Битолски Широк сокак е во новогодишно руво. Украсен е со светлечки ѕвезди и топки, а празничниот амбиент го дополнуваат и самостојните декорации на локалите. „Светкаат“ и дел од останатите улици.
Во Битола, елка има и до Офицерскиот дом, и на плоштадот „Магнолија“.
„Ми се допаѓа.“
„Од лани мислам дека е подобро.“
„Супер, одлична амотсфера, одлично е осветлено, прекрасно.“
„Може и подобро.
„Мислам дека кај плоштадот Магнолија можеше повеќе да се придонесе.“
„Многу убаво, годинава е најубаво ми се чини.“
„Дали се чувствува новогодишниот амбиент во Битола? Ништо не се чувствува. Затоа што гледате какво е. Не чини.“
„Супер е, одлично, убаво е украсено“,
велат граѓаните.
Иако не е пресуден, на битолчани им значи и новогодишниот амбиент.
„Важно е, расположението кај луѓето е малце подруго, ни го менува. Инаку, ако е темница, празниците нема да бидат тоа.“
„И други работи се важни, него и тоа игра улога во претстоечките празници.
„360 Степени“: Што друго недостасува?
Долга и широка е.“
„Ако сме среќни и задоволно ќе ни биде сè убаво и магично.“
дополнуваат битолчаните што ги анкетиравме.


Освен за жителите, одбележувањето на празниците е важно и за туристите, кои во Битола ги има и се главно од соседна Грција, вели градоначалникот Тони Коњановски.
Коњановски: Конкретно украсувањето чини 3 милиони денари кои се издвоени од буџетот на општина Битола. Ни премногу, ни премалку. Една фирма, но имаме и многу поддржувачи и пријатели кои сакаат да помогнат. Секоја година се зголемува бројот на спонзори, помагатели и донатори и во делот на програмата и во делот на украсувањето, така што секоја година гледаме нешто ново да вметнеме.
„360 Степени“: Во тие 3 милиони денари што е вклучено?
Коњановски: Вклучено е осветлувањето што го гледате по Широк Сокак и на неколкуте локалитети каде се одвива програмата: пред Офицерскиот дом, паркот, кај Саат кулата, Шадрванот наспроти неа и Старата битолска чаршија. Велам, многу ентузијасти луѓе се вклучени во сето тоа и верувајте градот живее за Новата година. Битола е и таков град сам по себе, каде што излегувањето, Широк сокак, забавата – значат многу.
„360 Степени“: Според вас, 3 милиони денари се малку или многу како издаток?
Коњановски: Јас би рекол дека е оптимално.

Од 20 декември до 5 јануари, секоја вечер различни артисти настапуваат во Битола во рамки на новогодишната програма наречена „Зимска приказна“, која се одржува петта година. Главната сцена е на платото на Офицерскиот дом. Таму се распоредени и новогодишни куќарки со храна и пијалоци. Програмата предвидува и концерти, приредби, базари, кино на отворено, и различни занимливости за најмалите. Ова делумно се плаќа од општинската каса, а делумно од општествено одговорни компании, вели градоначалникот.
Коњановски: Секоја година транспарентно и отчетно на крајот правиме пресек. Ќе го сумираме и бројот на посетители и сѐ она што е потрошено и продадено на новогодишниот базар, кој е по сите стандарди направен. Вкупната сума јавно ќе ја објавиме по завршувањето на зимската програма.
„360 Степени“: Сосема за крај, која е вашата новогодишна желба за Битола?
Коњановски: Знаете, секоја вечер градот е преполн со млади. Сѐ почесто се враќаат, тука ќе ги поминат новогодишните празници. Јас би сакал што поголем дел од нив и да останат овде. Се што работиме, го работиме за младите. Нашата интенција е што повеќе млади да задржиме и ве уверувам дека Битола е град кој живее. Во делот на бизнисот, имаме цела колонија од околу 2 500 млади луѓе во компјутерската индустрија. Тука се и инвестициите како „Кромберг и Шуберт“, имаме нови барања за инвестиции во индустриската зона „Жабени“, така што Битола има добра перспектива. Патиштата кои се прават – автопатот Битола-Прилеп – секако придонесуваат за поврзување на градот.
ПРИЛЕП
Предновогодишните украси засветија и во соседниот Прилеп. Украсувањето е сконцентрирано во централното подрачје, каде е и новогодишната елка, а декорирана е и старата чаршија. Впечатлива е панделката на Саат кулата, сијаличките на ѕидината – градба од средновековието, а неколку реквизити служат за фотографирање.


„’360 Степени’: Ви се допаѓа како е украсено?
–Да, премногу.“
„Добро е, онака.
‘360 Степени’: Зошто онака?
Па се знае зошто така, сето тоа е изневерено, државата ги изневерува граѓаните.“
„Добро е, важно е, ама со скапотијата – тешко.
‘360 Степени’: Ви се допаѓа како изгледа Прилеп моментално?
Па, добро е.“
„Навистина оваа година е убаво украсен, има многу убава атмосфера и сега вака во ноќните часови, и кога врне, не знам, прекрасно е“,
велат прилепчани.
Среде Прилеп, затекнавме посетител од Ресен. Задоволен е од овдешното украсување, но:
„Да ти кажам искрено, Ресен е поукрасено“,
кажа младиот ресенчанец.
Граѓаните се свесни дека и ова чини пари, но сакаат празнична атмосфера.
„Сепак е Нова година, малку така да се почувствува празник, убави празници се Божик, Нова Година.“
„Треба да се опуштиме, не може да се штеди.“
Прилеп е украсен од 15 декември. Градоначалникот Дејан Проданоски вели дека со два милиона денари изнајмиле украси, за Прилеп по дваесетина години да добие ново празнично руво. Оваа година, градот го украсува фирмата „Линк медиа плус“ од Скопје.
„За жал, општина Прилеп има сопствени украси, но тие се антидатирани, сите се стари повеќе од 20 години. Оваа година одлучивме тие да бидат изнајмени. Изнајмивме украси заедно со монтажа и демонтажа коишто ќе бидат на располагање на општина Прилеп таму до после празниците во јануари, 2026. Сметам дека направивме добар чекор затоа што и во мојата програма стои дека ќе се обидам да го вратам духот на прилепчани. Мислам дека полека одиме кон таа цел – да ја вратиме еуфоријата за новогодишните, односно божиќните празници. На граѓаните навистина им треба враќање на духот и малку забава, малку опуштање од секојдневните проблеми и сметам дека е вистински чекор вака да се почне“,
кажа Проданоски.
Дента кога снимавме, базарот беше во подготовка, но од средата, локална општествено одговорна компанија постави куќички за храна и пијалоци на самиот плоштад. Културната програма ќе трае до Нова година. На двата милиона денари за украсување, ќе се потрошат уште 2,4 милиони денари за забава.
„Севкупно, општина Прилеп за ова предновогодишно разубавување, културната програма и дочекот, светлечките моменти, односно традиционалниот огномет, би го чинеле околу 4,4 милиони денари. По подолго време можеби малку е зголемена сумата, но имавме сериозни критики во минатото дека ништо не се прави на ова поле и дека Прилеп стана еден ‘мртов град’ без ноќен живот и забава. Моравме некако да го вратиме духот на граѓани. Сметам дека ако наменски се трошат средствата во интерес на сите граѓани, навистина е оправдан чекорот“,
вели градоначалникот на Прилеп.

Проданоски потсетува дека за Прилеп предвидена е и развојна програма. На пример, за следните три години најавува рехабилитација на целата патна мрежа. За 2026 и тој има желба за градот.
„Како човек, родител сум, татко на три деца, сакам моите деца да бидат среќни што живеат во Прилеп. Мојата мисија во овие четири години е што е можно повеќе среќни лица во Прилеп да гледаме, не само за празници, туку навистина да ја вратиме среќата кај нашите луѓе, имаме прекрасна земја за којашто треба да живееме, да го вратиме малку духот, да се вратиме на она што значи заедништво“,
вели првиот човек на Прилеп.
ГОСТИВАР
Лани Гостивар беше украсен град. Со елка во центарот и со гужви од граѓани дојдени да се забавуваат или фотографираат. Си спомнавме за минатогодишната атмосфера бидејќи во пресрет на 2026-та Гостивар остана без сјајот на новогодишните украси и светилки. Причината, се чини, е тоа што на последните локални избори немаше цензус да се избере градоначалник.
Откако изборите формално завршија, Владата избра повереник. Фадил Џелили вели – немало пари во општинската каса за да се купат украси. Направил и обид да најми фирма за украсување.

За жал, финансиската состојба на Општина Гостивар е многу тешка, со блокирани сметки и целата општина работи во финансиски рамки, и со моето доаѓање немаше средства за украсување на градот за новогодишните празници. На мое инсистирање, пред пет или шест дена беше отворен тендер за приватни компании кои се занимаваат со оваа дејност. За жал, ниту една компанија не се појави, не конкурираше на овој тендер.
рече Џелили.
Чаре побарале и преку едно од јавните претпријатија. Но, и тоа не успеало.
Веднаш ја ангажирав директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ некако да се снајде и со тие сили што ги има претпријатието да се украси. Но, и таму ситуацијата е многу тешка и, за жал, таа кажа дека нема можност за украсување за празниците, па Гостивар оваа година ќе биде во мизерна, непосакувана состојба. Но, немаме што да правиме. Тоа е реалноста.
додаде Џелили.
По обиколката на главните градски улици на некои места забележавме поставени сијалички, но и тие не работеа. Светеа само украсите на продавачите низ центарот на градот.


Токму таму наидовме и на еден од ретките симболи кои се врзуваат со Нова година. Дедо Мраз, колку-толку, ги радуваше ако не другите барем децата.
Оваа година градот не се погрижи да украси, но ние сме тука, ги чекаме печалбарите, се сликаме цела ноќ. Минатата година беше подобро, имаше светла, музика, беше поубаво…
360°: Мислите ли дека следната година ќе биде подобро?
Дедо Мраз: Да, треба да биде, треба да биде, оваа година малку нè разочараа, но ние продолжуваме.
Дека фали новогодишна атмосфера кога не е украсен градот говорот и нашите други соговорници кои се надеваат дека следната година Гостивар пак ќе сјаее за новогодишните празници.
Мислам дека е подобро со светла како лани, градот беше украсен, атмосферата беше поубава, повеќе луѓе излегуваа да се сликаат со децата. Вака градот е без светла, без ништо, без новогодишна атмосфера.
Во вакви времиња, знам од моите генерации, постоеше поголема сиромаштија, Но духовната радост беше исполнета баш со тие новогодишни обележја, било тоа да се приредби, Дедо Мразовци. Оваа година, како што гледате, право мртвило е.
вели друг жител на Гостивар.
ТЕТОВО
За разлика од Гостивар, кој оваа година остана без новогодишни украсување, Општина Тетово реши да го украси градот првпат по неколку години. Според општинската власт, го смениле пристапот бидејќи успеале да ги намалат долговите напластени од претходни години.


Во вториот мандат сме во подобра финансиска состојба и, секако, ги обновивме повеќето патишта со нова инфраструктура. Оваа година го украсивме градот. Станува збор за околу 70 столба, почнувајќи од Монопол до Судот. Украсени се три кружни тека и, секако, имаме и некои реквизити за децата да се сликаат. Издвоената сума, која исто така помина на Совет, е еден милион и 500 илјади денари плус ДДВ.
рече Алили.
За украсувањето била најмена приватна компанија, избрана на тендер.

Конкурираа неколку компании. Компанијата што го доби тендерот за уредување на градот е „Реклама плус“. Ова опрема е доделена само за уредување на градот. Осветлувањето и декорациите се дел од компанијата и ќе бидат вратени по завршувањето на празниците.
додаде Алили.
За украсувањето поразговаравме и со тетовци. Прво за тоа – што мислат што воопшто е накитено.


Па, не сум излегувала, ама стварно немало. А сега се трудат да има нешто и пак да личи на град. Достојно да биде за граѓаните.
рече еден жител на Тетово.
Па добро е, зошто да не?
Па друга атмосфера има, друг изглед на самиот град.
додаде друг жител.
Па добро влијае, еве, гледате сами. Подобро е, па нормално дека е подобро, само до кога ќе трае ова, не знам. Да личиме и другите години.
рече друг соговорник.
Добро, многу добро, задоволството е за сите. Многу убава атмосфера. Секогаш треба да биде вака.
-Каква беше атмосферата другите години кога немаше декорации?
Немаше ништо, секој одеше некаде на друго место.
Да, добро е за децата малку да се веселат, тоа е добро.
рече тетовка.
Но, со граѓаните, поразговаравме и дали им е важно колку пари Општината потрошила за украсување.
Па, мислам дека е многу за овој мал град. А треба да биде украсено.
вели друг соговорник.
Па до некаде може игра улога, ама се знае, атмосферата за Нова година треба малку да биде посвечена.
рече жител на Тетово.
Па за ова мислам дека не е толку. Како е накитен градот, мислам дека не е многу пари, ете што знам.
додадава друг соговорник
Е, не знам, тие знаат најдобро, ама вреди. Вреди, сите со задоволство излегуваат.
рече жител на Тетово.
Жителите на Тетово се надеваат дека украсувањето ќе стане традиција.
НЕГОТИНО
Новогодишното украсување во Неготивно во изминатите години беше колку да се каже, но сега градот има напредок во доловувањето на новогодишниот и божиќниот дух. Елка, панделки, порти и ѕвонци светат во централното подрачје на градот.

Дека е така говорат и реакциите на граѓаните.
„Повесел е градот, поукрасен, децата секогаш се најрадосни и најмногу се радуваат…таа предновогодишна атмосфера ни е многу важна и среќни сме поради тоа што го имаме“,
ни вели жителка на градот.
„Па секој град во своето новогодишно руво е убав. Светилките ја даваат својата посебна убавина…се надевам на сите граѓани ќе ни биде поубаво во новата година“
ни вели друга жителка на Неготино.
„Па добро е во споредба со претходните години. Малку повеќе е украсено, но се уште има простор за импровизација и може тоа да оди нагоре и нагоре. Но чекор по чекор, се надеваме“,
посочува жител на Неготино.

Марија Нацева е новата градоначалничка на Неготино. Добро и е познато како се украсувало минатите години бидејќи претходно ја извршуваше функцијата секретар на Општината. На градот му е потребна новогодишната магија, вела таа.
„Од претходната година почнавме да го враќаме сјајот на градот, меѓутоа оваа година одлучивме дека е редно време конечно Неготино да добие еден сосема нов изглед за претстојните новогодишни и божиќни празници. Сè со цел граѓаните на Општина Неготино да имаат едно поинакво чувство, поубаво чувство, чувство дека доаѓаат празници коишто нè зближуваат сите нас како луѓе“,
изјави градоначалничката пред камерата на „360 степени“.
Помеѓу културните настани во деновите пред и по Нова Година, годинава се вклучени учениците од двете основни и средното училиште со организирани настапи на плоштадот. Во пресрет на 31 декември ќе биде организиран и новогодишен базар од хуманитарен карактер, а вклучени се и настапи на детски маскоти, како и на неколку македонски изведувачи.

Нацева вели дека по осум години пауза, во Неготино ќе има и прослава за новогодишната ноќ.
„Одлучивме тоа да биде со македонски изведувачи. Од 22:30 ни почнува манифестацијата каде што настап ќе имаат Златко Миладиновски и оркестарот на Златко Миладиновски, заедно со Татијана Стефановска“,
информира Нацева.
Но, додава таа, нема да има огномет.
Разгледувајќи ги украсите низ градот, случајно наидовме на еден од советниците којшто е опозиција на Нацева во градскиот совет – Љубе Темелков. Вели, убаво е украсено, но наметнува прашање колку чини сето тоа.
„Се гледа дека нешто е мрднато после осум години, украсено е нешто. И малку ќе има прослава, претходните години немаше… сега само ме интересира колку ќе чини сметката на крајот за прославата оти ние граѓаните треба да знаеме“,
вели Темелков.
Градоначалничката одговори, украсувањето е направено со тендер.
„Спроведовме јавна набавка каде што е избран најповолен економски оператор. Овозможени се сите оние реквизити коишто беа во нашиот концепт за да можеме сега да го имаме финишот за концептот што го имавме како замисла… Согласно расположливиот буџет којшто ние го имавме предвидено во 2025 година за оваа намена, односно за новогодишното украсување, одвоен буџет од Општина Неготино изнесува околу 500 000 денари чинам дека беше“,
изјави Нацева.
КАВАДАРЦИ
На десетина километри од Неготино, цвета уште една новогодишна бајка. Во центарот на Кавадарци има елка, осветлени пакетчиња, новогодишни тунели и новогодишно вовче. Сето ова е проследено со културни настани и новогодишен базар.

Секретарот на општината Тодор Ефремов вели – задача е на градските власти да обезбедат топла божиќна и новогодишна атмосфера за сите граѓани, а годинава содржините на украсувањето, дел се традиционални, дел се новини. Тоа е задача на приватна фирма, за буџет од околу 23 000 евра.
„Новогодишната програма има посебен буџет, тоа не е тајна, јавно се објавени сите податоци. Новогодишната програма ни е доделена на делегирана надлежност, ја организира исто така компанија и сите овие содржини коишто ги слушнавте се вклучени во реализација со компанијата на која ѝ е доделена оваа делегирана надлежност“,
изјави секретарот на општината.

Во минатото купувале и свои реквизити, но сега се одлучиле за јавна набавка преку фирмата „Линк медиа“ која подразбира изнајмување на опрема, меѓу другото и затоа што така полесно и поевтино може да се внесат новини.
„Општините (зборувам за Општина Кавадарци) не располагаат со складишни магацини каде што може да се чува соодветната опрема. Притоа, голем дел од реквизитите се оштетуваат чувајќи ги преку една година. И самите знаете дека голем дел од овие реквизити немаат гарантен рок, не спаѓаат во таа опрема којашто може да има две, три или пет години гаранција. Од овој аспект сметавме дека е поисплатливо да имаме изнајмено новогодишно украсување“,
изјави Ефремов.
Како и во Неготино така и во Кавадарци нема да има огномет на прославата на полноќ, меѓу 31-ви декември и 1-ви јануари. Новогодишната ноќ е резервирана за Марјан Коцев и неговиот бенд, а во текот на деновите кои водат до Нова Година и божиќните празници, во градот ќе бидат промовирани локални производи – вински и гастрономски. Најмалите ќе се дружат со маскоти.
Додека едни форми на празнување стануваат пополурани, други полека одат во заборав. Еден продавач на новогодишни честитки ни кажа дека своевремено продавал и до 10 000, а сега едвај стотина.
„Ние сме почнати од 8.10 значи многу слабо. Веќе заборавија. Сега само децата во градинките купуваат, ама еве и тие ги чекаме да дојдат. Некако овие поголеми нема шанси да купат. Не гледам некоја разлика убаво ни е, украсено ни е, благодарни сме“,
изјави Ефремов.

Со минувачите поразговаравме за атмосферата во градот.
360 степени: Како ви се чини вам украсувањето?
„Супер, има многу новитети, има убави украси. Поразлично е шаторот за Дедо Мраз, ѕвездата, има дневни програми за децата со песнички..“
360 степени: Што значи едно квалитетно време на плоштадот во Кавадарци може да се помине?
„Да, може. И дневна шема и навечер. И чајче топло и винце топло.“
360 степени: Важно ли ви е како граѓанин да ги има ваквите содржини?
„Да, важно ни е и на нас како родители и на децата да се радуваат, супер е“.
По направената обиколка низ Неготино и Кавадарци стекнавме впечаток дека за граѓаните украсениот град не е луксуз, туку потреба што го создава чувството на заедништво и празнична топлина.
Новогодишниот дух, велат, најсилно се чувствува токму кога јавниот простор зрачи со светлина и симболика. За многумина, тоа е мал, но значаен чин за празниците да се доживеат поинаку и поблиску.
