Домашната комисија формирана да ја расчисти аферата нема одржано состанок околу три месеци, односно од прес-конференцијата во Владата на која беа соопштени првичните резултати на 14 ноември 2025 година
За продолжување на работата прво се чекаше формирање на странскиот дел од комисијата, а потоа и на превод и начини на пристап до материјалите. Човекот што практично го иницираше процесот, академик Сашко Кедев, неодамна си поднесе оставка од советодавниот тим на министерот за здравство со забелешка дека „започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“. Последните најави се дека првиот состанок ќе се одржи набрзо
Се почна на 16 август 2025 година.
„Оперирале без потреба. Сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа“,
изјави д-р Сашко Кедев, академик и кардиолог во емисијата „Стадион“.
Овој сегмент и остатокот од тој настап на кардиологот Сашко Кедев на Канал 77 предизвика: најава за тужба од болницата „Аџибадем Систина“, повик за состанок од министерот за здравство Азир Алиу, а потоа и формирање комисија за сомнителните кардиохируршки интервенции.

„Доставени се медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти“,
изјави Азир Алиу, министер за здравство, на 4 септември 2025 година.
Две недели подоцна, во интервју за „360 степени“, министерот најави дека наскоро ќе има и извештај.

„Значи, нема да имаме притисок ни за време, ни за начинот и методологијата, целта не е таа. Целта е да имаме јасна слика како може понатаму да не се повтори, ако има таков тип на, ајде да кажеме, злоупотреби, и како може системот да се стабилизира“,
кажа Алиу ма 18 септември 2025 година.
Првиот, но само прелиминарен извештај беше презентиран по два месеци, на 14 ноември.
„Како што очекував, комисијата испорача објективни резултати, врз основан на научно и независно спроведен процес... Анализирани се 19 случаи од страна на стручната комисија од кои 10 случаи комисијата утврди дека се непотребно извршено операции или непотребно упатени за операции“,
изјави министерот на 14 ноември 2025 од говорницата во Владата на РСМ.
„Значи тоа е тоа, го очекуваме формирањето на меѓународната комисија и потоа со анализа на комплетната медицинска документација да донесеме и дефинитивни заклучоци и дефинитивно од тоа да произлезат понатамошни стратешки потези коишто ќе ја подобрат здравствената заштита од оваа област на граѓаните на нашата држава“,
изјави д-р Жарко Христовски, претседавач со Комисијата и кардиолог во приватната болница „Аџибадем Систина“.
Барањето на новинарите за повеќе детали, во тој момент, не наиде на позитивен одговор.
Сложените кардиохируршки и васкуларни интервенции кои се покриени од Фондот за здравствено осигурување се изедуваат на државните клиники – за кардиохирургија и за торакална и васкуларна хирургија, и на приватните, „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

– Е сега, имаше најава од една од болниците дека ќе ве тужат, ако не кажете на кого конкретно сте мислеле. Се случи нешто? Има некаков развој?
Сашко Кедев: Апсолутно, не. Тоа е толку чиста работа. И тие знаат дека не се во право. Значи знаат сите и двете приватни болници, знаат дека имаат и прифаќаат непотребни пациенти и интервенции на непотребни пациенти. Значи тоа не е спорно. И тие го знаат сето тоа.
изјави д-р Сашко Кедев на 8 декември 2025 година, на гостувањето во „360 степени“.
Овој настап на академик Сашко Кедев на „360 степени“ датира од 8 декември. Тоа е три недели по објавувањето на прелиминарните резултати на комисијата формирана по неговите јавно искажани сомнежи за операции за профит.
„Засега, ми изгледа дека Министерството за здравство оди со една добра динамика, значи со таа комисија што ја формираше и сум оптимист дека ќе се расчисти“,
кажа Кедев при истиот настап.
По прелиминарниот извештај, требаше да се формира и т.н. странски или надворешен дел од комисијата. Десетина дена пред Нова година, министерот кажа дека и таа работа е завршена.

„Во моментов се преведуваат сите материјали на англиски јазик, знаете дека е обемен материјалот. И ценам дека првата средба, онлајн ќе биде првата средба како што ве известив, ќе биде наредната недела“,
изјави министерот Азир Алиу на 19 декември 2025 година.
Помина наредната, помина и неделата по неа, помина и Нова година, а таква средба до ден денес не се одржа. На 17 јануари годинава, државната агенција МИА беше првата која објави дека тројцата експерти во странската комисија се:
- Никола Лакиќ – кардиваскуларен хирург од Љубљана, Словенија
- Уголино Ливи – кардиохирург од Удине, Италија и
- Хугон Можина – специјалист интернист од Љубљана, Словенија.
Освен имињата, текстот на МИА содржеше и информација повикувајќи се на неименувани извори, дека во домашната експертска комисија има сомнеж за соодветноста на странските експерти бидејќи ниту еден не е интервентен кардиолог.
На 26 јануари, приватната болница „Жан Митрев“ одржа симпозиум со меѓународни кардиоторакални експерти. Присуствуваа и министерот за здравство и директорот на Фондот за здравствено осигурување.
На 30 јануари, Канал 5 објави дека Сашко Кедев се повлекол од советодавното тело на министерот Азир Алиу, поради застој на работата на Комисијата за откривање непотребни операции на срце.
Министерот првично соопшти дека до него не стигнало такво нешто, но според документот до кој дојде „360 степени“ оставката е поднесена уште на 23 јануари.
Во известувањето Кедев наведува:
„Се повлекувам од работата на здравствениот совет на Министерството за здравство, од причина што сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“,
пишува во оставката поднесена до Азир Алиу.
Ден по оставката, дел од медиумите споделија соопштение од „Жан Митрев“, во кое меѓудругото пишува:
„Д-р Кедев и сите членови на комисијата, заедно со министерот за здравство и директорот на Фондот, беа уредно и навреме поканети. Министерот за здравство и директорот на Фондот беа присутни на овој значаен настан. Тука, на највисоко стручно ниво, меѓу другото, се дискутираа и сите пријавени случаи од д-р Кедев, при што беше утврдено дека кај ниту еден случај нема отстапување од препораките утврдени во редовната практика“,
објави, меѓу другите, порталот „Плусинфо“.
Три дена по веста за оставката на Кедев, Министерството за здравство за првпат го објави составот на странскиот дел од комисијата. Списокот има едно различно име, во споредба со оној што го објави МИА.
Во официјалното соопштение на Министерството за здравство наместо специјалистот интернист Хугон Можина, стои името Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија.
Комисијата која требаше да утврди дали во земјава се прават операции на срце на сметка на Фондот за здравство за профит, а не само поради медицински причини, за првпат се состана на почетокот на септември.
Според зборовите на министерот, кој тврди и дека нејзината работа не се одолговлекува, комисијата нема одржано состанок од прес-конференцијата во Владата одржана пред безмалку три месеци.
