Бидејќи ние имавме одредени промени во составот и повеќе го отворив како дебата дека комисијата бара одреден тип на нов дух, нова свежина без да прејудицирам дали ќе биде тоа промена на состав, дали ќе биде промена во динамиката на средби, со структурата на средби, во пристапот – вели министерот Османи, во интервју за „360 степени“ дадено во Софија, објаснувајќи го својот повик до бугарската страна да размисли за промени во составот на нејзиниот дел од историската комисија
Пакетот на политички прашања (5+1) ќе се разговара од министерствата за надворешни работи паралелно со дијалогот за секторска соработка во работните групи, одговара шефот на дипломатијата за статусот на најделикатните теми
Министре Османи, утре е заедничката седница на македонската и бугарската влада. Денеска како најава, како претходница, беше вашата средба со шефицата на бугарската дипломатија Генчовска. Како помина средбата и интересно е, бидејќи во соопштението од МНР пишува дека сте разговарале и за одговорите коишто во декември Скопје ги прати на 5+1 прашање, каква беше реакцијата?
Османи: Па, ова беше подготвителен состанок бидејќи, сепак, министерствата за надворешни работи ќе останат координатори на овој процес и во делот на политичките, отворените прашања, меѓутоа, и како координација на работните групи. Така што, беше важно денеска, во пресрет на таа меѓувладина средба утре, да ги поставиме насоките на самиот процес во смисла на календарот на средбите и во делот на политичките прашања, во делот на структурата на разговорите, за да може веќе во наредните денови да се почне и тој процес на разговори по однос на политичките прашања, односно т.н. пакет 5+1.
По промовирањето на новиот пристап во дијалогот, со формирањето на тие работни групи, имаше различни интерпретации за во јавноста во однос на т.н. 5+1 или сега 4+1 прашање. Во некои интерпретации се велеше дека сега веќе нема 5+1 прашање туку дека има работни групи. Што, всушност, сега е на маса?
Османи: Видете, работните групи се по однос на секторската соработка. Односно, создавање платформа за да може секторската соработка да добие предвидливост. И за тоа ги имаме петте работни групи плус дополнителна ад хок работната група, вклучувајќи ја и историската. Меѓутоа, пакетот на политички прашања, јас не би одел во однос на бројките 5+1, бидејќи знаете одговорот од декември беше 5+1+1. Така што, релативно е дали е сега 5+1 или помалку, затоа ќе кажам – пакетот на политички прашања, исто така, ќе се разговара паралелно со овој процес – создавање платформа за секторската соработка и работата на историската комисија и тоа ќе се случи паралелно во рамки на разговорите на двете министерства за надворешни работи за кои јас очекувам наредните денови да се случи.
Колку што Ве разбирам, зборуваме за два паралелни процеси?
Османи: Тоа значи дека секторските работни групи ќе се состануваат по еднаш неделно, по една работна група, и тоа му доаѓа на секоја петта недела истата работна група ќе се состане повторно во која ќе се разговараат прашањата на проекти, прашањето на подобрување на инфраструктурата, економијата, културата, образованието итн. Во рамки на овој процес е и работата на историската комисија. Додека министерствата за надворешни работи, паралелно, ќе продолжат со разговорите во однос на отворените прашања во рамките на овој сет политички прашања наречен 5+1 или како и да е.
Значи тој формат ќе си продолжи и понатаму?
Османи: Тој формат ќе си продолжи понатаму

Во интервју за Би-ти-ви одново го отворате прашањето за можни измени во составот на историската комисијата од бугарска страна.
Османи: Јас повеќе го наметнав како тема за разговор. Бидејќи ние имавме одредени промени во составот и повеќе го отворив како дебата дека комисијата бара одреден тип на нов дух, нова свежина без да прејудицирам дали ќе биде тоа промена на состав, дали тоа ќе биде промена во динамиката на средби, во структурата на средби, во пристапот. Едноставно, во разговорите со комисиите и тие се согласуваат дека е потребна одредена свежина во нивното работење. Како што кажав, без да прејудицирам што тоа би било, сепак, мислам дека од оваа временска дистанца од две-три години, колку што работи комисијата, имаме доволно искуство за да направиме пресек, да направиме рефлексија во однос на предностите и слабостите на досегашниот начин на работа за евентуално да се даде нова свежина и нова динамика на процесот. Се разбира, сето тоа останува во рамките на законската основа во однос на Договорот за добрососедство.
Дали мислите дека од персоналниот состав на комисијата, многу ќе зависи работата, функционирањето, па на крајот и епилогот од работата на таа комисија?
Османи: Видете, сигурно тоа е важен фактор. Јас, сепак, тоа го оставам на самата комисија. Знаете дека последниот член што се уште не е одреден, иако тоа е моја обврска да предложам на влада, јас го препуштив на комисијата, на претседателот на комисијата да предложи член, бидејќи тие најдобро ги знаат експертите. Не се мешам во внатрешната динамика на работење, меѓутоа се обидувам да ја отворам темата дека можеби од оваа временска дистанца може да учиме од одредени искуства за нивното работење. Бидејќи за двете држави историската комисија беше ново искуство кога се создаде. Сега можеме да кажеме дека имаме доволно акумулирани искуства од двете страни за да можеме да направиме пресек па евентуално да продолжиме на ист начин или, пак, да се внесе нова динамика. Меѓутоа, реков, тоа е повеќе отворање на дебата, на разговор којшто ќе се случи во рамки на овој процес кој го отвораме сега.
Дали очекувате новиот пристап со Бугарија да даде резултат којшто треба конечно да го тргне бугарското вето и во каков рок сметате дека тоа може да се случи?
Османи: Ние влегуваме со намера за надминување на разликите и деблокирање на процесот на европска интеграција. Ултимативно, тоа е конечната цел на целиот овој наш ангажман. Влегуваме со добра намера за да го решиме ова прашање и никој не може да прејудицира, имавме и не толку добро искуство во изминатиот период и кога бевме оптимисти и кога бевме помалку оптимисти. Така што, сега влегуваме со нова динамика, со една нова структура, нов календар. Ќе видиме што од тоа ќе произлезе. Важно е дека граѓаните треба да бидат спокојни, нашите позиции се во рамки на Декларацијата на Собранието, во рамките на еден широк консултативен процес во кој се вклучени многу институции, многу експерти и, на крај, пред било која одлука, граѓаните ќе бидат, исто така, информирани и Собранието информирано. Меѓутоа, сега е битно да се искористи ова ново поглавје отворено меѓу две нови легитимни политички влади и се надевам дека секој ќе помогне во создавањето на предусловите за надминување на оваа блокада во којашто се наоѓаме.