Првите луѓе на Град Скопје и на Општина Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, „ја чешлаат“ документацијата за легализацијата на малите објекти од кои изникнала „Ми каса“. Управата за заштита на културното наследство притиска елаборатот за ревалоризација да се изготви што поскоро, а Министерството за економија ја запре постапката за категоризација на „хотелот“. Реакциите на институциите следуваат откако колегите од БИРН на порталот „Призма“ објавија за огромната градба на сто метри од влезот во Скопското кале. Погледнете го видеото
Терасата на новоотворениот објект „Ми каса“ на Скопско кале секојдневно прима посетители. Работи како кафе-бар. Гостите, најверојатно, и не знаат дека се релаксираат во објект кој, ако институциите си ја вршеле работата, не би постоел. Тоа го откри истражувачкиот новинар на БИРН, Гоце Трпковски, во текстовите објавени на порталот „Призма“.
„Тоа што му се случува на Калето во моментов е општа заборавеност од институциите што се надлежни за неговата заштита. Тоа овозможува да се вршат работи кои можеби не се целосно легални, но не се и целосно нелегални и во таа сива зона, снаодливи луѓе, на коишто им било дозволено да бидат снаодливи во еден чувствителен простор, нормално, може да го искористат тоа во своја корист. Има еден бизнисмен којшто купил шест станбени единици и ги споил во еден хотел за кој тој ни рече дека е со 15 соби“,
вели новинарот Трпковски.
Сивата зона за која зборува Трпковски е последица на отсуството на т.н. елаборат за ревалоризација на Калето. Со закон донесен уште пред 17 години е предвидено такви елаборати да се направат за секој заштитен објект за да се утврди неговата вредност, но и за да се одредат правилата на игра – што смее, а што не смее да се прави во подрачјето под заштита.
Тоа што нема елаборат за Калето го искористил бизнисменот Фикри Демировски за преку фирма во сопственост на неговата сопруга да купи неколку претходно легализирани стари градби и на нивно место да подигне нова, во мароканско-андалузиски стил.
„Елаборат е многу технички документ, не е тоа само еден потпис и треба работа за да се направи и треба во меѓувреме да се стави некаков, да го наречам мораториум, во кој нема да има развој во местата кои можеби ќе бидат опфатени со елаборатот“,
додава Трпковски.

Изготвувањето на елаборатот е обврска на Конзерваторскиот центар-Скопје. Оттаму велат дека се при крај со документот, иако се жалат на финансиски и кадровски дефицит. Но, отсуството на елаборатот не ги спречува другите институции да постапуваат ако се градело незаконски, вели Коле Чапкановски од Конзерваторскиот центар, кој од оправдани причини не можеше да зборува пред камера. Откако Конзерваторскиот центар ќе го „проектира“ Калето, Управата за културно наследство треба да го одобри елаборатот и да почне да управува со тврдината по нови правила.
Директорот на Управата, Ацо Костов, вели дека просторот е без видеонадзор, но е надгледуван од чуварска служба. Сепак, никој не пријавил оти нешто се гради.
„Па, кога ќе ме прашаат така, кој ќе понесе одговорност, сите сме одговорни. Меѓутоа, конкретно не можам да ви кажам, затоа што наша инспекциска служба работи на повик на Конзерваторски центар-Скопје или ако таа примети или дојави некој, излегува на терен и реагира. Меѓутоа, нашата исто неопремеост и во пандемијата, во вакви услови на цела Македонија, не може да постигне секаде. Не сме добиле информација за објектот конкретно што го кажувате, за упадот во целиот тој простор, естетски, што е направен и, право да ви кажам, и јас не сум го видел, а сум поминувал, ама не натаму нагоре кон објектот“,
вели директорот Костов за „360 степени“.
Тој, иако нема прецизен датум, уверува дека елаборатот за Калето наскоро ќе биде готов.
„Настојчиви сме, се слушаме на телефон, правиме некакви напори, ургенции, и со директорот и со колегите што работат на тоа и се надевам дека во многу скоро време ќе биде елаборатот и ќе се отпочне постапката понатаму“,
додава тој.

За Калето, кое е на територија на Општина Центар, нема детален урбанистички план. Генералниот урбанистички план за Скопје предвидува просторот на потегот од тврдината до Музејот на современа уметност, кој е во државна сопственост, и каде што е и „Ми каса“, да биде зелен појас.

Градоначалникот Петре Шилегов има идејни решенија, но и тој го чека елаборатот.
„По основ на тие идејни решенија, веќе може да се наѕираат контурите на тоа како би требало да изгледа Калето, и потоа, многу последователно и логично на тоа го нарачавме елаборатот за културно наследство, што треба да претставува основа за тоа што од овие идејни решенија коишто Градот ги има и наградено, може да се реализира, затоа што навистина мислам дека тврдината треба да биде свртилиште на скопјани, спектакуларна панорама на нашиот град има од тој рид, меѓутоа во моментов вода нема кај да купи“,
Вели Шилегов.
Шилегов тврди дека нема простор за компромис со оние што легализирале, изградиле или планираат да градат на Калето. Но, факт е дека институциите, барем делумно, се будат по алармот што го вклучи новинарското истражување.
„Какви и да се актите што биле донесени во таа фаза, ниту еден не дозволувал изградба на таков објект. Со градоначалникот на општина Центар сме во постојана една комуникација на таа проблематика и мислам дека веќе во текот на наредната недела ќе имаме определени дејствија што ќе ги преземе општина Центар како надлежна општина.
360°: Дали санирање може да значи и рушење?
Да не прејудицирам јас какви ќе бидат актите, бидејќи, сепак, сопственикот вади некаков имотен лист“,
вели Шилегов.

Објектот е запишан во катастарот како недвижност во приватна сопственост изградена на државно земјиште. Поточно, на парцелата се впишани десет станбени единици со површина од четири до 80 квадрати, или вкупно 270 квадратни метри, колку што е и основата на новата градба. Демировски ги купувал посебните единици во 2017 и 2018 година, а му се запишани на единствен имотен лист во 2019.
Компанијата „Ми каса ориент“, која ги поседува, е регистрирана под шифра „за хотели и слични објекти за сместување“. Демировски за БИРН изјавил дека „Ми каса“ го водат како приватен објект со соби за издавање. Во Пазарниот инспекторат пријавиле дека ги исполнуваат условите за вршење угостителска дејност и навеле дека би сакале да работат како хотел. За тоа побарале од Министерството за економија да им направи и соодветна категоризација.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ги проверува документите за легализација на објектите на чие место никнала „Ми каса“. Со легализацијата е стекнат имотен лист и не било потребно одобрение за градба, туку била доволна пренамена на имотот.
„Законот дозволува доколку имаш стан или куќа да можеш да ја претвориш во хостел. Нема таму детален урбанистички план, но за жал, Законот за легализација е таков каков што е да овозможи легализирање објекти кои се изградени и во заштитени подрачја и на улица и на, не знам, булевар некој, па после ако има јавен интерес, државата треба да го откупи. Ние имавме таму една интервенција од страна на инспекциските служби, каде беше пречекорен имотниот лист и таму отстранувавме дел од објектот. Кога правевме контрола. луѓето викаа дека е хотел, но тоа што го гледаме станува збор за апартманско сместување за коешто можете и како стан да го третирате, па со дозвола од Министерството за економија да добиете да го рентате. Значи, не станува збор за апартманско сместување, не хотелско, каде што може да имате намена и А1. Така што, тој случај дополнително го испитуваме да видиме дали е прекршен некој член од Законот за легализација и дали смеело во тоа подрачје да има легализирани објекти“,
тврди Богдановиќ.
Градоначалникот смета дека не е сè изгубено. Ако не е почитувана процедурата за легализација, ќе следуваат санкции, но, поважно, и Деталниот урбанистички план, кој е во подготовка, ќе се води по ГУП, каде што се предвидува зеленило за просторот.
„Може да се врати, ние со Деталниот урбанистички план да потврдиме дека таму треба да има заштитно зеленило, после тоа општината со сила на закон може, не може него – го експроприра, го руши и таму се враќа зеленилото“,
вели Богдановиќ.

Но, дури и да дојде до тоа, процесот ќе биде скап и платен повторно со јавни пари.
„Ако сето ова што го гледаме тука е целосно легално и луѓето ги имаат сите права, оваа состојба што ја имаме сега би била многу поскапа и посложена за уривање, имаме нови објекти, значи на проценка тие ќе излезат многу поскапи, отколку да се обештетеа и да се решеше станбеното прашање на луѓето што претходно живееја тука во услови кои не беа задоволителни“,
вели новинарот Трпковски.

А освен што нема елаборат за ревалоризација и урбанистички план, Калето е веќе опколено со големи бетонски зданија. Пред него, никна барокната зграда на „Водовод“, а во моментот се гради и деловна шесткатница, сите предвидени со претходниот ДУП и со одобренија за градба добиени пред мораториумот.
„Ние имаме една ситуација во која зградата на Водовод и канализација е поголема туристичка атракција од средновековна тврдина, што е целосен апсурд“,
додава Трпковски.
А и мораториумот на Општина Центар веќе не е во сила. По стариот ДУП од 2012 година, државното земјиште под Калето е продадено на лицитација. Предвидени се деловни, комерцијални објекти и хотелски сместувања.
„Успеавме како општина да поништиме неколку такви одобренија, да покренеме неколку постапки, ама само таму каде што сме забележале строги прекршувања, таму кај што не може да забележите строги прекршувања, не смеете да покренете нешто, затоа што ќе направите штета и на самата општина“,
вели Богдановиќ.
„Има работи коишто, за жал, долги лузни ќе остават во нашиот град, овие две згради се една од тие подлабоки лузни. Меѓутоа, дефинитивно ќе мора да се посветиме на редизејнирање на редизајнираното Скопје“,
вели Шилегов.
Политичките заложби засега се само декларативни. И додека се чека акција, стручната фела покажа што би ги снашло најпознатите културни обележја на Атина и на Париз ако ги имаа, како што велат, македонските закони и правилници, лесната рака на урбанистите и архитектонски необразованите локални власти.