Владејачката партија, која освои најмногу градоначалници и советници, славеше. Но, се чини, не според очекувањата. На плоштадот пред партиското седиште беше поставена бина која никој не ја искористи
Во СДСМ беше мирно и релативно празно, а партијата забележа лош резултат во трката за главниот град. За советници, завршија на петтото место, а нивната кандидатка за градоначалничка Каја Шукова не влезе во вториот круг. Затоа, пак, во Левица славеа – Амар Мециновиќ оди во вториот круг за градоначалник на Скопје, а успеаја да ги претркаат социјалдемократите и во градскиот совет
Во ист ритам, без главните партиски актери, симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ги чекаа изборните резултати. Едни, во главниот штаб на кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски на плоштадот „Македонија“, а други во седиштето на партијата. немаше преголема еуфорија, ниту гужва. Во седиштето беа собрани главно млади активисти, но во позадина на прес-центарот забележавме и познат лик.
360°: Како го оценувате денот, некако ни делувате загрижен.
Антонио Милошoски: Малку уморен, а инаку по однос на резултатите расположен, затоа што мислам дека ќе имаме историска победа отприлика меѓу 45 и 50 општини, тоа се моите очекувања за првиот и вториот круг, кумулативно.
Пред штабот пак, резултатите ги чекаше и госпоѓа обвиена со знаме со шеснаесеткракото сонце.
360°: Што очекувате?
– Бараме подобро да биде, да се исчистат улиците, да биде добро.

А, во таборот на СДСМ, тивко и празно, како ретко кога претходно. Внатре полно со камери, а присутните беа главно медиумски работници. Малкумина активисти и кандидати за советници во Град Скопје ја проследија првата прес-конференција, на која не се појави никој друг од раководството покрај генералниот секретар.
„Со задоволство констатирам дека во секоја општинска организација имаме подобар резултат во споредба со минатата година“,
кажа Александар Саша Димитријевиќ од партиската говорница.
По пресот, стана уште попразно. „Да пропешачиме, да ни излезе „склетот“, се слушна зад камерите од скромната публика.

И додека партиите ги броеја гласовите, главниот град и во изборната ноќ беше затрупан во смет. Илустрации се најдоа во изборниот штаб на Левица, каде тлееше надежта дека нивниот кандидат за Скопје, а не на СДСМ, ќе влезе во вториот круг.
„Доколку влеземе, секако тоа е една нова ера во македонската политика, третата опција влегува на голема врата во политиката во Македонија“,
ни изјави Круме Богески – портпарол на Левица во изборната кампања за локалните избори.
Како што пристигнуваа резултати, во Левица стануваа се посамоуверени.
Во СДСМ се одјавија први. Лидерот Венко Филипче кажа дека ќе ги почекаат бројките пред да се впушти во анализа на резултатот за Скопје, но порача дека нема да си даде оставка.
„Планирам и понатаму да работам на консолидација на партијата“,
кажа Филипче.

По пресот на Филипче, се испразни штабот на социјалдемократите на Бихаќка, а паралелно почна да се полни седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Падна селфи, а атмосферата се вжешти со влегувањето на лидерот.
Иако прогнозираше убедливо водство во првиот круг на Орце Ѓорѓиевски, лидерот Христијан Мицкоски упати порака до членството и гласачите.
„Ова не е време за опуштање, туку за последниот напор“,
порача тој.

Лидерот замина, но остана претендентот за Скопје со телевизиски вклучувања и фотографирања.
360°: Кој е посакуван противкандидат во вториот круг за вас?
Ѓорѓиевски: Немам посакуван или непосакуван противкандидат со оглед на тоа што е огромна разликата којашто ја имаме, мислам дека извесно е што ќе се случува во Градот Скопје во вториот круг, така што во наредниот период од две недели ќе ги информриаме граѓаните за целиот мој концепт, сите оние проекти кои ќе ги реализирам.
360°: Можно ли е во следните две недели да очекуваме уште поголем хаос со сметот, за во наводници кажано да дојде Орце да го исчисти?
Ѓорѓиевски: Јас честопати го говорев тоа во минатото Орце не го предизвикува сметот…Ние не ги предизвикуваме дефектите изминативе четири години со Водовод, не чекаме по неколку месеци да се реши дефект, не го предизвикавме проблемот со ЈСП, друг го предизвика.360: Кој? Далена Арсовска е името и презимето.
360°: Чиј кандидат беше? Се знае чиј кандидат била, но тоа се прашања кои се апсолвирани во минатото. Јасно се покажа со кого е Данела во коалиција, а тоа беше ДУИ и Левица.

„360°: Зошто нема славје пред ВМРО-ДПМНЕ?
Влатко Ѓорчев: Има, има славје, има долу луѓе, не знам кога влеговте но има атмосфера добра е. Но, за локалните избори, има огромен број локални штабови каде се славјата, честитањата, но вака голема победа мора да значи одговорнсот, не смееме да бидеме во ароганција, треба да имаме умереност, благодарност кон луѓето што дале доверба и да се испорачаат навистина резултати.
Пред штабот не се симна ниту еден истакнат член на партијата, па остана нејасно зошто ВМРО-ДПМНЕ постави бина од која не се обрати никој? Дали можеби партијата спремаше сцена за славење на евентуална победа во Скопје уште во прв круг?
Без разлика на намерата, силите во Скопје ќе се мерат уште еднаш, а доцна во ноќта стана јасно дека противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе му биде Амар Мециновиќ од Левица.
Подбивачки, во Левица се скандираше „Никој ништо не ти може Амаре“ пароли кои на времето се пееја со името Никола… за Никола Груевски.

„Од вечерва Левица е вистински лидер на опозицијата“,
кажа Апасиев.
„За жителите на Скопје сакам да посочам дека сега во вториот круг имаме јасен избор меѓу две визии – едната визија, оваа која 35 години ја имаме во Македонија, застарена, коруптивна, криминална, која ни ги одзема годините, можностите и животите и оваа втора наша визија, визија која е состојана од љубов кон сопствениот град и град во кој сите ќе сакаме да живееме“, порача Мециновиќ.
Од Левица тврдат дека нема да преговараат со никого, туку очекуваат поддршка од сите, како што велат слободоумни граѓани.
„Првпат имаме трета опција во втор круг, во какви било избори досега, секогаш сме имале опција А или Б, сега за првпат Амар направи еден голем пробив на политичката сцена, иако на локални избори, меѓутоа тоа е голем пробив за Левица, за Македонија и за демократијата воопшто“,
кажа Мери Георгиевска од Левица.
„Конечно да се ослободиме од ова дуополио од две партии, да имаме друг избор, подобар избор – со неискомпромитирани луѓе“,
додаде Емилија Ватерс.
„360: Бевме во штабот и на ВМРО-ДПМНЕ, тие велат – кој и да е во втор круг противкандидат, нема шанси со нив.-Ајде ќе видиме, има втор круг, така да граѓаните ќе одлучат“,
прокоментира Марјан Димитриев од Левица.
Ќе се вратиме во штабовите по две недели.