Во земјава сè уште учиме демократија, а оваа генерална констатација особено важи за областа на безбедносно-разузнавачкиот сектор. Што значи потребата тие институции да бидат транспарентни и отчетни, но и каква треба да биде улогата на граѓанскиот сектор и на медиумите во тој процес? Темата добива на значење со хибридните напади на кои сме изложени
Дојави за бомби во училишта, трговски центри, спортски сали, скандал со државјанството на контроверзниот Онишченко, нов директор на АНБ…
Периодов вестите од безбедносно-разузнавачкиот сектор се во „топ три“ и на традиционалните и во онлајн медиумите. Миомир Серафиновиќ е новинар кој катадневно бара одговори од претставници на овие институции. Тој признава дека во услови на мали редакции, новинарите се принудени да покриваат различни области, вклучително и безбедносниот сектор, но од таму информирањето на јавноста дополнително се отежнува со „пуштање завеса од магла“.
„Првото е ‘има надлежни, јас не сум надлежен’ и покажува тотална незаинтересираност за тема за која сите се интересираат. Втората работа е дека еве службите, надлежните работат, дадени се сите тие насоки, добро напредуваме. Еве, на пример, за дојавите за бомбите, еве добро напредуваме, ама постојано ни се повторуваат. Сега не знаеме дали се од еден извор, дали се повеќе, дали е детска игра која се повторува и се тестираат младите информатичари, ние тоа не го знаеме, меѓутоа, знаеме дека сериозно се работи да се открие тоа“,
вели тој.
Серафиновиќ е ден од малкуте новинари што го покриваат безбедносно-разузнавачкиот сектор уште од 99’. „Маглата“, вели тој, успешно „се сее“ низ годините и опстојува.
„Имаме напредок, зголемување на транспарентноста, меѓутоа имаме жилавост, пред сè на тајните служби, а и другите безбедносни фактори кои се обидуваат да прикријат или сокријат некои информации кои се од голем интерес за новинарите при обработување на определени теми, кои не се позитивни за таа институција“,
посочува тој.

Претставници на невладиниот сектор, пак, кои имаат тесна соработка со безбедносните служби, имаат поблага перцепција за транспарентноста на овие институции.
„Тоа, веројатно се должи на фактот дека веројатно недоволно осетливи или недоволни интрузивни информации мене ми биле потребни. Она што ние се обидуваме да го комуницираме со нив е градењето на доверба со граѓанското општество, односот кон јавноста, формите на комуникација, комуникациските стратегии, степенот на отвореност, присустност во традиционални или нови медиуми.
– И како ви оди?
Не можам да кажам дека оди многу брилијантно, не можам да кажам дека не оди“,
вели Александар Стојановски од Центарот за истражувачки стратегии „Евротинк“.

Методи Хаџи-Јанев, универзитетски професор и експерт за безбедност,вели дека надвор од законската регулатива, опсегот на чинители во безбедносниот сектор е многу поголем и потребата за хранење со информации постојано ќе расте. Затоа, неговиот совет е да се напушти комфор-зоната и институциите да се отворат кон јавноста.
„Има до одреден момент, одредена вистина во тоа дека со давање на одредени податоци би можела да се наруши истрагата и да се даде малку лош тек во истрагата, меѓутоа, постојат одредени сегменти коишто можат транспарентно и јавно да се кажат и во западниот свет не е туѓо и во тек на истрага вие да соопштувате одредени информации, од причина што, прво, тие служат за одвраќање од идни такви дела, второ, за подигање на свеста на јавноста за проблемот и трето, на некој начин, за мобилизање на јавноста односно на комуната во помагање или во придонес преку инклузивност во спроведување на безбедносни ризици, односно справување со тие безбедносни ризици“,
вели Хаџи-Јанев.
Хибридните закани и хибридните напади се појава на која ќе треба да се навикнеме, смета Хаџи Јанев. Според него, безбедносно–разузвачкиот сектор треба да е видлив во јавноста за да се спречи ширење паника.
„Оние што се најповикани да ја испорачаат безбедноста на граѓаните, мора да го следат тоа, соодветно да направат градење на капацитетите, да извршат соодветна реформа и врз основа на тоа да го подигнат своето ниво на рамниште преку кое ќе го обезбедат балансот за којшто зборевме – а тоа е да ја задржат демократската култура, демократските вредности, но и во истовреме да испорачат и безбедност на граѓаните“,
рече тој.

Соња Стојановиќ Гајиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика посочува дека и покрај специфичноста на секоја држава, земјите од регионот ја поминале првата генерација реформи, што значи прилагодени устави, добри закони и релевантни институции.
„Но, политичарите ги туркаат безедносните институции да работат за нив, а не за граѓаните, нив да ги штитат од истраги поврзани за корупција и организиран криминал, или да ги злоупотребуваат за да ги напаѓаат противниците или да ги притискаат новинарите кои откриваат некои осетливи теми или организации на граѓанското општество, а ги штитат припадниците на нивните партии, нивниот круг“,
вели таа.
Стојановиќ–Гајиќ вели дека војната во Украина повторно го издигна прашањето за безбедноста високо на агендата.
„Повеќето професионалци од областа на безбедноста, не само кај нас, се научени дека безбедноста е нешто посебно, доверливо, а всушност златен стандард во реформата на безбедносниот сектор е институциите да се однесуваат како кој било друг дел од државната администрација“,
посочува таа.

Последната обука за претставници на граѓански организации и медиуми е дел од серијата активности планирани од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ) за поактивно вклучување на невладиниот сектор и новинарите во граѓанскиот надзор. Обуката беше фокусирана на прашања поврзани со транспарентноста, отчетноста и отвореноста на безбедносните и разузнавачките институции во ера на високи ризици за безбедноста и на голема побарувачка на информации од јавноста.
„Прво, би им порачал, кога ќе ве прашаат нешто новинарите, одговорете им конкретно на прашањето, а не да им цитирате закон кој го има на интернет и може да го најде секој. Значи, пофер е од нивна страна – не можеме да ви одговориме на тоа прашање, отколку да се одговори, пример, истрагата е во тек или ќе се цитира определен член од законот, колку да се каже дека транспарентноста е задоволена, иако суштината не е задоволена“,
вели Серафиновиќ.
„Треба време да помине, треба едноставно да се изградат побарувачката и понудата. Овде побарувачката не е доволно изградена, понудата од страна на институциите нема потреба да биде преголема, затоа што побарувачката во смисла на тоа колку ние како јавност се занимаваме со тоа што тие прават не е секогаш на високо ниво или не е константна“,
смета Стојановски.
„Мора прво да ја смените културата во пристапот, мора да направите поголема инклузивност и да видите дека одбраната и безбедноста ќе ја барате во повеќе слоеви, не само на границите на државата, не само во безбедносниот сектор, туку во сите актери во општеството коишто се вклучени во тие канали од кадешто доаѓаат тие вектори на закани“,
порачува Хаџи-Јанев.
Граѓанското општество е двигател на промени и коректив на безбедносните политики и практики. А, тоа е можно само преку соработка и градење доверба меѓу безбедносно-разузнавачките институции и граѓанското општество.
„Мислам дека почеток за заедничка заложба за безбедност е да веруваме едни на други“,
вели Стојановиќ Гајиќ.