Во своите први изјави по потпишувањето на меѓувладиниот договор со Велика Британија, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави старт на работата на изведувачот на пругата од оваа есен. Во последниот јавен настап посветен на темата, даде поинаква информација – дека ќе почне да се гради од следното лето или есен
На јавниот повик за прибирање понуди за кредит од банки и финансиски институции, распишан летово, земјава доби само индикативни понуди. До денес, не е избран кредитор. Финансиерите барале дополнителни информации, кажа министерката за финансии. Од Министерството за транспорт велат дека тоа не е причината што во меѓувреме склучија договор за изработка на техничка документација за пругата вреден еден милион евра, која е очекувано да се пишува до јули следната 2026 година
Ова е главната железничка станица, во главниот град на земјава. Има малку посетители, меѓу нив повеќето не се луѓе. Има тргнувања и пристигнувања, но ретки се и само до градови во земјава. Има пруга, но нема возови до, на пример, Приштина, Белград или Солун.

Зошто ги нема? Затоа што нема интерес од патниците. А нема интерес затоа што патувањето со воз во Македонија е далеку побавно отколку со автомобил или автобус.
Единственото нешто што патува преку граница по македонските пруги се производите што се превезуваат со товарниот сообраќај. И тој, како и патничкиот, оди бавно. Не само што пругите не се градени за брзи возови, туку не се во добра состојба и оние за спорите.

Па, привлече многу внимание министерот за транспорт Александар Николоски кога и по предизборната кампања лани високо на агендата ја стави идејата за изградба на брза пруга која, во крајна линија, ќе ја поврзе Атина со Виена, преку Скопје, Белград и Будимпешта.
„Нема побитен проект за Македонија од овој проект. Затоа што светот оди напред и ние или ќе фатиме чекор или ќе останеме слепо црево“,
изјави на 19 септември 2024 година министерот за транспорт Александар Николоски, на гостување на Канал 5 Телевизија.
За да се фати чекорот, Владата процени дека ќе бидат потребни околу две милијарди евра. Бидејќи земјава нема пари за таква инвестиција, тргна да ги бара надвор и ги најде во Велика Британија.

Официјален Лондон се обврза да резервира околу пет милијарди фунти за инфраструктурни проекти во земјава, пари кои во случајот на пругата се всушност гаранција за Македонија да може да подига кредити од банки или финансиски институции.
И, тогаш, министерот ги даде првите рокови за старт на изградбата.
„Очекуваме во текот на летните месеци веќе да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот и секако да одиме кон фазата на избор на изведувач којшто би почнал уште од оваа есен да работи на теренот“,
изјави Александар Николоски на 11 јуни 2025 година
Помина јуни, помина јули, па и август, но не само што ништо не се случуваше на терен, туку Министерството за финансии не избра ни кредитор. Тој не е избран ни денес. Зошто, вака во една прилика објасни надлежната – министерката за финансии.

„Јас ќе кажам имаме индикативни понуди. Имаме индикативни понуди, треба да обезбедиме дополнителни податоци, постапката е во тек. Повеќе од тоа не би можела да кажам“,
изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 24 септември 2024 година, за ТВ21.
Јавно, никој не објасни во детали какви дополнителни податоци треба да обезбеди Владата. Случајно или не, токму откако пристигнаа индикативните понуди Министерството за транспорт распиша тендер за изработка на техничка документација за пруга на коридорот 10. А првиот човек на ресорот, почна да го поместува стартот на работите, од првично ветенето – за есента.

„Имаме мало ограничување од законот за изборите, а тоа е дека до завршувањето на локалните избори не смееме да носиме одлуки коишто имаат финансиски апликации. Веднаш после завршувањето на локалните избори ќе ги донесеме овие одлуки и после ќе видиме багерите на терен, зависно од временските услови.
– Дали се работи тоа веќе, дали се проектира на терен…
Се работи, се работи. Прашањето е, зависно од временските услови, имајќи во предвид дека локалните избори завршуваат во првата недела од ноември, дали ќе видиме активности таму некаде крај на ноември, почеток на декември или во март“,
изјави министерот и вицепремиер Александар Николоски за Канал 5 на 18 август 2025 година.
Месец и половина по оваа изјава, министерот повторно говореше за стартот на градежните работи. Повеќе не ја спомена годинава.
„Во разговори сме со соодветните институции во дел на следните чекори кои се поврзани со финансирање и изградба и веќе следната година ќе градиме на терен“,
изјави Николоски за Сител ТВ, на 27 септември 2025 година.
А, откако помина првиот круг од локалните избори, повторно отиде во Велика Британија. Од Лондон, различно го интерпретираше првично даденото ветување.
„Добро напредуваат работите. Веќе почнуваат да се работат документите со цел почеток на работа. Ветивме дека оваа есен ќе почнеме и еве, оваа есен почнуваме“,
изјави министерот за транспорт на 21 октомври 2025 година.
Три недели подоцна, почна да остава простор дека градежните работи можеби ќе почнат и следната есен.

„Ќе ве поканам сите на пролет да ги видите првите градежни активности коишто ќе бидат во делот на геолошки истражувања и секако проектирање, а кога се ќе е завршено, се надевам дека од лето или најдоцна есен, ќе ги имаме и првите километри поставена пруга“,
изјави Александар Николоски во гостувањето на ТВ Телма на 12 ноември 2025 година.
Па, како се случи уште на стартот, брзата пруга да доцни како македонски воз.
Едноставно е. Земјава немаше соодветна документација. Зошто тогаш се влезе брзоплето во проектот, кој е стратешки и по значењето и по милијардите евра што ќе треба да ги враќаат и сегашни и идни генерации?
Министерот за транспорт Николоски веќе доби слично прашање на последното гостување на ТВ Телма. Тој објасни дека земјава имала документација за коридорот 10, но се јавило дополнително барање од британските авторитети.

„Ние имаме и физибилити студија и еколошка студија коишто се работени од Европската унија, по 1000 страни. Таму се, архивирани стојат и така натака. Она што сега ни е потребно како следна фаза, за тоа што го работиме со Велика Британија, се одредени студии коишто се по барање и според стандарди на Велика Британија и коишто се по барање на Јукеф, односно Јунајтед Кингдом Ескпорт Фајнанс, институтот којшто практично обезбедува гаранции за позајмиците коишти ќе ги имаме“,
кажа Николоски на 12 ноември 2025 година.
„360 степени“ ги побара од Министерството за транспорт студиите за кои говореше министерот во ова гостување. Добивме две, едната за пруга Драчево-Велес, друга за Куманово-Дељадровци. Точно е дека двете се делници од коридорот 10, но точно е и дека се само еден мал дел од пругата Табановце – Гевгелија.

На следново наше прашање до Министерството – „независно за чии потреби сега се изработува документација, кој е одговорен што Владата не знаеше дека е потребна таква техничка документација, а поради што целиот процес сега се одложува на повеќе од половина година“, го добивме следниот одговор:
„Во однос на прашањето за пролонгирање на проектот, Ве информираме дека процесот и постапките не се пролонгирани. Календарот на активности се одвива во рамки на предвидените рокови. Веќе беше најавено дека од оваа есен требаше да се започне со постапките и информираме дека динамкита на постапките се одвива токму според најавите и предвидените рокови и пругата ќе биде завршена во 2031 година.“
Дека техничката документација не е баш ситна работа најгласно говори фактот што таа ќе ја чини државава безмалку еден милион евра. Дополнително, пишува во договорот меѓу италијанската ЕРМ и Министерството за транспорт, сите извештаи треба да се означени како „ДОВЕРЛИВИ И ПРИВИЛЕГИРАНИ“.
Според роковите во договорот, за четири недели од датумот на склучување на договорот, период кој веќе е изминат, ЕРМ требало да испорачаат почетен извештај. До крајот на октомври 2025, што е уште еден изминат рок, земјава требало да добие извештај за избрана опција.
Физибилити студијата треба да биде готова до крајот на март 2026 година, Студијата за оценка на влијанието врз животната средина до крајот на јуни 2026 година, а конечниот извештај две недели по одобрувањето на Студијата.
Па, сепак, министерот Николоски за бараната техничка документација изјави:
„Па тоа е повеќе би рекол ревизија, затоа што ние тие документи ги имаме. Тие сега ќе бидат ревидирани и тоа е тоа.“
Прашавме дополнително во Министерството за транспорт – дали е веќе готов почетниот извештај и извештајот за избраната опција, кои според договорот би требало да се завршени. Или ќе бидат недостапни за јавноста поради барањето во договорот да бидат означени како „ДОВЕРЛИВИ И ПРИВИЛЕГИРАНИ“?

Не добивме јасен одговор дали се примени извештаите кои веќе треба да се изработени и дали како медиум може да ги добиеме:
Во однос на прашањето за доверливост на извештаите, потенцирааме дека во овој момент тие се доверливи, а истите ќе бидат испратени кога ќе бидат целосно завршени и одобрени до партнерите од Велика Британија.
ни одговорија од Министерството за транспорт и врски.
А дали брзата пруга ќе почне воопшто да се гради следната година, дилема поставува и буџетот. Во него, нема пари за такво нешто. Министерот веќе доби такво прашање. Еве го објаснувањето.
Затоа што, прво, секогаш се прави ребаланс на пола година, во јуни месец. И, второ, ова се разговори кои ние сме ги воделе затоа што станува збор за многу сериозен проект, фактурите ќе бидат двогодишни, односно полугодишни и очекувам фактурата што ќе биде за 2026 година да стигне во јануари 2027 година.
изјави Александар Николоски за ТВ Телма на 12 ноември 2025 година.

Во одговорите до „360 степени“, од Министерството за транспорт останаа на тезата дека изградбата на железницата не доцни. И покрај тоа што министерот првично ветуваше багери на терен уште во септември годинава, како и тоа што од ресорот што го води најавуваат дека кредитор ќе се избере во време слично со она кога треба да биде готова новата техничка документација.
Согласно планираната динамика, најдоцна до пролет следната година очекуваме да се избере најдобра финансиска понуда. Во однос на почетокот на градежните работи, според нашите планови, треба да започнат во текот на летото или рана есен исто така следната година, а целосна завршување на проектот очекуваме во 2031 година.
ни одговорија од Министерството за транспорт.
