Томас Вајц, фармер од Австрија, кој припаѓа на групата на „Зелените“, а од недоамна и нов известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, не ги крие симпатиите за земјава и нејзините евроинтеграции кои сака да ги види одблокирани. Но, истовремено, Вајц, со кого „360 степени“ разговараше во Брисел непосредно по состанокот на Комитетот за надворешни работи на ЕП на кој шефот на дипломатијата Муцунски одговраше на серија прашања, вели дека има одредени задршки околу иницијативата на новата влада за уставни измни со одложено дејство
„Имам прашалници во врска со тоа. Можеби не толку од политички, туку од правен аспект, дали навистина ова е стратегија која би била применлива и изводлива. Попрво би се залагал да се најдат други решенија со кои би се осигурило дека барањата, кога станува збор за заштита на малцинствата, и ова не се однесува само на Бугарија, бидејќи заштитата на малцинствата треба да биде во сржта и на европските држави при процесите на носење одлуки, тоа е многу важна политика за земјата, генерално, да продолжи напред“, вели Вајц
360°: Г. Вајц, неодамна ја презедовте позицијата известувач во Европскиот парламент за Северна Македонија. Имавте состанок, заседание на Комитетот, каде еден од гостите беше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Како ја оценувате моменталната состојба со земјата и неможноста да се отворат преговарачките кластери поради незавршување на задачата за уставни измените?
Томас Вајц: „Пред се, за поздравување е што има Влада која носи стабилност и која има мнозинство кое е во можност да носи далекусежни одлуки. Мислам дека ова е добар развој. Уште еднаш, тоа е комбинација од неколку партии кои ја отсликуваат етничката слика на земјата. Мислам дека тоа е многу важно и е рецепт којшто ја води земјата кон решавање на конфликтите на политички и дипломатски начин, наместо на насилен начин, што е големо наследство на земјата. Во однос на пристапните разговори, кога јас почнав да работам на проширувањето, имаше две држави што се издвојуваа. Тоа беа мојата соседна земја и втора татковина Словенија и Северна Македонија, во тоа време само Македонија. Всушност, многу жалам што денеска имаме ситуација во која Северна Македонија се уште не напредува со преговорите. И ова се должи, би рекол, на грешки што ги направивме како ЕУ. Многу жалам што процесот на носење одлуки во ЕУ, исто така и во меѓучекорите при пристапувањето, мора да се донесат едногласно во Советот. Мислам дека ова е нешто што ние како ЕУ треба добро да го реобмислиме. И да, во оваа ситуација, единствениот начин за излез е да се најде дипломатско решение со соседот Бугарија, дипломатско решение во смисла на гаранции дека штом Северна Македонија ќе ги исполни барањата кои се на маса денес, нема да биде соочена со дополнителни барања на месечно или неделно ниво.“

360°: Гледате ли некаква можност за она за што притиска новата македонска Влада, усвојување на уставни промени со одложено дејство? Дали сметате дека ова е изводливо?
Томас Вајц: „Имам прашалници во врска со тоа. Можеби не толку од политички, туку од правен аспект, дали навистина ова е стратегија која би била применлива и изводлива. Попрво би се залагал да се најдат други решенија со кои би се осигурило дека барањата, кога станува збор за заштита на малцинствата, и ова не се однесува само на Бугарија, бидејќи заштитата на малцинствата треба да биде во сржта и на европските држави при процесите на носење одлуки, тоа е многу важна политика за земјата, генерално, да продолжи напред. Оваа легислатива може да биде донесена и во нормален законодавен процес со големо мнозинство кое, во моментов, би и покажало на бугарската страна дека Северна Македонија е подготвена да се придвижи на овие прашања. Мислам дека ова е поприменливо решение, но е и нешто што вашата Влада треба да го преговара со Бугарија.“
360°: Спомнавте сега, а и во вашите неодамнешни јавни настапи зборувате за некаков вид гаранции. Цитирам: „Има потреба од некакви правни гаранции од бугарска страна дека по уставните измени, нема да има нови барања“. Дали е ова остварливо, кој може да гарантира дека нешто нема да се случи за 5-10 години отсега?
Томас Вајц: „Сите сме навикнати на потпишување договори меѓу себе, на сериозно потенцирање на нашите обврски коишто ги потпишуваме во договорите и, како што е случај во секоја демократска држава, Владите може да се сменат, мнозинството може да се смени, и тоа е добро. Така што, апсолутно, стопроцентна гаранција е нешто што ниту една земја не може да го обезбеди за пет или десет години отсега. Но, би можело да има билатерални договори кои би покажале дека барањата се исполнети и дека бугарската влада, штом имаме влада зашто тоа е дел од проблемот, или претседателот, ако дозволуваат неговите овластувања, можат да потпишат ваков договор, билатерален договор. Тоа би дало еден добар сет на гаранции дека нема да има други билатерални барања на маса. Но, уште еднаш, мислам дека е подобро решение, ние ЕУ да го смениме методот и да не се потпираме на едногласно носење одлуки за меѓучекорите во пристапниот процес. За да се почнат преговори – да. Исто така, да се има конечен договор за да се одобри една земја да влезе во ЕУ, таму би ни требало едногласност, но не за процесот помеѓу.“
360°: Дали сте разговарале за оваа идеја со вашите бугарските колеги, европратениците од Бугарија, бидејќи само што ги слушнавме дека се многу крути во нивните позиции, во однос на нерешените прашања меѓу двете земји?
Томас Вајц: „Зависи и со кого разговарате. И има разум и разумни колеги кои се животно заинтересирани за воспоставување добри односи, добри економски односи, но и на лични односи и кои разбираат дека во моменталната геостратешка ситуација ни треба стабилност во регионот. Треба да гледаме кон просперитет за целиот регион. Треба да градиме врз основа на тоа што ни е заедничко, а не врз она на тоа што не раздвојува. Така што, гледам и меѓу бугарските колеги дека има некаков напредок за предлози за тоа како да се продолжи натаму. Морам да кажам дека жалам што бугарската дебата е толку обременета со емоции години наназад и тоа може да биде една од причините зошто не е толку лесно за бугарските колеги, барем јавно, да се откажат од старите комуникациски рамки. Но, гледам напредок.“
360°: Но, претпоставувам, не меѓу сите?
Томас Вајц: „Не. Има големи разлики, исто така, меѓу различни политички групи. И како што има во Бугарија, ние имаме во Австрија и во другите европски земји, радикални гласови кои споделуваат радикални ставови.“
360°: Кога ќе ја оставиме настрана ситуацијата во Бугарија, според вас, кои се останатите предизвици со кои Северна Македонија се соочува сега, во смисла на евроинтеграциите?
Томас Вајц: „Северна Македонија предничи кога станува збор за процесите на носење одлуки за заедничкото европско право. Значи, на законодавната страна, каде гледам простор за подобрување, е во делот на спроведувањето на законодавството. Во многу случаи, гледате дека има добро законодавство, но кога станува збор за граѓаните да ги осетат придобивките, да дозволите граѓаните да ги видат промените во пракса, мислам дека таму има простор за напредок. Но, и во сложениот сет на добрососедските односи. Односите со Бугарија, со Грција се чувствителни, односите со Албанија се чувствителни. Северна Македонија е во опкружување, во географски контекст каде добрососедските односи се клучни за напредок. Видов загрижувачки изјави од ВМРО во предизборната кампања, но морам да кажам дека откако ја презедоа власта и одговорноста за земјата, изјавите се омекнати и гледам можности да се постигне напредок. Можеби, конкретно за коридорот 8 и коридорот 10. Тоа се два коридора кои се многу важни за економскиот развој на регионот, но и при евентуална потреба за воени транспортни капацитети. Мислам дека ова се два предовладувачки интереси на соседните земји, на ЕУ и се надевам и на Северна Македонија. Треба да работиме на ова.“
360°: Во последниве две и пол години, од инвазијата на Русија на Украина, клучната фраза беше дека има „момент во проширувањето“. Дали е вистина? Дали ЕУ навистина одлучи дека и требаат нови членки, особено од Западен Балкан?
Томас Вајц: „Можам дефинитивно да го потврдам тоа. И во земји членки на ЕУ кои беа скептични кон проширувањето, денес има јасна посветеност дека треба да се ангажираме. Гледам дека и ЕУ-институциите одвојуваат многу повеќе капацитет, ресурси во регионот. Мислам дека пораката е разбрана. Мислам дека секој политичар, разумен политичар во ЕУ, сега знае каде е Западен Балкан и дека ова е во дворот на ЕУ, а не некаде на периферијата, каде што Европа завршува. Така што, да, дефинитивно да. Една мала лоша околност за ситуацијата на Северна Македонија се билатералните прашања со Бугарија. И во овој случај, да, има некоја позитивна поддршка од многу страни од ЕУ, но и притисокот кон Бугарија да се продолжи кога станува збор за добрососедските односи, нема толку силна поддршка како што беше неколку години претходно, бидејќи мораме да се држиме заедно и да гарантираме солидарност меѓу земјите членки на ЕУ кога станува збор за заеднички позиции, за санкции за Русија и за поддршка на Украина. Така да кажам, фокусот на вниманието се придвижи во таа насока, па има плус во насока на јасна поддршка за пристапување на Северна Македонија, но ја има и оваа лоша околност дека притисокот врз Бугарија, во рамките на ЕУ, не е толку силно присутен како што беше претходно, пред инвазијата на путиновата армија на Украина.“