Основата за почеток на постапката за валидноста на документот за познавање на англиски јазик на Бојан Христовски, кој неодамна беше именуван за директор на Агенцијата за национална безбедност, е анономна кривична пријава. Досега, од Јавното обвинителство велеа дека ќе ја почекаат ДКСК да ја заврши својата истрага, пред тие да се зафатат со случајот, бидејќи имале меморандум за избегнување на двојство при постапувањето
Основниот кривичен суд Скопје, пак, денеска ја објави пресудата против две директорки кои на почетокот на месецов признале вина за фалсификат и биле осудени бидејќи искористиле ТОЕФЛ-сертификати од истата фирма на која гласи сертификатот на Бојан Христовски. И осудените директорки и шефот на АНБ, со дипломите се стекнале во 2022 година
Основното јавно обвинителство Скопје отвора предистражна постапка за ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик издаден од училиштето „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија, а кој го употреби Бојан Христовски за да ги исполни условите и потоа да биде именуван за директор на Агенцијата за национална безбедност.

Интегрално, кусиот одговор од Јавното обвинителство кој ја содржи оваа вест, а кој дојде како одговор на повеќе прашања што ги постави „360 степени“, гласи:

„До Основното јавно обвинителство Скопје е доставена анонимна кривична пријава, по која ќе се постапува.“
Што значи тоа?
Пристигнувањето на анонимната пријава и одлуката на Јавното обвинителство да постапува по неа е битна промена во текот на настаните поврзани со сертификатот на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Сега е сосема извесно дека Јавното обвинителство ќе ги искористи сите механизми за да утврди – дали ТОЕФЛ-сертификатот на шефот на контраразузнавањето е вистински или лажен.

Дека е можно сертификатот на Христовски да е лажен говори пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од почетокот на месецов. Две директорки кои употребиле ТОЕФЛ-сертификат од истата компанија од Бугарија од каде што е сертификатот на Христовски, признаа вина дека документот им е фалсификат и се осудени на по две години затвор, казна која нема да се изврши ако не сторат кривично дело во следните четири години.
Во пресудата, за првата директорка, инаку избрана па разрешена од страна на актуелниот градоначалник на Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓеорѓиевски, пишува дека:
„Употребила како вистински лажни исправи – Сертификат за познавање англиски јазик бр. е-ENG131/30.11.2022 од училиште за странски јазици ‘ЈУЛИЈА ЦО.ЛТД’ од Пловдив, Р Бугарија и ETS TOEFL IBT – Test taker score report од 3.12.2022 година, иако такви исправи не биле издадени на начин што најпрвин ги превела кај овластен преведувач, а потоа ги употребила како доказ дека има познавање на англиски јазик и поседува сертификат TOEFL IBT, при нејзиното аплицирање на јавен оглас“,
се вели во пресудата за директорката на основно училиште во населбата Драчево.
Кај другата осудена, инаку директорка на здравствена установа чиј в.д. статус во август го потврди министерот за здравство од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, го пишува истото, со искучок на преведувањето:
„На 14.7.2023 година обвинетата… употребила како вистински лажни исправи – Сертификат за познавање на англиски јазик бр. е-ENG122/31.10.2022 од училиште за странски јазици ‘ЈУЛИЈА ЦО.ЛТД’ од Пловдив, Р Бугарија и ETS TOEFL IBT – Test taker score report од 26.11.2022 година, иако такви исправи не биле издадени, на начин што како доказ дека има познавање на англиски јазик ги употребила при нејзиното аплицирање на Конкурс…“,
се вели во пресудата за директорката на дебарска болница.
Сертификати од 2022 година
Пресудата за директорките не покажува само дека директорот на АНБ има ТОЕФЛ-сертификат од правно лице за чии документи има признание за вина дека биле лажни. Сличен е уште еден друг елемент, годината во која се издадени документите – 2022.
Според пресудата на Кривичниот суд, сертификатите на осудените директорки биле со датуми од ноември и декември 2022. Сертификатот на Бојан Христовски, пак, е од март истата година.
Јавноста немаше да ја знае таа околност ако директорот на АНБ, пред да стапи на функцијата, не се пријавел на Конкурсот за да стане асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Климент Охридски“ од Битола.

Во анексот на Билтенот со број 521, е објавено мислењето на рецензентската комисија, заедно со биографијата на Христовски, каде, меѓу другото, пишува:
„Има приложено уверение за познавање на англиски јазик TOEFL iBT со 75 бода од 26.03.2022 година, Language Shool Julia CO. LTD, Пловдив Бугарија и уверение за активно познавање на програмата за канцелариско работење.“
Но, во пресудите, не пишува како двете осудени директорки ги добиле или фалсификувале ТОЕФЛ-сертификатите. Судот решил да не ги изведува тие докази бидејќи функционерките признале вина.

МВР има пракса на ловење лажни сертификати, но…
А дека документите им се фалсификат, прва открила полицијата која им поднела кривична пријава во февруари и тоа во период кога сегашниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, тогаш беше министер во техничката влада на Талат Џафери. Самиот Тошковски, на крајот на април, на својот фејсбук-профил сподели уште еден таков, трет случај за оваа година.

„Пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца – детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат (TOEFL IBT) за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р. Бугарија“.
Па, уште во понеделник испративме повеќе прашања до МВР – како утврдуваат лажност на сертификатот, дали соработувале со бугарските власти, но и дали ќе го проверат и сертификатот на директорот на АНБ по сомнежите во јавноста. Четири дена подоцна и натаму немаме одговори.

Мицкоски бараше да провери ДКСК
Највисокиот владин функционер кој повика на проверки на сертификатот на Христовски е премиерот Христијан Мицкоски. Но, шефот на Владата не го повика ниту МВР, ниту Обвинителството.
„Јас тврдам дека сите согласно закон услови се исполнети. Единствен којшто треба да констатира дали тие услови се исполнети е, еве, Антикорупцискта комисија. Ги повикувам, да го истражи, брзо. На брза трака да го стави овој случај како прв приоритет и нека истражи“,
изјави Христијан Мицкоски на 27 октомври 2024 година.
Антикорупциската комисија еднаш веќе била исправена пред тој предизвик. Во 2021 година одлучувале по претставка поднесена во 2019-та – дека бил избран директор на Меѓуопштински центар за социјална работа кој приложил ТОЕФЛ сертификат за познавање на англискиот јазик од, веќе погодувате, училиштето за јазици „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.

ДКСК го запрела предметот од едноставна причина што можеле само да констатираат дека е поднесен сертификат, но не и да проверат дали тој е вистински или лажен.
„ДКСК забележува дека не е воспоставен јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање на странски јазици во странство… Поради ова, ДКСК ќе настојува заедно со Минситерството за образование и наука и другите надлежни органи да се изнајде соодветно решение за полагање на испитот за познавање на странските јазици над која ќе може на соодветен начин да се врши надзор“,
пишува во извештајот на ДКСК за предметот.
Такво решение и ден-денес нема. Сепак, ги прашавме сегашните антикорупционери кои работат на случајот со директорот на АНБ – дали имаат како да проверат дали сертификатот на Христовски е вистински или лажен? Не добивме дециден одговор.

„ДКСК, во рамки на своите законски надлежности, ќе изврши проверка на условите за именување на директор на Агенцијата за национална безбедност предвидени во законската регулатива, вклучувајќи го и условот за поседување на ТОЕФЛ сертификат.
Сите прашања што ги надминуваат надлежностите на ДКСК, ќе ги проследиме на надлежно постапување на другите државни органи“,
одговорија од ДКСК на нашите прашања.
Не сите случаи со „Јулија“ завршиле на суд
Директорот на АНБ, во интервјуто за „360 степени“, беше дециден дека сертификатот му е валиден.

„Одговорно тврдам дека ги исполнувам сите законски услови за именување на оваа позиција. Имам сертификат за англиски јазик како што е и наведен во биографијата на Факултетот за безбедност….
360 степени: Може ли да ве прашам за ТОЕФЛ сертификатот – Зошто во Пловдив сте полагале, а не во Скопје?
После ова интервју, доколку сакате, сметате и имате потреба од тоа, ќе ви дадам документ којшто е издаден во 2019-тата година од, како регулатива од претходната власт, за админстративно тестирање на вработните во државнта администрација којшто точно покажуа кој вид на тест од трите светски јазици којшто се говорат и се потребни во држава, кој вид на тест и во која држава и во кој град може да се полага… тој тест е положен во 2022 година, а не сега и беше најбрз начин како да дојдам до таа диплома бидејќи таму имаше отворен термин“,
одговори Бојан Христовски во интервју за „360 степени“ на 24 октомври 2024 година.
Во прилог на Христовки би можела да биде и кривичната пријава од фејсбук- статусот на Тошковски од април годинава. Во тој случај, за разлика од случајот со директорките, обвинителството го затворило случајот. И во тој случај станувало збор за сертификат од „Јулија Ко“ од Пловдив, но од 2019-тата година.

„Постапувајќи по поднесената пријава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе Решение за отфрлање кривична пријава, бидејќи во конкретниот случај, по преземање на сите дејствија, не се обезбедија докази дека осомничената го сторила пријавеното кривично дело – Употреба на исправа со невистинита содржина или друго кривично дело. Надлежниот обвинител постапувал во однос на серификат издаден во 2019 година од Language School “Julija CO LTD” – Пловдив“,
ни одговорија од Јавното обвинителство.
Во корист на директорот на АНБ е и увереноста на премиерот за исправноста на документите на Христовски.
„новинарско прашање: Ќе барате ли одговорност од директорот на АНБ поради наводите за лажен ТОЕФЛ сертификат?
Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи коишто овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во борба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Тоа дополнително ме мотивира, кога овие кодошко-удбашки инсталации во СДСМ и ДУИ напаѓаат чесни луѓе коишто си ја сакаат и работат за својата татковина“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски на 27 октомври 2024 година.
Предистражната постапка е тајна, па не треба веднаш да се очекуваат многу информации од обвинителството, освен можеби кои наредби се издадени.
Првиот јасен сигнал за исходот ќе го покаже одлуката која следува по предистражната постапка – случајот да се затвори или да напредува во истрага.