изборите. За ваков начин на гласање неопходни се само неколку минути“,
објаснува директорката на Меѓународниот центар за развој и соработка на Естонија.
Дали оваа дигитална лична карта за која зборувавте ќе биде дел од проектот што ќе го имплементирате во Северна Македонија?
„Тешко е да се каже, зашто има различни технички решенија за дигитална лична карта (E-ID). Прашањето е што е соодветно за општеството – тоа може да биде лична карта, мобилен телефон или некаков уред… Не треба да се држиме до еден збор – дигитална лична карта (E-ID), има различни избори, но тие треба да бидат разбирливи и доволно евтини за сите да ги користат“,
смета Реин Ланг.
Ви благодарам.