Изборот на нов испитен центар за Пелагонискиот регион, лиценца што ја дава МВР и која значи петгодишен монопол на милионски бизнис, го решила ресенска фирма. Компанијата сопственик на единствениот одобрен полигон во тој град одлучила да потпише договор за изнајмување само со еден од конкурентите, што ги ставило во фаворизирачка положба. Случајот е пред Комисијата за заштита на конкуренцијата. Дополнителен зачин на целата приказна е фактот дека газдарица на полигонот е сопруга на кандидатот за градоначалник на Ресен од СДСМ. А бизнисот го доби функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево
Ова беа фрагменти од нашите минатонеделни обиди да добиеме интервју од младиот кичевец Филип Митрески, кој од МВР го доби монополскиот бизнис со возачки испити за Пелагонија. Станува збор за партиски активист и член на Советот на Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Лани во август тој прво ја основал фирмата „Стрит рајд“ во Кичево. По неколку дена таа фирма основала друга фирма – „Супер возач“. Со „Супер возач“, каде тој е и управител, се пријавил и беше избран на огласот на МВР за доделување лиценца за организирање и спроведување на возачките испити во Битола и околината.
По нашата првична објава, дојдоа и политички реакции.
„Пелагонија пет месеци без испитен центар за Тошковски да го намести милионскиот бизнис на сопартиец“,
напишаа од Левица на нивниот фејсбук профил.

По нив и од СДСМ.
„Ова е моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Партиски и лични бизнис интереси врз грбот на народот. Ова е огромен скандал кој мора да биде расчистен до крај и да има одговорност“,
кажа потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, од партиската говорница.

Како што објавивме, подготовката за полагање ја вршат автошколите и во тој сектор има конкуренција. Но, полагањето во секој плански регион го спроведува само една фирма, која добива лиценца од Министерството за внатрешни работи со важност од пет години. Лиценцата на претходниот оператор во Пелагонискиот регион истекла на 15 декември 2024 година. Уште кон крајот на ноември истата година е распишан конкурс за избор на фирма што ќе раководи со Испитниот центар во наредната петолетка, но обидот пропаднал оти според МВР, никој од пријавените не ги исполнувал условите. А, пријавени биле тогашниот оператор, Сообраќаен испитен центар АМ и фирмата „Супер возач“. На повторениот конкурс, МВР ја избрале „Супер возач“ зашто СИЦ АМ не ги исполнила условите.
Логичното прашање кое се отвори беше како е можно досегашниoт оператор да не ги исполнувал условите на конкурсот кога претходно, вкупно 10 години непречено спроведувале испити во Пелагонискиот регион? Во МВР прашавме на два наврати – кои точно услови не ги исполнила дискфалификуваната фирмата. Не добивме одговор.
Нам ни останаа должни, но по прозивките од Левица, од МВР образложија зошто СИЦ „Ам“ отпаднала од „трката“, но само за вториот, повторен оглас.
„Кандидатот за испитен центар ’Сообраќаен испитен центар АМ’ ДООЕЛ Битола НЕ ПРИЛОЖИЛ важечки договор за користење на сообраќаен автодром (полигон) во Подружница ’Сообраќаен испитен центар АМ – пријавно место Ресен’, кој е еден од основните предуслови за функционирање на испитен центар, како резултат на што НЕ ГИ ИСПОЛНУВА условите за вршење на пропишаната дејност…“,
велат од МВР.
Точно е тврдењето на МВР дека за да се добие лиценца за испитен центар апликантот мора да обезбеди полигон во секое пријавно место. Во Пелагонискиот регон, тоа го вклучува и Ресен. Доколку нема свој, фирмата што бара лиценца може да изнајми полигон. Газдите на полигоните, пак, се должни да им обезбедат еднаква шанса на сите заинтересирани страни и да склучат договор дека ќе им го дадат под закуп на заинтересираните фирми под еднакви услови. Така налага Законот за заштита на конкуренцијата.
Во Ресен, фамозниот полигон е на излез од градот, на патот кон Битола. На плацот има и автошкола и осигурително брокерско друштво.

Ова е полигонот во Ресен кој ‘пресуди’ кој ќе го добие монополскиот бизнис за сообраќајниот испитен центар во Пелагонија. По повеќегодишна соработка со СИЦ АМ, сопственичката одлучила теренот да го изнајми само на конкурентот, фирмата „Супер возач“.
Полигонот е на Друштвото за обука на кандидати за возачи Автошкола ДООЕЛ Здружение на возачи – Ресен, чија сопственичка и управителка е Билјана Бузлевски. Во одговор преку е-маил, Бузлески не сакаше да сподели зошто не склучила договор за закуп со доскорешните соработници, СИЦ АМ.
„Сите расположливи документи и преписки поврзани со конкретниот случај се доставени до Комисија за заштита на конкуренција и не би коментирале ништо дополнително, поради тоа што постапката е сѐ уште во тек. Здружение на возачи Ресен ДООЕЛ од Ресен видно од сите расположливи документи и преписки поврзани со конретниот случај, во ниту еден момент не презеле дејствија со кои се повредува конкурентноста во овој случај, а во смисла на Закон за заштита на конкуренција, ниту пак, покажале умисла во овој правец. И во однос на ова прашање повеќе нема да се произнесеме, поради тоа што постапката која ја води Комисијата за заштита на конкуренција е во тек и во догледно време очекуваме позитивен исход од истата“,
ни одговори Бузлевски.
Очекувањата на госпоѓата Бузлевски, барем засега, се во спротивност со содржината на прелиминарното утврдување на фактичката состојба од Комисијата за заштита на конкуренцијата, во кое имаше увид „360 степени“.Во него се вели дека Здружението за возачи-Ресен, како единствено правно лице со полигон во Ресен, ја злоупотребило својата доминантна положба на пазарот и неоправдано одбило пристап до полигонот, со што конкурентот бил оневозможен да делува како конкурент на пазарот.
Оштетената страна, СИЦ АМ, обвинува дека намерно се извисени.
СИЦ АМ Битола имаше валиден договор во траење од 10 години, заклучно со 26.1.2025 г. Значи, на првиот конкурс, сите барања по јавниот повик од наша страна беа исполнети во целост, како и во изминатите 10 години. Напоменуваме, Комисијата за избор излезе на увид на 28 – 29.12. 2024, а нашиот договор беше со важност до 26.1.2025 г. На вториот конкурс, немавме нов договор, од причина што тенденциозно не го потпишаа, со цел да нѐ исклучат од игра.
Зошто Билјана Бузлевски не ја продолжила соработката со доскорешните деловни партнери соработници, јавно останува мистерија. Тоа, сепак, не го менува фактот дека нејзината одлука била клучна за лиценцата да отиде во рацете на активистот и локален функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Митрески.
За случајот да биде уште поинтересен, сопственичката на полигонот во Ресен е сопруга на Александар Бузлевски, кој неодамна беше промовиран во кандидат за градоначалник во Ресен од редовите на СДСМ. Татко на Александар е Димитар Бузлевски, поранешен градоначалник и министер како кадар на СДСМ.
Ова стана адут за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кога беше прашан за реакција на прес-конференцијата на СДСМ за изборот на испитен центар во Пелагонискиот регион.
„Еве вака да поставам јас едно контра прашање. Ако им е толку битно кој од која политичка партија е. Дали токму фамилијата од СДСМ и те како моќна фамилија во рамки на реонот Преспа, е онаа фамилија којашто одлучила кој ќе го добие тендерот?“,
праша Тошковски.
И од ставот на министерот и од постапката пред Комисијата за заштита на конкуренцијата е јасно дека полигонот што го води сопругата на функционер на СДСМ бил пресуден, при вториот повик за избор на испитен центар во Пелагонија, милионскиот бизнис да го добие функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Клучното неодговорено прашање сега е – како и зошто МВР дошле во ситуација да распишат втор повик. Односно, кои услови не ги исполниле апликантите на првиот повик, особено дотогашниот испитен центар.