Погледнете како се живее во еден од четиринаесетте пензионерски домови ширум државата со кои стопанисува Пензискиот фонд. Омбудсманот апелира сите граѓани од трета доба кои живеат под државна капа и се соочуваат со дискриминација, тоа да го пријават кај нив. Погледнете го видеото во продолжение
Состанок во државниот пензионерски дом во скопски Аеродром, посветен на проблемите со кои се соочуваат станарите. Дискусијата ја отвори управителот, a pрисутни беа двајца претставници на Фондот за пензиско осигурување, како и заменик–народниот правобранител. Тема на разговор беа условите за живеење и почна форумот со станарите.
„Јас дојдов 2006, раселен Арачиновец. Кога дојдов во мојата соба, дојдов во штала. Мојата штала во Арачиново беше почиста“,
„Купатилото, јас кога дојдов, беше сосема руинирано“,
„Ни светлото го имаме како што треба, ни влезовите, ни се влегува во домот, бункер систем. Како хорор е.
-Ама што ви е, бе, луѓе сега?
Абе дојдете навечер“,
се жалеа станарите.

„Јас не можам да сфатам, фрлаат ѓубре пред зграда, се тепаат меѓу себе, невидена работа“,
се пожaли и управителот на домот.

Еден од најгорливите проблеми е парното греење. Приклучени се малкумина и плаќаат високи сметки. Никој не е стоплен.
„Нашиот заеднички предлог е да побараме наплаќањето да биде по квадрат за да може секој да го плати, да не го чини скапо. Како во градот. Колку ќе чини квадрат, не знам да ви кажам, во моментов“,
рече заменик народниот правобранител Јован Андоновски.

По состанокот, кираџиите се прибраа во становите, а ние тргнавме во обиколка на Домот. Осветлувањето во ходниците не е исправно секаде. На некои места, фасонките се во очајна состојба. И дел од ѕидовите се руинирани. Домот има четири ката, а Пензискиот фонд ги има дадено сите станови под закуп. Во домот живеат сто и седумдесет станари кои месечно плаќаат кирија од петстотини до илјада денари.


Дел од жителите ни дозволија да видиме ваква е моменталната состојба во внатрешноста на становите.
„Го правеа кровот и овдека ова, изби се. И тука и тука, и во големата соба и во кујната и сега што да правиме ние? И нејќат да ни кречат, два стана окречија, не знам колку станови се поплавени. Еве и оваа соба фати поплавата и овдека се е поплавено. Ова се сум го тргала назад да стаам ќебиња, уште стои најлонот горе“,
ни кажа Лилјана Џоровска, станарка во домот.


Радијаторите се неисправни, а за 35 квадрати, месечната сметка за парно греење е околу 4 000 денари, што по смртта на сопругот, Лилјана тешко може да ја подмири.
„Двете фактури за 8 и 9 не ми се платени, немам пари. Молев, барав да се исклучам или да не уклучат или да не исклучат сите. Не даваат. И сега што да правиме? Проблеми…“,
вели таа.
Во други станови, во очајна состојба ги затекнавме тоалетите.


Услов да се добие стан под закуп во државен пензиски дом е кандидатот да нема месечната пензија поголема од 300 евра, како и да нема имот. Новиот управител на домот сака да наметне куќен ред, но вели дека принуден е да импровизира во секојдневното управување. Некои правила, сепак, се запишани во договорот за закуп.
„Таму е наведено дека собата ја примаш видена. Значи видена -примена. Не мора да ја прими ако собата не му се допаѓа.
360°: А, ако нема избор?
Е, тоа е проблемот. Што луѓето немаат избор. Некои одбиваат, ама некои немаат избор и се принудени да го решаваат тоа.
360°: Затоа ве прашувам, која е вашата визија?
Значи, мојата визија би била секој стан пред некој да се всели, да биде реновиран, искречен, со светла, со струи, со сите тие додатни работи, коишто требаат за едно нормално живеење.
360°: Ги комуницирате овие работи со ПИОМ?
Да.
360°: И?
Нема пари“,
вели управителот Љубомир Зафировски.

И од Фондот велат дека станарите своеволно прифаќаат да живеат во Домот, но и дека се трудат да обезбедат основни услови за пристоен живот. Лани инвестирале во реконструкција на кровот, а тековно се бара чаре и за парното греење.
„Фондот во 2022 година спроведе постапка за реконструкција на мрежата (истата е во тек) во износ од 3.100.000 денари (50 илјади евра), со што се надеваме дека овој проблем ќе биде надминат. Исто така, во соработка со Народниот правобранител, ќе оствариме средба со ЕСМ дистрибуција за изнаоѓање решение за наплата на греењето по м2 со што дополнително ќе се намалат сметките за греење“,
велат оттаму.
Освен пензионерскиот дом, повеќе деловни простории околу Домот се на име на Фондот за ПИОМ од кои државата наплаќа кирии. Но:
„Средствата кои Фондот ги добива од закупот на станбениот и деловниот простор завршуваат во централниот Буџет на Фондот и тие не се наменски за пензионерските домови. За реновирање на пензионерските домови, Фондот секоја година добива средства во Буџетот кои не се доволни за подетално реконструирање на пензионерските домови“,
ни одговорија оттаму.
Заменик-народниот правобранител вели дека становите треба да ги одржуваат кираџиите, но и дека никој не треба да ги дискриминира поради тоа што немаат друго место за живеење. Очекува решение за парното греење на состанок со ЕСМ, но и за сите други проблеми, за кои вели дека често ќе доаѓа да се информира и од самите станари.
„360°: Што доколку работите не се променат во скоро време?
Тогаш ќе одиме со информација до Владата, за тоа каква е состојбата, колку време сме посветени на ова прашање, што се е преземено од наша страна за да се подобри состојбата и, сепак, Владата нека си преземе конкретни дејствија, затоа што во крајна сметка Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е орган којшто дава одговорност за своето работење пред Владата“,
вели Андоновски.

Ова е еден од четиринаесетте пензионерски домови ширум државата со кои стопанисува Пензискиот фонд. Омбудсманот апелира сите граѓани од трета доба кои живеат под државна капа и се соочуваат со дискриминација, тоа да го пријават кај нив.
