Додека неколкукратно се зголемени парите кои партите ги добиваат од државата за своите редовни активности, истражувањата на невладиниот сектор откриваат дека нема намалување на партиските приходи од приватни донации. А токму намалувањето на приватните донации и нивното влијание беше објаснувањето зошто партиите треба да се финансираат од буџетот
Бескрајни расправии, тактички блокади, па и физички пресметки не се ретки сцени во законодавниот дом.
Во многу ретки случаи, пратениците, сепак, гласаат сложно и без караници.

Така беше во 2018 година, кога на лидерска средба, власта и опозицијата се договорија за 150 насто да ги зголемат парите со кои од државниот буџет се финансираат политичките партии. Кога се гласаа измените на Законот во парламентот, никој не беше против.

Аргументот на политичарите беше – ако се зголемат парите од државниот буџет, партиите ќе бидат помалку зависни од донации, кои, пак, носат ризик од корупција.
Каква се ефектите четири години подоцна?
Меѓународниот републикански институт од САД – ИРИ со Фондација „Отворено општество Македонија“ го анализирале редовното партиско финансирање со пари од буџетот од 2011 до 2021 година.
Од 2011 до 2017 година, средствата што се одвојуваа за партиите изнесуваа 0,06% од изворните приходи во буџетот. Во споменатата 2018 година, тој процент се зголемува на 0,15. На почетокот на ковид-пандемијата во 2020 година, владата донесе уредба со законска сила со која тој износ се намали на 0,04%, но тоа не траеше долго. Подоцна истата година, со законски измени, процентот од изворните приходи на буџетот што оди за партиите се зголеми на 0,105.

Во пари, во периодот 2011-2021, партиите инкасирале околу 26 милиони евра од државата. Најмалку, близу 1,2 милиони евра, добиле во 2011 година. Најмногу добиле во 2019 година – околу 5 милиони евра. Во последните две, пандемиски години, во партиите се влеват по околу 3,5 милиони евра буџетски средства.
Но, додека неколкукратно се зголемени парите кои партите ги добиваат од државата за своите редовни активности, што значи без активностите за избори, истражувачите од Фондацијата „Отворено општество Македонија“ откриле дека нема намалување на партиските приходи од приватни донации. А токму намалувањето на приватните донации и нивното влијание беше објаснувањето зошто партиите треба да се финансираат од буџетот.
„Имајќи во предвид дека целта што ја имаше законската измена, зголемување на процентот којшто се одвојува за годишно државно финансирање не е остварена, а со тоа и не се намалени ризиците кои ги носи приватното финансирање, сметаме дека треба да се размисли дали навистина има потреба толку висок процент од буџетот да се издвојува за оваа намена“,
вели Марија Мирчевска од Фондацијата „Отворено општество Македонија“.
Моделот на државно финансирање на партиите е таков што најголем дел од колачот оди кај големите партии. Она што е проблематично за невладиниот сектор е што независните кандидати немаат право на државно финансирање, што создава услови за нефер политички натпревар.

„Сметаме дека треба да се вклучат непартиските актери во системот на финансирање имајќи во предвид дека навистина остваруваат резултати како и политичките партии на изборите и со тоа да се намали таа структурна предност што ја имаат политичките партии во изборниот процес“,
вели Мирчевска.
Фактот што партиите добиваат државни пари ја донесе логичната последица дека тие ќе мора да бидат отчетни за тоа како ги трошат тие пари. Но, освен што голем дел од партиите и понатаму не се транспарентни и не докрај, анализите на невладиниот сектор покажуваат и дека немаат однос кон надлежните контролни институции, клучно кон Државниот завод за ревизија.
На пример, во ревизорските извештаи за СДСМ со години се провлекува забелешката дека партијата и понатаму ги уплаќа средствата од членарина од секоја општинска организација директно на сметка на партијата, во вкупен износ. Тоа значи дека не се почитува начелото да се знае кое лице колку платило за членарина. ВМРО-ДПМНЕ нема доказ за бројот на седишта и начинот на користење на изборни штабови, ДУИ има договори за користење возила на физички лица, но не и цена по која исплаќа за услугите, а Алијансата за Албанците исплаќала фактури без поткрепувачка документација.

„За жал, во пракса се покажува дека многу малку се постапува ниту, пак, имаме како јавноста контрола врз процесот за тоа што всушност партиите направиле или постигнале при постапување на зебелешките од државниот ревизор,“
вели Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи ЗМАИ.
Освен Државниот завод за ревизија, надлежност за контрола на партиското финансирање има и Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство. Но, според Митевски, проблем се и аномалиите во синџирот на комуникација.
„Тој триаголник не можеме да видиме дека соодветно функционира во пракса. Од друга страна, државниот ревизор може само да констатира. Државната комисија за спречување на корупција има одредени надлежности и да постапи, но сепак, треба да се најдат многу поефикасни алатки, прекршочни одредби со кои ќе може и на самото место кога ќе се увидат одредени недостатоци, овие институции да постапат“,
вели Митевски.
За малверзации и незаконско финансирање на партиите е предвидена и кривична одговорност. Единствениот таков значаен пример е неодамнешната првостепена пресуда во случајот на СЈО „Талир 2“, за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ кога оваа партија беше на власт.
Митевски и Мирчевска се согласни дека се потребни реформи за зајакнување и на контролата и на казнената политика.
„Јавното обвинителство игра клучна улога за разоткривање и гонење на покрупните работи, така што нивната улога во овој систем е длабински, врз основа на фактите и сознанијата кои ќе произлезат од одредени истраги на Државната ревизија и на Антикорупциската комисија да покренат обвинение и тоа да биде проследено во судските органи“,
вели Митевски.

„Сметам дека граѓанскиот сектор, академската заедница, дури носителите на одлуки откако ќе ги имаме правосилни пресуди треба во суштина да се навратиме наназад и да видиме кои се системските недостатоци на системот кои во суштина дозволиле овие злоупотреби да се случат воопшто. Кои се механизмите кои ги користат тие што имаат за цел да наштетат, кои институции ненавремено спровеле надзор и со тоа не алармирале, кои институции можеби навремено постапиле, но државните институции немале слух за нивните препораки“,
потенцира Мирчевска.
Без политичките партии не може да се организира политичкиот живот во една демократија. Поради тоа партиите добиваат пари од буџетот во голем број од развиените демократски земји.
Не постои единствен модел – секоја држава го уредува прашањето согласно сопственото искуство, пракса и потреби. Какви и да се правилата, императивот секаде е дека мора и доследно да се почитуваат.