Звучи апсурдно, но статистиката на Соединетите Американски Држави покажува дека увозот на македонски производи е поголем отколку извозот на американски производи во Северна Македонија и покрај тоа што земјава го регистрира спротивното – дека увозот на американски производи е поголем од извозот на македонски производи во САД
А тарифите што американскиот претседател ги најави за во последен момент да ги одложи на 90 дена, се директно поврзани со билансот во трговската размена, вели доскорашниот владин советник, Германецот Јоханес Хајдекер
„Да ја направиме Америка повторно богата“ е името на настанот на кој претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување повисоки царини за увоз за повеќе од 180 трговски партнери низ светот.
„Мои сограѓани Американци, ова е Денот на ослободувањето на кој се чекаше долго време.“
изјави Доналд Трамп, претседател на САД на 2 април 2025
Реципрочност според Трамп
Ослободувањето, рече тој, е од нефер трговска размена во која другите земји воведувале давачки на производите од САД, а САД не правеле ништо.
Со децении нашата земја беше ограбувана, силувана од држави блиски и далечни, пријателски и непријателски.
Затоа, според Трамп, американската индустрија се преселила во странство, а со тоа и работните места. Сега тој сака да ги врати назад, со тарифи за странските производи.
Реципрочни. Тоа значи – тие тоа ни го прават нам, ние им го правиме ним. Многу едноставно, не може да биде поедноставно.
Трамп, потоа, се погрижи сликовито да покаже како ќе изгледа тоа во пракса. На сцената стапи секретарот за трговија Хауард Лутник, истиот Лутник кој беше гостин на македонската влада уште пред изборот на Трамп, кој донесе пано со податоци – која земја колкави тарифи ќе добие.

Европската Унија. Тие се многу тврди. Многу тврди преговарачи. За ЕУ мислиме дека е многу пријателска, а тие нè ограбуваат. Толку е тажно да се види тоа. Толку патетично – 39%. Ние ќе ги тарифираме 20%. Значи, ги тарифираме само половина.
На првата табла имаше 25 трговски партнери на САД. Трамп кажа по некој збор за нив. Останатите не беа образложени лично од претседателот, но беа објавени подоцна.
Скопје: Грешка е
А таму, меѓу другите држави, се најде и Северна Македонија. Според логиката на настапот на Трамп, земјава имала тарифи и други давачки од 65% на увозот на американски производи, па затоа добивме една од највисоките тарифни стапки – 33% за македонските производи при увоз во САД.
Тоа, нормално, не беше посакувана вест во Скопје. Особено што земјава нема такви давачки за увоз на производи од САД како што тврди администрацијата на Трамп.
Да, секако дека станува збор за грешка и тоа не се царинските стапки кои што ние ги имаме. Еве тука е директорот (на Царинската управа н.з.) може да ви каже дека и по поединечни тарифи кога ќе ги погледнете, во Република Македонија не постои царинска тарифа од 65%, мислам дека тоа се јавно достапни податоци, може и вие самите да ги погледнете и да видите дека немаме толку високи царински стапки.
изјави Гордана Димитриеска – Кочовска, министерка за финансии
Иако ова е јавниот наратив, во Владата добро знаат дека не станува збор за грешка. Затоа што, иако ги најави како реципрочни, тарифите на Доналд Трамп немаат врска со давачките што ги имаат земјите при увоз на американски производи.
Тарифите немаат врска со тарифите
Светски економисти веќе ја обелоденија вистинската формула, а ние се обративме за објаснување кај Германецот Јоханес Хајдекер – доскорешен економски советник на македонската влада и на премиерот.

Тоа што направија е следново – го земаме трговскиот дефицит според нашите пресметки, го делиме со увозот и резултатот го делиме со два. И, тоа е тарифата.
изјави за „360 степени“ Јоханес Хајдекер, поранешен советник на Владата на РСМ.
Или, како што Хајдекер пишува во своја анализа преку примерот на земјава, американската статистика за 2024 година пресметала дека САД увезле од Северна Македонија производи во вредност од 173,7 милиони долари, а извезле 60,6 милиони. Разликата е трговски дефицит на САД од 113,1 милиони долари во размената со земјава.
Ако се примени формулата за која говори Хајдекер… кога ќе се земе дефицитот од 113,1 милиони и тој се подели со увозот од Македонија, кој изнесува 173,7 милиони, резултатот пресметан во проценти, е 65,1%. Тој процент, поделен со два, изнесува околу 32,6% или заокружено – тарифа од 33%.
Доналд Трамп уште во 1987 година има изјавено дека тарифите треба да бидат зголемени за да се задржи што е можно повеќе производство во САД. Го има менувано мислењето за многу работи, но за една работа отсекогаш бил постојан. Ова е однесување кое може да се нарече меркантилистичко. Некои земји го имале овој пристап во 1600-тите години, а тој го има денес. Како и дел од неговите соработници. Тие велат – ако сакаш да им обезбедиш работа на работниците во Охајо, не треба увезуваш ништо. Тоа е политика. Тоа е глупава политика, во моите очи, но е политика.
вели Хајдекер.
Но, тука, на површина излегува друг проблем.

Од левата страна се бројките кои веќе ги споменавме за трговската размена меѓу САД и Северна Македонија, според американските власти. Од десна страна се бројките според македонската статистика кои покажуваат сосема поинаква слика – а тоа е дека во 2024 од земјава кон САД се извезени стоки во вредност од 118,2 милиони долари, а не како што тврди Вашингтон – од 173,7 милиони долари. Уште поголема е разликата кај увозот на американски производи во земјава. Според нашата статистика тој изнесува 195,9 милиони долари, а според американската само 60,6 милиони. Како е тоа можно?
Ако имате во конкретен случај, да речеме, готов автобус што ја напушта Северна Македонија за Белгија, царината ќе го брои како извоз за Белгија. САД, од друга страна, гледа од каде доаѓаат нештата. Па, неколку недели подоцна, можеби месеци подоцна, автобусот ќе дојде кај нив… и ќе видат дека автобусот е, главно, направен во Северна Македонија. Значи, царината овде вели дека е извоз за Белгија, а царината во САД вели дека е увоз од Северна Македонија.
вели Хајдекер.
Слично е, вели Хајдекер, и со извозот од САД кон земјава.

На пример, компанија од САД, која испраќа производи до склад во Холандија, за нив е извоз за Холандија. Тие не знаат каде „ајпедите“ или што и да произведуваат, на крај ќе завршат. Северна Македонија ќе ги регистрира како увоз од САД.
Разлика во автобусите
Најдобар показател дека е така како што зборува Хајдекер, барем кога е во прашање извозот од Северна Македонија кон САД, се податоците од американските власти за тоа што увезуваат од земјава.

За 2024 сликата вели – 74,2% се автобуси. А, автобуси во земјава се прават во „Ван Хол“, инаку една од фирмите кои работат во слободните економски зони.
Ефектите по тарифите на САД во првичен опсег, освен за една компанија, за „Ван Хол“, се горе-долу нула, бидејќи уделот на вашиот извоз во САД е 1-2% од вкупниот македонски извоз
Но, далеку позначајни би можеле да бидат индиректните ефекти од тарифите на Трамп.
Технички најсложениот производ што се произведува во Северна Македонија е дел од електричната „ес-класа“ на Мерцедес-Бенц. Се прави во Скопје. Ако САД купуваат помалку „мерцедес бенц“ возила од Германија, ние нема да можеме да го испорачуваме овој производ во Германија. Така, зависно од тоа колку ќе падне извозот на нашите муштерии во САД, од Германија, од Шпанија, од Австрија, од каде и да е, ова ќе ја погоди земјата „глава за глава“. Видовме сличен ефект за време на короната, кога имаше намален обем, земјата беше погодена.
вели Хајдекер.
Без сериозни последици, барем на краток рок
Македонската влада, засега, смирува. На краток рок, велат, нема да има значителни ефекти.
Не значи дека ако сега постои проблем во Европа дека сега некој ќе ги отпушти вработените. Тоа нема да го направат. Затоа што, ви кажав, дека префрлањето на капиталот е многу тешка задача, одлука и треба време. Во меѓувреме, очекувам државите, поготово европските држави, да се договорат со САД. Така што, и на кус рок да има запирање, не може да има комплетно запирање туку може да има помало производство и помал извоз и од тие земји којшто секако ќе има одреден ефект, но тоа нема да значи дека ќе имаме отпушање од работа.
Гордана Димитриеска – Кочовска, министерка за финансии
Логично се поставуваат прашањата – што ќе направи земјава за првично „Ван Хол“ да нема проблеми на краток рок, а потоа и сите останати на среден и долг?

Се обративме до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Прашавме – дали имаат објаснување зошто добивме тарифа од 33%, на какво ниво се водат преговорите со САД, каква е преговарачката позицијата на земјава и кога се очекува решение.
Се прави се, но не се открива што
За висината на тарифата, објаснија дека таа е пресметана на начинот на кој објасни и Јоханес Хајдекер. За останатите прашања, велат:

Министерството… преку континуирана и интензивна комуникација со релевантните институции на САД на повеќе нивоа, активно работи на изнаоѓање соодветни решенија за надминување на предизвиците поврзани со новововедениот сет на царински мерки.
Министерството останува целосно посветено на заштитата на интересите на македонската економија и на македонските извозници. Во таа насока, во наредниот период ќе продолжи со проактивен дипломатски ангажман.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе кажа дека земјава посакува договор за слободна трговија со САД и дека се работи на тоа. Министерката за финансии вели дека со или без слободна трговија, Владата може да ги намали царините за производи од САД.

Веќе со потпишување на договорот ќе имаме промени и на самите царински тарифи, како што кажав. Доколку не успееме, понатаму ќе видиме што ќе правиме со измените на, како што спомнав, на законот и, да речеме, од наша страна првично намалување на царинските тарифи кои што повторно потенцирам дека не се 65%.
Трамп: Ми го бакнуваат газот
А, еве како Доналд Трамп вчера ги опиша напорите на земјите кои сакаат да се договорат со САД.

„Ви велам, овие земји се јавуваат и ми го бакнуваат газот. Умираат, умираат да склучат договор. Ве молам, ве молам господине, да направиме договор. Ќе сторам сè, ќе сторам сè, господине.“
Ден по оваа, во најмала рака понижувачка изјава, Трамп прогласи пауза од 90 дена за повисоките царини кои требаше да стапат на сила во средата по американско време. Причината – затоа што 75 држави не се одмаздиле со реципрочно зголемување на тарифите за увоз од САД. Но, останаа тарифите од 10% кои ги воведе викендов, плус далеку повисоките тарифи за Кина.
Според доскорашниот советник на владата Јоханес Хајдекер, освен за „Ван Хол“, нема големо значење за земјава што ќе договори со Вашингтон. Иако очекува договарањето да биде тешко.

Актуелниот претседател јасно кажа – сака феноменален договор. За да имате феноменален договор, мора да биете во позиција да понудите нешто. Јас лично не гледам што има да понуди Западниот Балкан на американскиот пазар. Што сакаме да купуваме од САД?
Дури и државите кои се многу блиски до Доналд Трамп, да речеме Израел, тие ги укинаа сите нивни тарифи, тие се навистина блиски политички, па им плеснаа високи тарифи. Да, можеби можеме да го преименуваме Преспанското Езеро во Трампово езеро, но не сум сигурен дека и тоа би ни помогнало да добиеме подобар договор.
Многу поважен од договорот Вашингтон–Скопје за земјава, смета Хајдекер, е договор Вашингтон–Брисел. Ако тоа не се случи, Северна Македонија и Балканот неминовно ќе ја следат Европската Унија, вели тој, бидејќи се дел од тој економски систем. Па, ако не може да се води бизнис со САД кои претставуваат 15% од светскиот пазар, треба да размислува како да се соработува со останатите 85%.