Првата цел на лекувањето е спасување на здравјето и животот. Трансплантациите на кожа и на ткива се вршат во подоцнежна фаза на лекувањето, вели д-р Валентин Димитров во интервју за „360 степени“
Сите пациенти во „Пирогов“ биле примени на реанимација во Клиниката за изгореници и пластична хирургија, со исклучок на едно дете кое било на реанимација во детското одделение, вели тој
Во моментот кога го снимавме интервјуто со д-р Димитров, интубиран беше само уште еден од пациентите кои се згрижени во „Пирогов“. Денеска, бугарската ТВ „Нова“ објави дека и тој е екстубиран
„Првите пациенти кои пристигнаа во болницата „Пирогов“ беа осум луѓе. Но другиот ден при посетата, со блиските со кои се сретнав во болницата, при разговор со нив видов дека едното дете кое е кај мене во канцеларија ја крие раката и кога го погледнавме, видовме дека е со длабоки изгореници и тоа е деветиот пациент кој го примивме, бидејќи раните беа за болничко лекување. Пациентите притигнаа во исклучително тешка состојба со изгореници на рацете, горните екстремитети, главата, лицето и сите пациенти беа со тешки изгореници и оштетувања на мукозната мембрана, на горните и долните дишни патишта што наложи интубација. Се работи за многу млади луѓе од 15 до 31 година, само двајца се на 29 и 31 година, другите се за мене деца. Започнавме веднаш со мерки за реанимација. Екипите на професор Аргирова, која е началник на Клиниката за изгореници се собраа максимално брзо, морам да изразам благодарност затоа што и колегите кои беа на одмор и не беа на работа се одѕваа веднаш и во рамки на два работни дена започнаа и ги обработија оперативно сите повредени пациенти. Карактеристиката на изгорениците е таква што брзата реакција на лекарите е многу важна со цел побрзо заздравување на раните, но и намалување на загубата на течности и подобрување на состојбата.“
360°: Каков тип на операции беа направени?
„Операциите се карактеризираат со отстранување на изгорените делови, прочистување на раните, но некаде тоа се многу болни места и се прават под анестезија, тоа е оперативна интервенција.“
360°: Трансплантација на кожа опфатена е?
„Трансплантациите на кожа и на ткива се во подоцнежна фаза, кај некои се наложи да се направат соодветно, кај други претстои, но тоа се работи кои следуваат. Првата реакција кај тие болни е спасување на здравјето и животот. Следниот естетски дел ќе претстои. Сите пациенти беа примени на реанимација во Клиниката за изгореници и пластична хирургија, со исклучок на едно дете кое беше на реанимација во детското одделение.“
360°: Во моментов каква е состојбата?
„Позитивни вести кои можам да кажам се дека од девет пациенти кои ги имавме, еден е испишан на домашно лекување, од останатите осум само еден е се уште интубиран затоа што не дозволува неговата состојба. Во моментот се бориме со второстепените повреди и проблеми кои се манифестираат како општа инфекција, инфекција на дишните патишта, од проста причина што секое едно изгорено место, тоа преминува низ различни етапи и во еден момент инфекцијата е нешто што е очекувано. Сите пациенти се со соодветна терапија, со се што е потребно, со антибиотска терапија во зависност од микробиологијата која е соодветно изолирана, тие се индивидуални и продолжуваме да се грижиме за нив со сите методи на медицината кои се познати, зашто би кажал дека Клиниката за изгореници е опремена и има можност да се прави се што се прави во светот од сферата на медицината. Така што ние, дефицит од гледна точка на апаратура, лекови и медицинска експертиза и професионализам, немаме.“
360°: Споменавме дека Центарот, односно Клиниката пластика и изгореници која е во „Пирогов“ е една од поголемите во регионот. Колкав е капацитетот, како функционира , како се прави тријажа на пациенти кои се за тој оддел?
„Клиниката за изгореници и пластична хирургија е една од најмодерните во Бугарија и во целиот регион. Поделена е на два дела – детска и за возрасни. Вкупниот број кревети во клиниката е 65, што е постојниот број на кревети. Имаме дополнително 15 реанимациски кревети кои се опремени со современа апаратура и современ потрошен материјал и се што е потребно. Но тоа не е цел капацитет, така е направена клиниката и начинот на работа во „Пирогов“, зашто ние сме итна болница од национално и регионално значење и при катастрофи, хаварии и такви трагични инциденти, каков овој, имаме можност да го зголемиме капацитетот на клиниката, да примиме голем број пациенти, колку што е потребно и да им понудиме висок квалитет и потребна помош за да им ги спасиме животите.“
360°: Има осум пациенти од Кочани кај вас во болницата, еден рековте дека е интубиран, кога очекувате дека може да се испуштат од болница?
„Тоа е многу релативно. Изгорениците на горни и долни дишни патишта кои ги имаат тие пациенти имаат потреба од многу долга терапија, многу долг престој во болница. Замислете си еден пациент што ќе се разболи од пневмонија колку долго боледува додека да се исчисти и да се залекува, а тука зборуваме за засегање на дишните патишта кое е многу подраматична и потешка состојба. Не би одел со прогноза кога би било тоа, но молбата е блиските да се вооружат со трпение, зашто тоа е долг процес на оздравување. Тоа што би сакал позитивно да кажам е дека јас искрено се надевам, уверен сум со секој изминат ден за тие пациенти дека крајниот резултат ќе биде позитивен.“