Таа задача ќе ја има и првиот човек на општината. Го прашавме новиот градоначалник, Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ, зошто како лекар и татко на дете повредено во пожарот се нафатил на политичка функција, во каква кондиција е општината, за што ќе се потрошат стоте милиони евра кои ги најави премиерот за Кочани и дали се појавува на протестите на ожалостените родители. Погледнете го видеото
Судскиот процес за трагедијата во „Пулс“ ќе биде прва асоцијација за Кочани во следниве месеци, па и години. Кочанчани, сепак, носат уште еден товар – и покрај сè, како да го вратат животот во градот.
Таа задача ќе ја има и првиот човек на општината – градоначалникот. Граѓаните, или барем оние 7 300 чии гласови беа одлучувачки, решија општината во уште еден мандат да ја предводи кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Владко Грозданов веќе ја презеде функцијата.
Внатре, во општинската зграда, се реновира но, за градот се очекува многу повеќе од „козметичка“ интервенција.
Грозданов по професија е лекар-гинеколог. По трагедијата на 16 март, од приватна болница во Скопје се врати да работи во јавната болница во родниот град. Последиците од пожарот ги чувствува и неговото најтесно семејство, затоа што ќерка му е една од повредените во „Пулс“.
360: Грозданов, како е да се биде градоначалник на Кочани и истовремено родител на дете повредено во пожарот во Пулс?
ГРОЗДАНОВ: Можеби за пошироката македонска јавност специфичен момент, но во Кочани веќе е нормална ствар, бидејќи бројката на повредени деца во Кочани не е мала, некаде над 200, и станува збор за родители над 400. Што значи дека сите тие родители на повредени деца мора некаде да функционираат, да се инклудирани во општеството. Можеби за мене интересот е поголем, но сепак и во политичките води сега влегоа и две носителки на советнички листи кои се родители на повредени деца, што за мене лично не е осуда и не го негодувам, и постојат и други советници кои се на советничките листи, исто така родители на повредени деца. Што значи дека за Кочани веќе родител на повредено дете не е нешто специфично и интересно. Можеби за пошироката македонска јавност да, но ние сме со тој проблем многу и мора да функционираме во текот на животот.
360: Вие сте лекар по професија, ова е прва ваша политичка функција. Зошто?
ГРОЗДАНОВ: Па, Кочани не функционираше и до пожарот и пред пожарот. Кочани мора да функционира и претходно и потоа. Можеби еве, самиот стил, начин на живот, општествената одговорност и сето друго кое го имам досега во мојот живот, најверојатно го има и тој пиедестал да еве, да се вклучиме во политичкиот живот. И не би рекол дека е нешто после пожарот, туку можеби и претходно некои човечки вештини или човештина, пред сè, да те доведе до оваа ситуација.
360: Врзано и за изборите и за трагедијата, верувам дека и до вас допреле коментарите во однос на тоа дека барем во Кочани, ВМРО-ДПМНЕ требаше да биде казнета на овие локални избори, оти во нејзин мандат се случи пожарот. Дали ја очекувавте победата, во таа смисла?
ГРОЗДАНОВ: Јас многу пати го имав кажано дека стварно се препишува трагедијата како ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи е на власт дека таа е крива, но „Пулс“ не постои од кога ВМРО е на власт. „Пулс“ постои 12-13 години, и оваа трагедија е повлечена многу време. И не се сложувам дека ВМРО требаше да биде казнето. А, дали ја очекував победата, реално имав свои анализи, но најважното е дека во целиот изборен процес и кампањата не понижив никој од моите противкандидати, не навредив и не одев во улога на доминантен кандидат.
Новиот градоначалник вели дека има мнозинство во Советот од кое очекува поддршка. Но, се уште нема јасна слика за финансиската кондиција на општината.
ГРОЗДАНОВ: Во моментот не сме во минус, но се работат и претстојат многу должничко-доверителски односи кои треба да ги исплатиме до крајот на годината. Согласно по програмите, по различни основи на обврски кои ги има општината.
360: Инспекциите, особено градежниот дел?
ГРОЗДАНОВ: Инспекциите се во моментот во функција. Се си функционира најнормално.
360: Оти беа на боледување, слушавме, градежниот инспектор.
ГРОЗДАНОВ: Имаше определени моменти, поради различнии ситуации, во моментот се во функција.
360: Двајца градежни инспектори имате?
ГРОЗДАНОВ: Двајца градежни инспектори.

Меѓу првите позначајни одлуки од неделава е изборот на нов директор на единственото претпријатие под капа на општината, комуналното. Грозданов вели дека градот се чисти, отстраниле триесетина мини-депонии, а се отстрануваат и дефектите на механизацијата.
360: Грозданов, што во догледно време Кочани ќе види како резултат од вас, од вашето работење?
ГРОЗДАНОВ: Веќе имаме и започнато некои проекти кои се во фаза на реализација. Оваа недела очекуваме да го распишеме тендерот за старечкиот дом, очекуваме да се одблокира процесот за изградбата на источниот булевар. Во моментот изготвуваме исто документација со која ќе аплицираме за јужен булевар, поврзување со регионалниот, магистралниот пат или експресниот пат што се предвидува меѓу Штип и Делчево, изградба на мост, изградба на катни гаражи, регулирање на сообраќајниот метеж. Многу се проектите. Едно по едно ќе пробаме да ги реализираме.
Партијата од чии редови доаѓа градоначалникот, ВМРО-ДПМНЕ, водеше кампања за локалните избори во Кочани без „помпа“, за разлика од другите општини. Премиерот и претседател на владејачката партија, Христијан Мицкоски, во предизборието се појави еднаш во Кочани, на трибина за која немаше ниту најава за медиумите, ниту пренос. Сепак, даде крупно ветување.
„Работиме со нашите меѓународни партнери, надвор од овие тековни трансфери што ги финансира централниот буџет, само за Кочани и овој регион ќе обезбедиме отприлика дополнителни 100 милиони евра. Пари што ќе ги вложиме исклучително во инфраструктурни проекти и проекти што ќе бидат додадени вредност во животите на жителите на Кочани и на овој регион“,
кажа Мицкоски на партиска, предизборна трибина во Кочани.

Го прашавме Грозданов, на какви точно инвестиции мисли премиерот?
ГРОЗДАНОВ: Значи, прво ги очекуваме кон реализацијата на тие средства од Европската Унија. Кога ќе сме веќе сигурни за тоа, ќе се активираме максимално да искористиме сè што можеме за да го подобриме начинот на живот. Многу пати имав спомнато дека ова е како една утеха за сè ова што се случи. Дај Боже да не ни се случеше, па не ни требаа тие 100 милиони евра, но сега веќе кога нема назад, кога веќе се случи она што се случи, ќе се потрудиме да реализираме и да оставиме еден белег кој ќе бидеме запишани во историјата дека сме направиле сè.
360: Што е тоа што може да биде додадена вредност во животот на граѓаните на Кочани во моментот?
ГРОЗДАНОВ: Поширока е темата, поширока е темата. Ќе се потрудиме, ќе се потрудиме во координација и со граѓаните и со општествено одговорните фирми и со комуникација помеѓу сите организации, каде што е потребно да се реализира максимум.
360: Вака како идеја барем да ни кажете?
ГРОЗДАНОВ: Има, многу се идеите.
360: На пример?
ГРОЗДАНОВ: Ќе ги видите тековно. Прво да се реализира, да не испадне после многу замислувавте, а малку направивте.
360: Не се уште дефинирани?
ГРОЗДАНОВ: Се дефинирани, имаме, но прво да ги оствариме средствата, па ќе зборуваме и за тоа.

Оваа локална самоуправа е обремената од трагедијата со пожарот во „Пулс“ од 16 март, кој понесе 63 жртви. Обвинети се и тројца претходни градоначалници. Новиот градоначалник, пак, во кампањата најави идејно решение за спомен-обележје. Но, засега, нема конечна одлука како би изгледало, каде би било лоцирано и со кои пари би се градело. Владата до овој момент обезбеди пари само за идејно решение.
По изборите, вели градоначалникот, се сретнал со родителите од здружението „16 Март“. Тие имале конкретни барања до него.
ГРОЗДАНОВ: Тоа е на местата кај што и се вечните почивалишта на починатите деца да се обезбедат услови од технички карактер, да се обезбеди осветлување, водоводна мрежа, да се обезбедат нови, нови гробни парцели за родителите кои ја имаат таа желба, околу техничкиот карактер, до денес е сè реализирано, го реализиравме во најбрз можен рок. Нивното второ барање е за одредување нели локација, каде би бил спомен обележјето, но во овој момент не знаеме какво ќе биде спомен обележјето, бидејќи со сумата што ја има одобрено Владата за идејно решение, можеби ќе се изгради голем меморијален центар. За тој треба адекватна површина, треба да е урбанистички обезбедено, треба да е геодетски обезбедено, градежно обезбедување да има, буквално да е според сите стандарди, за кои јас ќе се потрудам да биде тоа реализирано.
360: Кога ќе се знае?
ГРОЗДАНОВ: Оваа недела очекуваме повторно средба со родителите на починатите, да се договориме околу тоа како ќе оди целиот процес, но секако дека сум отворен за соработка и комплет со целата моја максимална поддршка кон нив.
360: Ги следите родителите? Дали можеби ги поддржувате на протестите?
ГРОЗДАНОВ: На протестите не сум бил досега.
360: Зошто?
ГРОЗДАНОВ: Па, како да ви кажам, секој си има свој дел каде што си има и свои обврски.
360: Едно од нивните барања е и финансиска помош.
ГРОЗДАНОВ: Околу тоа не би навлегувал. Тоа се нивни барања, што ќе биде упатено до мене како институција, еве градоначалник, јас ветувам дека ќе го реализирам максимално одговорно.

Градот треба да продолжи да живее, а задача на Грозданов е да се врати и духот на Кочани. Ноќниот живот во моментот е редуциран и на оваа тема градоначалникот бира зборови.
360: Може ли да се размислува и за ноќниот живот во Кочани? Во која насока би се одвивал?
ГРОЗДАНОВ: Не знам кога би било тоа. Но, јас сум овде и сум отворен за секакви соработки. Точно дека ќе е проблематично, но како општина и како институција со администрацијата овде, овој пат ќе се трудиме максимално да обрнеме внимание на безбедносните критериуми за секој еден објект.
360: Би дале ли одобрение доколку стигне до вас барање за нова дискотека во Кочани?
ГРОЗДАНОВ: Не знам. Ако ги исполнува максимално сите услови, без ниту еден пропуст, секако и целата документација би ја дал на дополнителна ревизија во стручни служби, можеби да, но секако со тешко срце.

Владко Грозданов е свесен дека го чека мандат во кој постојано ќе биде присутен судскиот процес за трагедијата, а веројатно ќе продолжат и протестите.
Но, битката со последиците од пожарот во „Пулс“ ја води и ќе ја води и како татко и како лекар. Па, посакува обединетост на властите, жртвите, граѓаните – за заедничко заздравување на Кочани.
„Порачуваме една сплотеност, еден заеднички тим помеѓу мене и нив за понатамошно опоравување на раните од трагедијата. Раните се многу, не само телесни и духовни, ќе се за долг период, но ќе се потрудиме да излечиме се што можеме“,
вели тој.
