Парадигма за сите апсурди присутни во македонскиот јавен сектор, која на крајот се сведува на негрижа и недомаќинско управување со народните пари и имот
Антикорупциска бара од Владата да го разреши, а од Обвинителството кривично да го гони, но директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти вели дека вниманието треба да се насочи на сосема други работи, кои реши јавно да ги посочи и да ги покаже пред камерата на „360 степени“
Какво што е наизглед седиштето таква е и судбината на речиси сѐ што е поврзано со Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти. Наликува на запуштен магацин, има блокирана сметка, судски спорови за неплатени кирии и спортски објекти со кои наместо да се стопанисува – пропаѓаат. Како човек да не стапнал со години, но во државната фирма има и вработени и в.д. директор, за кого Владата состави Управен одбор за да го разреши.
По две години директорување, се тресе фотелјата на Шпенди Хајредин по иницијатива на Антикорупциската комисија, која смета дека директорот ја злоупотребил службената положба.
„Таа е одамна издрмана. Јас немам што да изјавам во тој поглед. Тие знаат…“,
вели Хајредин.
Функцијата на ова јавното претпријатие е да стопанисува со придружните простории на државните спортски објекти и да ѝ предлага на Владата кому да му ги додели спортските објекти во владение. Поради недомаќинско работење, жиро-сметката на претпријатието е блокирана безмалку две децении, па плата се добива на „алтернативен“ начин. Парите од кирии легнуваат директно на трансакциските сметки на вработените, наместо на сметка на фирмата, и тоа без да се платат придонеси. Директорот, пак, не може да земе плата ниту така, бидејќи е со блокирана лична сметка поради приватен спор, па неговиот личен доход оди на сметката на неговиот син, кој нема никаква допирна точка со претпријатието.
„Ние фактурираме на странките кои се закупци и по пат на цесии, со дозвола од Министерство за финансии, ги наплаќаме по пат на цесии или асигнации. Тоа е регуларно, ние дозволата ја добиваме на годишно ниво, така им се доделуваат платите и ги користиме средствата за трошоци. Јас моите средства можам и на Вас да ви ги префрлам, на кого сакам“,
вели Хајредин за „360 степени“.

Од некогашните педесетина објекти, директорот Хајредин вели дека сега стопанисуваат со десетина. А како оди тоа „стопанисување“, се гледа преку анализа само на неколку договори за закуп.
„Локомотива стадион?
– Па тој, плаќа – не плаќа, ама добар е, мислам, не плаќа секој месец.
Игралиште за ракомет – парк?
– Да, редовен е.
Базен Чаир?
– Половината е редовен, половината е узурпиран, и таму е изградено хотел.
Ама ова е несериозно… ова се државни простории.
– Да, па баш затоа не знам зошто Антикорупциска не се позанимава со овие кога е информирана?
А дали вие се позанимававте?
– Како не, ние цело време се обидуваме.
Како може некој да плаќа или да не плаќа?
– Па, во Македонија сѐ е возможно.
Ама вие како директор…
– Јас како директор интервенирам, одам, со сите се договараме да ги платат, меѓутоа немаме доволно средства, над еден милион се сумите, за сите треба по 47 илјади да се плати само за тужба“,
објаснува Хајредин.

Од 14 вработените, со нова систематизација, Хајредин вели дека го намалил кадарот на шестмина. Ова импровизирано признание, најверојатно, значи дека има и задоволни од работата на директорот

Според Статутот на јавното претпријатие, кој патем е донесен пред две децении, државната фирма има Управен одбор од 9 члена, кој ја води организацијата и именува и разрешува директор. Но, со години одлуки се носеле прво со „амин“ од само тројца члена, а потоа со два гласа.
„Не е моја работа да правам статут или правилник, значи тоа е работа на Управниот одбор. Управниот одбор е должен, по стариот Статут, сам себе да си направи нов.
Вие ги познавате членовите на Управниот одбор?
– Па, како не ги познавам, беа тука, работеа.
Е па, не сте им укажале на ова?
– Па, јас прво сум укажал дека нема кворум. Има три дописи до Секретаријатот на Владата, јас трипати предложив по тројца, досега немам одговор“,
вели Хајредин.
Дел од објектите со кои стопанисува ова претпријатие се во непосредна близина на дирекцијата. Хајредин ни покажа делови од огромната парцела на која се простира Спортско-рекреативниот центар „Кале“. Дел од закупците на деловните објекти со децении ги држат објектите, го добиваат претпријатието на суд по разни основи, доградуваат, а и покрај тоа што должат пари, не се иселуваат.
„Тоа си стои одамна, веќе некои 10-15 години, тие ги додале и фрижидерите, сѐ таму.
Функционира ли ова внатре?
– Не функционира, тие така го држат, само заради некој долг што го има Јавното претпријатие. Eве, направи тенеќе и ќе го легализираш во Македонија“,
вели Хајредин.

Тргнавме и кон базените, некогаш капитална спортска инвестиција оставена на забот на времето.
Овој простор стана актуелен во јавноста кога Антикорупциска отвори предмет за Даниел Димевски, советник за спорт на премиерот Зоран Заев во претходниот мандат, кој закупил деловен простор. Хајредин објаснува дека фирмата „Олимпик“, каде што Димевски е управител долго време, и претходно закупувала објекти, а по добиен судски спор бара паричен надомест и деловен простор во кој било друг спортски објект како отштета.
„Овие помошни објекти му беа издадени на ТУРД ‘Олимпик’ со кој беше поништен договорот, за кој Антикорупциска кажа дека е многу лош договор, иако тој има побарување од 500 илјади евра кон нас.
Зошто го поништивте?
– Имаше многу реакции во власта и тоа беше искористено во погрешна насока“,
тврди Хајредин.
Не само деловните простории, пропаѓаат и базените, за кои Хајредин смета дека Владата може да ги спаси само ако им ги предаде на спортските федерации.
Ништо подобра не е сликата и на некогашното лизгалиште, за кое Хајредин вели дека по судски пат го одзеле од приватна фирма закупец и го дале под кирија на Лизгачката федерација.
„Го издадовме на 5 години и дадовме иницијатива до Владата да им се додели на трајно користење за да можат да најдат инвеститор за да го средат и лизгалиштето да се врати во нормална состојба.
А зошто за 150 евра кога тонете во долгови?
– Па сега немаме никаков, нула ни е ќарот ако не постојат тие. Единствено Лизгачката федерација е таа што може да инвестира, да најде надворешни и внатрешни фондови за да може да го поправи“,
вели Хајредин.
Државната комисија за спречување на корупцијата поинаку гледа на работењето на Хајредин. По пријава на „свиркач“, чешлани се процесот на исплата на плати, договорите за закуп и одлуките на Управниот одбор. Резултатот од истражувањето го соопштија во мај годинава.
„Државната комисија увиде дека постојат низа слабости во работењето на директорот поради што ќе упати иницијатива за поведување одговорност до Владата. Значи, Владата да утврди одговорност на директорот, но, поради тоа што постојат и основи за сомневање за злоупотреба на службената должност, ќе упатиме иницијатива до соодветното јавно обвинителство да постапува по овој предмет. Се работи за тоа што утврдивме дека директорот издавал под закуп спортски објекти кои според Законот за спорт не треба да ги издава, бидејќи тие се суштински, но склучувал договори за закуп без одлуки донесени од страна на Владата“,
соопшти претседателката на ДКСК во мај годинава.
Предметот го работела антикорупционерката Катица Николовска, која до денес не отстапува ниту милиметар од наводите испратени до Владата и до Обвинителството. Статутот на претпријатието, според неа, не е усогласен со Законот за јавни претпријатија и за спорт.
„Со тоа што Статутот не е усогласен со овие закони, значи постои преклопување на самите надлежности и остава можност јавното претпријатие да стопанисува со објекти кои воопшто не се во негова надлежност. Мислам дека и тука се потврдија некои делови од пријавите, од информациите што ги имавме, дека Јавното претпријатие дозволува придружни објекти што се во склоп на спортските објекти, иако за тоа нема право, да ги даде на користење“,
вели Катица Николовска, член на ДКСК.

Таа не го прифаќа образложението на директорот дека за исплата на платите добиле „амин“ од Министерството за финансии.
„Кога се исплаќа плати преку компензација, значи мора компензацијата да опфаќа и придонеси, а не само нето-плати. А тие сега фактички фиктивно исплаќаат нето-плати, а должат пред фондовите на име даноци, УЈП, придонес за здравствено пред Фондот за здравство, пензиско немаат платено“,
објаснува Николовска.
Токму на предлог на Антикорупциска, минатиот месец Владата именува нови членови на Управниот одбор и им препорача да го разрешат директорот Хајредин, иако нема одбор кој може да го стори тоа. Според Николовска, вина има и кај самиот орган на управување.
„И понатаму останува проблемот со одлуките што Управниот одбор ги има донесено без потребно мнозинство, значи тоа се невалидни одлуки и треба да се преиспитаат.
– Но, кривичната пријава е само против директорот.
– Добро, тој е одговорно лице, можеби Јавното обвинителство ќе ја прошири пријавата ако оцени дека има доволно елементи за кривично гонење и на други засегнати страни“,
ни кажа Николовска.
Со именувањето на четворица нови члена на Управниот одбор и еден постоен, Владата смета дека е отворен патот да се разреши директорот Хајредин, и тоа го препорачала кон крајот на минатиот месец. Владата како причини наведува индиции дека директорот го прекршил Кодексот за етичко однесување, а презел и постапки кои укажуваат на надминување на надлежностите предвидени со Законот за јавни претпријатија. За разлика од јасната намера за директорот, судбината на јавното претпријатие е неизвесна.

Директорот Хајредин вели дека имал план за рехабилитација, но смета дека намерата на власта е претпријатието да се исчисти од долгови и да згасне, а надлежностите да ги преземе Агенцијата за млади и спорт. Наводите за кривична одговорност не го загрижуваат.
„Нема проблем, нека го докажат тоа, значи нека го докажат, нека документираат, нека кажат“,
порачува тој.
Од Јавното обвинителство велат дека предметот е во предистражна постапка.

Без разлика на кривичниот исход за поединец, останува загубата за општеството, најмногу за спортистите.