Пасивизирањето на Вашингтон и падот на кредибилитетот на Европската Унија оставаат празен простор во македонскиот јавен дискурс, што резултира со засилен продор на антиевропски наративи, главно насочени кон војната во Украина, односите со Бугарија и евроскептицизмот – сметаат претставници на граѓанскиот сектор и аналитичари што ги консултираше „360 степени”
Интервјуто од ноември 2025 година на ТВ21 е претпоследното кое тогашната американска амбасадорка Анџела Агелер го даде за телевизија од земјава. Две недели подоцна Агелер даде интервју и за ТВ „Сител“. Тоа е последно телевизиско интервју на амбасадор на САД во земјава. Непосредно пред Нова Година, администрацијата на Доналд Трамп ја отповика Анџела Агелер од должноста.

На чело на амбасадата на САД во Скопје застана дотогашната заменик-амбасадорка Никол Варнс како вршителка на должноста. Таа има активности на терен, но досега немала јавен настап во кој би прокоментирала случувања од политичкиот живот во земјата, нешто што беше стандард за сите претходни амбасадори на САД во Македонија.
Не сме единствените што ја забележаа промената. Горан Ризаов од Фондацијата Метаморфозис го дели мислењето дека јавните настапи на претставници на американската амбасада се забележливо редуцирани, иако смета дека амбасадата го задржува прозападното влијание во Македонија.
„Очигледно е дека САД со новата администрација делумно ја имаат сменето надворешната политика во однос на Балканот. Ако не се лажам, во речиси сите земји од регионот на Западен Балкан имаат в.д. амбасадори. Но, тоа не значи дека не си ја вршат својата работа која е слична на онаа стратегија што ја имале претходно, иако не е на тоа ниво на коешто беше пред промената на администрацијата“,
смета Горан Ризаов – новинар, проектен координатор во Фондацијата Метаморфозис.

Отсуството на пораките од САД во јавноста, кои често имаа корективен ефект за девијациите во македонската демократија, остава празен простор.
Дел од тој празен простор, смета Ризаов, има тенденција да се полни со дезинформации, лажни вести и манипулативни наративи од трети земји. Тие беа присутни и претходно, но сега не се толку видливи контра-наративите. Процесот оди рака под рака со намалувањето на поддршката за професионалните медиуми.
„Професионалното и квалитетно новинарство чини пари. Не можете вие да направите професионален медиумски производ ако немате доволно средства за него. Од друга страна, ширењето дезинформации и штетни наративи е речиси бесплатно. Тоа се прави масовно и се прави без воопшто да има потреба за проверка, без воопшто да има потреба за контактирање на втората страна, без воопшто да има потреба за придржување до некои етички норми, до новинарски кодекси итн. Ништо од тоа не постои во сферата на ширење на дезинформации и штетни наративи“,
вели Ризаов.
Одлуките на Вашингтон кои доведоа до американско пасивизирање во јавниот простор можеби придонесоа да се создаде простор за други играчи, но вели Ризаов има пет други елементи што им го отвораат патот на дезинформациите – слаби институции, ниска професионалност во медиумите, слаби регулаторни тела, поделби на социјалните мрежи за различни прашања и политичко рекламирање за време на избори.

„Тоа значи дека ширењето на дезинформациите и на штетното странско влијание не е проблем само на новинарството и на медиумите. Тоа е безбедносен и општествен проблем и оттука одговорот треба да биде безбедносен и општествен. Тоа значи дека во одговорот треба да бидат вклучени институциите што имаат мандат да реагираат, треба да бидат вклучени регулаторите, медиумите, граѓанскиот сектор, па дури и приватниот сектор и академијата – можат да бидат дел од тој сеопфатен одговор на штетните влијанија“,
смета тој.
Дека земјава мора да гради свои механизми покажува и последниот извештај на американскиот Стејт Департмент за Западен Балкан од крајот на мај годинава, во кој пишува:
„Ерата на градење нации под водство на САД помина. Политиката на САД во Западниот Балкан не е насочена кон спасување или реконструкција, туку кон стабилност и взаемно корисни партнерства. Администрацијата е фокусирана на зајакнување на локалните актери самите да ги решаваат своите предизвици, наместо да се продолжува со прекумерната зависност од меѓународна интервенција или супервизија.“
Освен што САД под водство на Трамп сметаат дека локалните актери треба сами да ги решаваат предизвицитр, во истиот документ се вели дека се зајакнува мешањето од други земји:
„Кина и Русија активно се обидуваат да ја искористат нестабилноста, корупцијата и слабото управување во регионот. Зачувувањето на стабилноста и проширувањето на трговската соработка се можни алатки во пресретнувањето на малигното влијание во Западниот Балкан.“
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски се согласува дека штетните наративи и влијанија отсекогаш се присутни кај нас. Но, додава, сега полесно пробиваат во јавниот простор поради два фактори.
„Првиот – официјалната стратегија на Стејт Департментот на САД веќе и формално зборува дека тие веќе не се гледаат себеси во улога на коректор на демократските вредности на Западниот Балкан туку се повеќе ориентирани на сопствените интереси, пред сè екомонски. А Европската Унија има криза на кредибилитет особено после преговарачката рамка во 2022 година. Тие два фактора заедно создаваат еден простор во кој македонскиот јавен простор и јавен дискурс е повеќе изложен на влијание што отсекогаш постоеле“,
вели Петар Арсовски – политички аналитичар.

За Преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската Унија од 2022 година, Арсовски вели дека се присутни наративи дека јазикот и идентитетот се под напад што, според него, не е точно.
„Дополнително, тој антагонизам кон Европската Унија и тоа инсистирање дека Европската Унија нешто ни должи или дека сме ние за вечната борба за нашата неправда исто така е наратив што не помага за рационално согледување на сегашните состојби. Покрај тоа има плеада микротаргетирани наративи што имаат за цел да го зголемат евроскептицизмот, да го зголемат националното чувство, а со тоа и отпорот за компромис со ЕУ. Тоа е нешто што се забележува во медиумскиот простор“,
смета Арсовски.
Смета дека државата треба да донесе стратешка одлука дека ќе се ориентира кон Европската Унија и тоа да биде главниот наратив во политичкиот дискурс.
„Тоа во моментов изгледа политички невозможно имајќи го предвид политичкиот антагонизам на сегашните политички елити кон тој процес. Ако е тоа невозможно, следното најдобро е зголемена едукација и зголемена проверка на факти и зголемено инвестирање во отпорноста на македонскиот медиумски систем кон такви наративи“,
додава тој.
Како во пракса изгледа подривањето на тој посакуван единствен дискурс? Еве еден пример. На почетокот на април годинава претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новиот амбасадор на Русија во Македонија, Димитриј Константинович Зиков.
Во мај, тој даде интервју за руската државна агенција ТАСС, која за наслов го избра делот во кој Зиков ја изразува разочараноста што Северна Македонија дава воена и техничка помош на, како што вели, „режимот во Киев“.

Овој дел од интервјуто прво го пренесе српскиот „Танјуг“, па други регионални медиуми, за на крајот да се најде и во македонски портали.
А, тие што кликнале до целосното интервју, можат да ги прочитаат ставовите на Зиков за ЕУ интеграцијата на земјава, на пример дека критериумите…
„…можат многу да варираат. Македонците ова добро го научија за време на нивното придвижување кон ЕУ. Јасно дека не може да им се верува на европските бирократи.“
На прашањето, пак, дали е можно земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ пред Украина, тој меѓу другото вели:
„Мислам дека не е целосно оправдано да се говори за проширување на ЕУ. Во пракса, проширувањето не е приоритет за Брисел. Главната задача денеска не е проширувањето, туку милитаризацијата против наводната ‘руска агресија’“.
Русија и нивниот амбасадор споделуваат ставови согласно нивните интереси. Начинот на кој се шират тие ставови, кажува и нешто повеќе за тие ставови.
Димитар Николовски од Центарот за европски стратегии Еуротинк вели дека на социјалните мрежи е особено присутен антиевропскиот наратив и дезинформации поврзани со војната во Украина.
„Дека Украина дефинитивно ја губи војната, дека Украина не е вистинска држава, дека НАТО ја започна војната, дека Русија води одбранбена војна. Такви наративи гледаме многу. Исто така гледаме конкретни наративи што се насочени кон Европската Унија со намера да се зголеми евроскептицизмот во државата, а тоа е дека Европската Унија дефинитивно се распаѓа и поради тоа не е ниту корисно, ниту паметно да се прават било какви отстапки на патот кон Европската Унија“,
вели Димитар Николовски – извршен директор на Центарот за европски стратегии Еуротинк.

Посочува и на теориите на заговор за разнебитување на македонската нација во кои, ако некогаш главен проблем била Грција, сега е Бугарија.
„Не сум видел толку голема омраза и толку многу дезинформации што патуваат од Македонија кон Бугарија или од Бугарија кон Македонија. Зборувам тука за една реципрочна радикализација во однос на дискурсот што се создава и во многу наврати можам да забележам, според тоа кој и како ги шири тие наративи, дека тоа е организирано од некој центар на моќ. Не би можел да тврдам дека тоа е секако Русија, но знаеме дека во Бугарија руското влијание е многу поголемо отколку во Македонија, дека тука може да има замешателство, меѓутоа тоа дефинитивно ѝ оди во корист на Русија. Непријателството меѓу Македонија и Бугарија и задржувањето на Македонија на патот кон ЕУ им оди во корист на руските политики за, едноставно, да нема некоја стабилност и западно влијание на Балканот“,
смета Николовски.
Тој не смета дека треба да се прави цензура и контрапропаганда, туку да се вложува во медиумската писменост, што засега е оставено на медиумите и на невладините организации.
„Мора да се внесе медиумската писменост во основното и во средното образование и тоа навистина сериозно да биде вклучено, не како сега ради реда. Исто така, државата мора да се вклучи во медиумски кампањи каде што би се работело на зголемување на медиумската писменост кај возрасните граѓани – што е тоа проверка на факти, што е извор, како работат алгоритмите итн.“,
додава тој.
Ако се подвлече црта – дезинформациите не победуваат затоа што се посилни од фактите. Победуваат тогаш кога фактите остануваат без доволно гласови што ќе ги бранат.
