„360 степени“ три дена ги следеше и регистрираше случувањата околу популарниот струшки затвор. ВИП-станарите ги немаше меѓу оние што излегуваат наутро за да одат на работа и се враќаат навечер за да преспијат. Директорот Ваљон Ќура вели дека одговорно може да тврди оти привилегирани осуденици нема, како и дека куќниот ред целосно се почитува
Жители на струшката населба Теферич сведочат за неред и бегства од затворот. Тие бараат негова дислокација зашто е сместен среде населбата и на прометна улица. Директорот Ќура вели дека овдешните осуденици се од низок ризик, а дека и тој би сакал помодерен и пофункционален објект на друга локација но, како што вели, за тоа одлучуваат други инстанци. Погледнете го видеото:
Како Струга нема друга, а нема ни затвор како струшкиот. Во населбата Теферич, на прометна улица, сместен е казнено-поправниот дом од отворен вид, кој стана многу популарен во јавноста. Го нарекуваат затвор за елитата, центар на затворски туризам, а последното звучно име што се пријави да биде „станар“ е екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, кој од 22 август овде треба да ја отслужува тригодишната казна за случајот „Империја“.
Казна овде отслужува уште еден осуденик за истиот случај – бизнисменот Орце Камчев. Пред нив, во струшкиот затвор влезе и Зоран Милевски–Кичеец осуден во предметот „Рекет“. Ги прашавме жителите во околните куќи дали ги виделе ВИП-станарите на затворот.
„360֯ : Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, сте ги виделе?
–Не сме ги виделе, ама сме слушнале. За тие има место кај да го служат затворот.“
„-Јас не знам. Кој е таму, што е, не знам.“
„Јас за тоа не знам, ниту ги имам видено, ниту слушнато.
360֯ : Сашо Мијалков сте го виделе?
Не, имам слушано преку новини.“
Соседите се револтирани што воопшто во комшилукот имаат затвор, без разлика на профилот на затворениците.
Дворот на Агим Абдулаи е веднаш наспроти службениот влез на затворот.
„Стално тие кога ќе излезат, еве вратата нивна е тоа и овде имаат исто полицаец, оттаму кога ќе избегаат овде ќе излезат на патот со трчање и тие не можат и да ги фатат додуша“,
вели тој.
Агим добро ги знае и службениците и затворениците.
„Секогаш кога тие имаат некој проблем, имам и јас директно во дворот мој, затоа што тие кога ќе избегаат оттаму, не знаат од каде да бегаат. Некогаш ќе влезат во бавчата, некогаш одат и по патот. Плус тоа, паркираат на сред пат, каде сакаат и лево-десно, а плус тоа, кога ќе има многу ѓубре, а не го креваат, го палат среде двор и овде не се живее.“
Дворот на Селами Фазлиу, пак, граничи со задниот дел на затворот. Иако е иселеник во Америка, кога е во родниот крај сведочи за нередот.
„Оттаму доаѓат ваму, после излегуваат таму. Излегуваат надвор, преку бавчата. Лани татко ми умре, кога беше тој имаше многу галама, а сега овде не живее никој, не се живее овде“,
тврди тој.
Пред повеќе години претседателот на месната заедница барал дислокација на затворот, но како одминувале годините без епилог, така попуштил и нивниот притисок.
„Каков е овој затвор кога тие се слободни и којзнае, може да влезат и по нашите куќи?“,
прашува Џевдет Даути.
Маката на мештаните, всушност, е последица на опциите што ги дава законот. Казнено-поправните установи може да бидат од затворен, полуотворен и од отворен вид – како овој во струшки Теферич. Објектот е поставен аголно, има два ката и шеталиште. Опколен е со ѕидови, а на места со ограда. Забележливо е дека на само неколку простории на вториот кат има клима-уреди.
Објектот го обезбедуваат чувари, а животот на осудените лица се заснова на самодисциплина и лична одговорност. Контрола на нивното движење и работа вршат воспитувачи и инструктори, ни кажа директорот на затворот. А, пред да го прашаме него, „360 степени“ три дена ги следеше случувањата околу објектот.
Првиот ден се позициониравме во 16 и останавме до 21 часот. Попладнето почнаа да се прибираат осудениците, кои наспроти слободата преку ден, тука доаѓаат да преспијат. Користат сопствени возила, а од она што го видовме, повеќето се млади.
Ноќта беше тивка, а и затворските муабети. Од вип-личностите ни трага ни глас.
Следниот ден во Теферич пристигнавме рано наутро, во 6 и 30. Дел од луѓето што вчера влегоа да преспијат, изутрината повторно излегоа од затворот. За време на нашето присуство, не се појавија ни Мијалков, ни Камчев ниту Кичеец. Во текот на денот забележавме дека дел од затворениците не го напуштаат објектот. Но, и меѓу нив немаше ниту едно познато лице.
Вечерта, пак, освен горе-долу и за нас веќе препознатливите лица, затворската капија „ја помина“ и еден поголем тепих. Но, не и некој од ВИП-станарите.
Следното утро решивме да прашаме и еден затвореник.
„360֯ : Дали сте ги виделе внатре Сашо Мијалков, Орце Камчев?
Да, да.
360֯ : Излегуваат- влегуваат?
Не знам, не знам. Јас излегувам.
360֯ : Они се долу?
Да.
360֯ : Во иста соба се они двајца?
Не во една соба, во друга соба.
360֯ : А Сашо Мијалков?
И тој и тој е тука.
360֯ : И он има цимери?
Да.
360֯ : Со вас имаат комуникација?
Не, ништо, само долу се.
360֯ : Ама сте ги виделе.
Да.
360֯ : А Кичеец? И он е тука ?
Сите, сите“,
тврдеше затворениот.
Овој осуденик ни објасни и дека треба време за да се среди процедурата за денско излегување.
„360֯ : Колку време треба да помине?
Еден месец – еден и нешто“,
кажа тој.
Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура, одбра писмено да одговори на нашите прашања. Тој вели – законот предвидува осудениците да можат да работат и надвор од установата, а единственото ограничување е тоа неделно да не надминува 40 часа. На прашањето за статусот на осуденикот Сашо Мијалков го добивме следниов одговор:
Ништо повеќе не разбравме и за бизнисменот Орце Камчев.
Директорот вели дека одговорно може да тврди оти привилегирани осуденици нема.
Освен што треба да спијат под ист кров, заедничко за вип-станарите е што се послужија со ист трик – откако признаа вина и се спогодија со обвинителството, ги сменија адресите на живеење – од Скопје во Охрид, со што добија можност за издржување на затворските казни токму во струшкиот затвор. Министерот за правда Никола Тупанчески веќе најави дека се размислува како да се стави крај на т.н. затворски туризам.
„Би било добро издржувањето на казната, да се врзи, да се поврзе, да се конектира со последните две години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело“,
кажа Тупанчески во интервју за Радио Слободна Европа.
Формирана е работна група која треба да ги отстрани аномалиите во Закoнот за извршување на санкции. Ако се смени законот, осудената елита од другите градови нема да може да преноќува во струшки Теферич, но можно ли е овој објект да се дислоцира зашто им пречи на соседите? Директорот Ваљон Ќура вели дека овдешните осуденици се од низок ризик, а дека и тој би сакал помодерен и пофункционален објект на друга локација. Но, како што вели, за тоа одлучуваат други инстанци кои треба да проценат дали е тоа приоритет за државата во овој момент.